Завршија „RoboMac“ и „RoboMac junior 2024“

Со финалниот натпревар во пет различни категории на Факултетот за електротехника и информациски технологии заврши овогодинешното 12-то издание на RoboMac.

На натпреварот учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ, Машинскиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, распределени во 22 тимови. Студентите Ана Софрониевска и Емилија Чешмеџиевска победија во категоријата „Robotic Arm Challange“, натпревар каде секој тим градеше кула со претходно дефиниран код. Оценувањето се базираше на освоените поени од објектите од кои е изградена кулата, скалирани во однос на нејзината висина, така што тимот кој имаше највисока кула ги добива сите освоени поени, додека секој тим со пониска кула добиваше само одреден процент од поените.

Во наредниот натпревар, со наслов „Sense the color select the line“, составен модел на автономно возило следи исцртана црна патека со пет кружни текови. Пред секој кружен тек на одредено растојание од десната страна на правецот на движење на возилото беше поставен колор маркер (црвен или зелен). Ако возилото детектира црвен маркер, треба да се движи по десната патека од кружниот тек, а ако детектира зелен маркер – да се движи по левата патека. Возилото треба да застане откако ќе детектира пет црвени маркери. Возилото на тимот во состав Анамарија Илиева, Даниел Мојсоски, Ангел Затуроски стигна до целта за најкратко време со точно детектирање на бои и со застанување на возилото во зоната на маркерот.

Колички возеа по мапа со сива боја во натпреварот „Self-racing cars“, каде почетокот и крајот беа означени со црно-бела шаховска шара. Тука победи најбрзата и најпрецизната количка, која направи четири успешни кругови на тимот Лазар Ванчов, Ива Паризовска и Елеонора Петковска.

Во категорија Chatbot challenge учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот Џет Бот на македонски јазик. Задачата е тешка од повеќе аспекти: тие требаа да направат модел за препознавање на македонски јазик од нула и да го научат да работи за различни гласови, во различни акустични средини и во услови на шум и бучава. Победници во оваа категорија се студентите Максим Пановски и Илина Лефкова.

Во категоријата „AI Football“ се одвиваше фудбалски натпревар меѓу тимови од по три играчи (агенти програмирани со вештачка интелигенција). Секој од четирите тимови играа по еден натпревар со останатите меѓусебно. Победници во категоријата се: Леонид Трајкоски и Благоја Николоски.

Паралално, на ФЕИТ се одржа и Робомак Јуниор за ученици од средните училишта од Македонија, во организација на ФЕИТ и студентскиот огранок на ИЕЕЕ. На овој натпревар учествуваа 54 учесници од четврта година од 26 средни училишта од Македонија. Учениците се натпреваруваат во две категории: Автономна мобилна роботика и Паметна електроника за автономни возила. Во двете категории беа доделени златни, сребрени и бронзени медали.

Робомак 2024 се одржа по 12-ти пат, со голем број учесници, кои во неколку дена им дадоа дополнителни знаења и вештини на студентите.

Жестоки борби во Газа, САД предупредуваат на „повоена анархија“

Жестоки судири имало и во северниот и централниот дел на опколениот Појас Газа, јавуваат странските агенции.

Израелската армија денеска се судри во Појасот Газа и во Рафа со припадниците на Хамас и покрај барањата на САД да не започнуваат инвазија во тој пренаселен град. Америка, исто така, предупреди дека на палестинските територии им се заканува повоена анархија.

Жестоки судири имало и во северниот и централниот дел на опколениот Појас Газа, јавуваат странските агенции.

Во меѓувреме, Израел се подготвува вечерва да го прослави Денот на независноста, седум месеци по почетокот на војната со Хамас.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху утринава за време на Меморијалниот ден, кој му претходи на одбележувањето на Денот на независноста, изјави дека израелската војна за независност сè уште не е завршена и продолжува.

„Ние сме решени да победиме во оваа борба“, рече Нетанјаху.

Минатата недела, и покрај меѓународните предупредувања, вклучително и од својот најблизок сојузник САД, Израел испрати тенкови и војници во источниот дел на Рафа, град на границата со Египет, каде што околу 1,4 милиони Палестинци се засолниле од конфликтот во други делови на Газа.

Блинкен во неделата рече дека не видел кредибилен израелски план за заштита на цивилите во Рафа, ниту план за тоа што ќе се случи ден по завршувањето на војната во Газа и предупреди на опасноста од останување на вооружените членови на Хамас и поствоен вакуум исполнет со анархија.

Жителите на Рафа денеска добија нови израелски наредби за евакуација преку телефон и СМС пораки.

Во услови на континуиран конфликт, напорите на Египет, Катар и САД да посредуваат за прекин на огнот сево застој. /МИА

Шукри: Израелската воена операција во Рафа создава сериозни безбедносни ризици

Шукри во телефонскиот разговор со Блинкен ја истакнал и потребата од обновување на испораката на хуманитарна помош за Појасот Газа.

Шефот на египетската дипломатија, Самех Шукри, денеска телефонски му соопштил на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека актуелната израелска воена операција во Појасот Газа, а особено во пограничниот град Рафа, создава „сериозни безбедносни ризици“, јавија британските медиуми.

Шукри во телефонскиот разговор со Блинкен ја истакнал и потребата од обновување на испораката на хуманитарна помош за Појасот Газа.

Двајцата разговараа и за израелското заземање на граничниот премин Рафа од палестинска страна, се додава во соопштението на египетското Министерство за надворешни работи. /МИА

Маринакис: Грција е многу силна за да се исплаши од настани како оној на Рама во Атина

Рама вчера беше во приватна посета на грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји со цел да се сретне и да им се обрати на неговите сонародници.

Грција е многу силна за да се исплаши од ваков настан. Законски беше невозможно да се забрани, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите во однос на вчерашниот собир во Атина на албанскиот премиер Еди Рама за Албанците кои живеат во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

-Не постоеше никаков начин грчката страна да забрани приватна посета на еден странски лидер. Оние кои го тврдеа ова не ни го кажаа начинот. Тоа беше приватна посета во рамките на турнеите на господинот Рама вон Албанија. Негов беше изборот. Ниту се стремевме кон тоа, ниту го организиравме, ниту беше билатерална средба. Но, не можевме ниту да го забраниме, објасни Маринакис.

Рама вчера беше во приватна посета на грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји со цел да се сретне и да им се обрати на неговите сонародници и во затворена спортска сала во атинска населба одржа митинг на кој присуствуваа над 6.000 Албанци кои живеат во Грција. /МИА

притисни ентер