Тренчевска се повлекува од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ

 Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска на својот фејсбук профил објави дека се повлекува од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ. 

Таа потенцираше дека од партиските структури се повлекува целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не ја изневерила довербата која и беше дадена.

-Со вчерашниот изборен ден покажавме дека живееме во демократска држава каде моќта е на народот! Онака како што и треба да биде. Благодарам на сите граѓани кои вчера излеговте и го дадовте својот глас за промени по ваша мерка! Во нашиот мандат како Социјалдемократски сојуз на Македонија, никој не оставивме сам, носевме мерки и закони кои помагаат на сите граѓани, посочи Тренчевска.

Таа додаде дека се донесени највисоките плати и пензии, се грижеле за најмладите и за лицата со попреченост.

-Затоа денес се повлекувам од мојата функција како претседателка на форумот на жени на СДСМ, функција која ја извршував чесно, достоинствено и во служба на граѓаните. Но, од моето делување сфатив дека на граѓаните не им се потребни само добри закони, туку и силни реформи! Продолжувам цврсто напред, појасни Тренчевска.

Потенцираше дека нема да дозволи уназадувањe на социјалната работа и укинување на мерки кои се од полза на граѓаните. Како што појасни, се води од вредности во кои секој заслужува поддршка, можности и напредок, и така ќе делува од позиција на пратеник.

-Од партиските структури се повлекувам целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не сум ја изневерила довербата која ми е дадена, а од денес во СДСМ нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери. Јас верувам во моите социјалдемократи и знам дека промените ќе бидат на подобро, појасни Тренчевска.

Теретана на отворено за прв пат во општина Илинден

Комплетно опремена спортска теретана на отворено за прв пат добија жителите на Општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко – велосипедската патека во Марино, соопшти Општина Илинден.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски истакнал дека во рамки на ова фитнес катче, каде младите па и повозрасните жители на општината ќе можат да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес справи.

-Досегашната пракса на инвестирање и создавање на услови за спортување, постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа Општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортската теретана на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, се наведува во соопштението.

Сапунот од кокос - благотворен против комарци

Има многу производи коишто ги одбиваат комарците, а според новите истражувања, тука спаѓа и сапунот. 

Некои сапуни имаат делотворен ефект против комарци, но други сапуни го чинат спротивното. Во таа смисла, се препорачува сапун со состојки од кокос.

Комарците се потпираат на своите мирисни сетила, па нивното однесување зависи од нив. А пак, испитување објавено во списанието „Ајсајенс“ (iScience) покажува дека сапуните го менуваат мирисот на луѓето. Според Министерството за земјоделство на САД вели дека масните киселини во кокосовото масло имаат „силна одбивност и долготрајна делотворност“ против инсектите воопшто - комарци, крлежи, бубачки и муви.

Имено, според научните испитувања, тие масни киселини од кокос се 90 отсто благотворни во спречувањето каснувања од комарци.

Лишен од слобода кавадарчанец кој му се заканувал на градоначалникот

Лишен од слобода е кавадарчанец кој му се заканувал на градоначалникот, оваа информација денеска ја потврдија од МВР за МИА. 

- Синоќа во 23.35 часот во Кавадарци, полициски службеници од Полициската станица Кавадарци го лишиле од слобода П.Н.(35) од Кавадарци, затоа што агресивно се однесувал кон М.Ј.(43) од Кавадарци и му упатил закани. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, е официјалната информација од СВР Велес.

Заканите биле упатени во угостителски објект.

притисни ентер