Синдикатот во Македонска пошта инсистира на нова систематизација, се подготвува и за протест

Се бара и итно подобрување на условите за работа и обезбедување средства бидејќи според Синдикатот во ваква состојба има огромни тешкотии во работење

Синдикатот во „Македонска пошта“ ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата на Поштата, која, како што рече денеска синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција, а се доведени во прашање над 2000 работни места. По изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор што го подготвиле, но за кој, работата на комисијата била прекината пред година и половина. Исто така се бара и итно подобрување на условите за работа и обезбедување средства бидејќи според Синдикатот во ваква состојба има огромни тешкотии во работењето.

Велигденов на прес-конференција пред Владата истакна дека веќе се консултираат со членството за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по минатомесечниот протест не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.

-Како Синдикат почнуваме со подготвување на систематизација со вклучување на експерти. Целта е да се приложи на која и да биде идна Влада за да се почне веднаш со реформи, реорганизација и стабилизација на друштвото. Состојбите се крајно сериозни, финансиската состојба е алармантна, како вработени сме загрижени за редовната исплата на платата. Вчера земавме плата, но имаме неисплатена плата на над 200 договорни поштари, рече Велигденов.

Нам ни е важно, истакна, да не се продолжи со оваа лоша кадрова политика, со партизацијата што со години и години наназад се провлекува и ја доведе Македонска пошта до работ на опстојување. Клучен проблем е токму систематизацијата. - Со постоечката систематизација, а веруваме дека таква организација во работењето нема во ниту една институција, имаме 15 подружници, 15 директори, седум члена на Управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а се помалку работници во технолошкиот процес, укажа Велигденов.

Целта, посочи, е да се изготви нова систематизација согласно потребите на друштвото и на пазарот и да се стави огромен акцент на технолошкиот процес и на обработка на пратките.

- Сите аномалии и проблеми во работењето со систематизација ќе се надминат и ќе се позиционираме на пазарот, односно ќе ја вратиме Македонска пошта на граѓаните со редовна и навремена достава на пратки. Има работници кои не доаѓаат на работа, има работници кои доаѓаат, а не знаат кои им се работните места, затоа е таа нова систематизација - да ја поттикнеме продуктивноста во работењето, а со самото тоа ќе ги зголемиме приходите и ќе можеме самостојно да функционираме како друштво, посочи Велигденов.

Според него, по последниот протест на вработените минатиот месец, УО и Владата не одговориле на барањата за состанок и ги нарушиле начелата и принципите за социјален дијалог и ги оставиле вработените сами да се борат за спас на Македонска пошта и за зачувување на работните места.

Велигденов рече дека во активностите што ги најавува нема да учествува другиот репрезентативен синдикат во националната Пошта бидејќи раководството на тој сидникат по протестот донело таква одлука.

Потсети дека за новата систематизација која е темел на реформите УО донел заклучок за итно почнување уште пред година и половина и е формирана комисија, но уште не почнала со работа. Систематизацијата е дел и од Спогодбата потпишана пред 2,5 години за време на генералниот штрајк.

Поради распишаните избори во тек се консултации со членството за да се одлучи како ќе се настапи за плановите за организирање протест и штрајк.

-Најавуваме натамошни активности во насока на организација на протест, како и отпочнување на постапка на штрајк. Во моментот се прават анкети, се информираат вработените за поголемо учество во натамошните активности, меѓутоа во насока на заштита на работничките права и како синдикат ќе ги преземеме сите активности и мерки за заштита на нашите работнички права, како што се протести. Бидејќи сега се избори, во наредниот период ќе одлучиме како ќе настапиме, информира претседателот на Синдикатот на Македонска пошта.

Моќен вселенски телескоп сними нејверојатни детали на магла (ФОТО)

Вселенскиот телескоп Џејмс Веб ги сними најдеталните инфрацрвени снимки досега од еден од најнеобичните објекти на нашето небо, маглината Коњска глава.

Сликите покажуваат дел од небото во соѕвездието Орион. Од турбулентните бранови на прашина и гас се издигнува маглината Коњска глава, позната и како Барнард 33, која е оддалечена околу 1.300 светлосни години.

Маглината на Коњската глава (на сликата подолу е прикажан поголемиот дел од неа) е родена во меѓуѕвезден облак од материјал што се урива и сјае затоа што е осветлена од блиската жешка ѕвезда. Гасните облаци што ја опкружуваат маглината веќе се распаднале, но столбот во облик на животинска глава е составен од густи купчиња материјал што потешко еродираат.

Еден ден самите глави на коњите ќе исчезнат, но ќе треба многу време. Астрономите проценуваат дека Барнард 33 ќе се распадне за околу пет милиони години. Новите слики на Џејмс Веб се фокусираат на осветлениот раб на врвот на маглината.

Барнард 33 е регион на фотодисоцијација (PDR), во чии рамки ултравиолетовата светлина од младите, масивни ѕвезди создава претежно неутрален, топол регион од гас и прашина лоциран помеѓу јонизираниот гас што ги опкружува масивните ѕвезди. Ова ултравиолетово зрачење влијае на хемијата на гасовите во овие региони и делува како најважен извор на топлина, пишува ЕСА.

Светлината емитирана од PDR обезбедува единствена алатка за проучување на физичките и хемиските процеси кои ја поттикнуваат еволуцијата на меѓуѕвездената материја во нашата галаксија и низ универзумот. Маглината Коњска глава е идеална цел за астрономите поради нејзината близина и геометрија. Се смета за еден од најдобрите објекти на небото за проучување на интеракцијата на зрачењето и меѓуѕвездената материја.

Џејмс Веб за прв пат ги открил малите структури на осветлениот раб на главата на коњот. Тој, исто така, откри мрежа на шарени карактеристики кои се движат нормално на предниот дел на PDR, кои содржат честички прашина и јонизиран гас. Набљудувањата, исто така, им овозможија на астрономите да ги истражат ефектите од емисиите на прашина и подобро да ја разберат повеќедимензионалната форма на маглината.

Џејмс Веб е револуционерен инфрацрвен вселенски телескоп од девет милијарди долари. Тој е сто пати почувствителен од телескопот Хабл и главно ги набљудува пространствата на вселената во инфрацрвениот спектар, што му овозможува да навлезе низ густи облаци од гас и прашина. Хабл работеше првенствено на оптички и ултравиолетови бранови должини.

МВР со кривична пријава за поранешен градоначалник на скопска општина

Одделот за криминалистичка полиција спроведе предистражни дејствија за поранешен градоначалник на една скопска општина, за кој постои сомневање дека извршил кривично дело "злоупотрба на службената положба и овластување".

Одделот за криминалистичка полиција спроведе предистражни дејствија за поранешен градоначалник на една скопска општина, за кој постои сомневање дека извршил кривично дело "злоупотрба на службената положба и овластување" согласно член 353 од КЗ.

Имено, истиот на 04.08.2021 со пречекорување на границите на своето службено овластување како лице што врши работи од јавен интерес, по спроведена постапка за јавна набавка на работи - реконструкција на спортски игралишта на територија на општината и склучен договор за јавна набавка со правно лице од Скопје, во која постапка покрај за игралишта за кој бил надлежен, предвидел реконструкција и на спортско игралиште во средно училиште, иако знаел и бил свесен дека средните училишта согласно Законот за средното образование се во надлежност на градот Скопје.

На тој начин пријавениот го оштетил буџетот на општината за износ од 662 885 денари, кои средства му биле исплатени на избраниот економски оператор за реконструкцијата на тоа игралиште.

Во координација со СВР Скопје, Единицата за економски и компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава, соопштија од МВР.

Снимен е ударот на украински дрон во руски радарски систем, вреден 7,5 милиони долари (ВИДЕО)

На социјалните мрежи се појави уште едно видео снимено на фронтот во Украина, на кое наводно се гледа како украинско беспилотно летало вредно нешто помалку од 27.000 долари го уништува рускиот радарски систем „Подљот“ кој вреди повеќе од 7,5 милиони. 

Како што објави dailymail.co.uk, снимката е создадена на крајот на минатата недела и покажува уништување на скап руски систем.

Украинците во нападот испратиле полско беспилотно летало камикази од типот „Warmate“, кое што ја оштетило ротирачката радарска антена на системот, за која се вели дека може истовремено да следи до 200 цели на оддалеченост од околу 400 километри.

Друго видео покажува како друг дрон удира во придружната радарска централа.

„Избувна пожар на радарската антена и на дизел генераторот што го снабдуваше системот со енергија“, се наведува во пораката на украинските разузнавачи на социјалните мрежи.

Министерството за одбрана на Украина на Телеграм објави дека единицата „Гус 9“ е одговорна за отстранување на радарскиот комплекс, додавајќи дека станува збор за нова технологија која руската армија ја има само од 2015 година. Системот се користи за откривање цели и координирана испорака на цели од противвоздушните системи С-300 и С-400.

Додека употребата на беспилотни летала од страна на Украина во нејзината одбрана од Русија беше успешна, другите елементи од нејзиниот воен ангажман не беа толку ефикасни. Украина, била принудена привремено да ги повлече американските тенкови Абрамс од првата линија на фронтот бидејќи руските беспилотни летала лесно ги откривале. САД испратија вкупно 31 тенк Абрамс во Украина.

Киев побарал од овие оклопни возила, секое од по десет милиони долари, да ги пробијат руските линии за време на минатогодишната офанзива, што на крајот не успеа. Тактиката на фронтот се смени и сега Русија масовно користи дронови во борбата против оклопните возила. Во последните три месеци руските сили уништија пет Абрамови.

„Кога размислувате за начинот на кој борбата еволуирала, масовната употреба на оклоп во средина каде што беспилотните воздушни системи се сеприсутни може да биде многу опасна. Ќе работиме со нашите украински партнери и другите сојузници на теренот за да им помогнеме да размислат како оклопни возилата може да се користат, во толку променето опкружување каде сè се гледа веднаш“, рече адмирал Кристофер Грејди, заменик-претседател на Здружениот штаб.

притисни ентер