Ковачевски: СДСМ е единствената политичка сила која знае како да ја внесе Македонија во ЕУ

Нашата историска традиција, нашиот пркос, но и нашата одлучност за европската иднина на Македонија се најдобар доказ дека не се откажуваме.

На вечерашниот митинг кој се одржа во Гостивар, претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на присутните им порача дека СДСМ е силна партија и ако некој мисли дека тукутака ќе се откажат, тогаш или не ги познава или ги потценува.

„Нашата историска традиција, нашиот пркос, но и нашата одлучност за европската иднина на Македонија се најдобар доказ дека не се откажуваме. И нема да се откажеме. СДСМ е наследник на сојузот на комунистите на Македонија. КПМ е формирана тука во соседство кај вас во Тетово, во 1943 година. Тогаш нашите претходници беа на вистинска страна на историјата и се бореа за слободна, независна држава.

Тогашниот претседател на ВМРО – Ванчо Михајлов беше на страната на фашистите и тој ја бојкотираше таа борба. Во 1993 година кога требаше да влеземе во ОН, благодарение на Киро Глигоров Македонија влезе во ОН, ВМРО – ДПМНЕ и тогаш го бојкотираше влезот во ОН. Подоцна кога требаше да станеме членка на НАТО, ВМРО – ДПМНЕ го бојхкотираше референдумот“, додава Ковачевски.

Со вас, вели тој, успеавме да го срушиме режимот на ВМРО-ДПМНЕ и да ја ослободиме државата од канџите на ВМРО-ДПМНЕ и 11-те години изолација. Оваа влада со поддршката на граѓаните ја внесе Македонија во НАТО, донесе тешки но правилни одлуки и после 30 години, успеа да ги отпочне преговорите со Европската Унија.

„СДСМ е единствената политичка сила знае како да го направи тоа.Затоа бидете сигурни дека заедно со граѓаните со гордо крената глава на 8 мај повторно ќе излеземе на избори и повторно ќе кажеме ДА, ние сме тие кои сме за прогресивна, напредна, европска Македонија“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека во средата, во првиот круг на претседателските избори, граѓаните им испратиле силна порака и дека таа порака ја слушнале, ја прифатиле одговорноста и се свесни дека СДСМ мора да се промени за да ја врати довербата на граѓаните.

„Знаеме дека има и незадоволство кај граѓаните. Тоа не го криеме и го кажував во изминатите неколку месеци. Нас нѝ е совршено јасно дека партијата треба да се менува за да ја вратиме довербата на граѓаните. Како човек кој во животот и во кариерата се соочил со многу победи и со порази, добро знам дека првиот чекор кон промена е прифаќањето на сопствените грешки“, порача Ковачевски.

Изборите на 8-ми мај ќе бидат многу тешки за сите, појаснува Ковачевски и вели дека тие ја имале поддршката и кога било најтешко, потсетувајќи дека резултатот сѐ уште не е одлучен.

„Порешителни и пообединети од било кога, ќе продолжиме да се бориме и да ја оствариме нашата заложба – да ја видиме Македонија во ЕУ. Затоа, пред да го дадете својот глас на 8-ми мај, размислете добро кој го заслужува тоа, бидејќи тоа е најмоќниот демократски инструмент кој го имате на располагање. Ние ќе бидеме тука да ги претставуваме сите оние кои нема да се откажат од градење на просперитетно, демократско и европско општество во Македонија“, рече Ковачевски.

Ковачевски додава дека ниту тој, ниту СДСМ нема да се откажат од членството на Македонија во Европската Унија, затоа што со тоа се обезбедува подобар животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство и држава достојна за сите граѓани.

Петровска до опозицијата: Ќе излезете од НАТО и ќе прекинете преговори со ЕУ?

Вечерва немам намера да ви држам говори полни со демагогии и лажни ветувања, а уште помалку со лажен патриотизам и национализам, рече носителската на изборната листа на СДСМ и коалицијата во Изборната единица шест, Славјанка Петровска.

„Во времињата кога лажниот патриотизам владееше, од Македонија над 70.000 граѓани земаа бугарски пасоши. Во тие времиња студентите беа тепани, а новинарите апсени. Вечерва ќе зборувам за иднината, а тој пат е тежок и макотрпен, но друг пат нема. Секој што ќе ви вети брз и пократок пат, знајте дека ве носи во бездна, ве враќа во минатото, а не кон иднината“ порача Петровска.

Таа се обрати до опозицијата да каже која и каква е алтернативата.

„Ќе излезете од НАТО? Ќе прекинете преговори со ЕУ? Ќе затворите граници со соседите? Ќе седите дома, додека децата ни бегаат преку граница, а вие ќе ја фатите старата песна, да изградите уште една бела палата, додека на народот му се заканувате со меѓуетничка војна? Ова е таа друга опција, почитувани. Нашата опција, пак, е јасно зацртана. Ние не бегаме од тешките прашања и не ги негираме грешките. И ние сме луѓе од крв и месо, и нас не болат неправдите кои доаѓаат однадвор, сите тешки одлуки - и за името и за односите со соседите. Сето тоа и нам ни тежи на душа... Но ние немаме право да Ве лажеме дека има успех без цена, за нашата Македонија да дојде таму кај што природно припаѓа, во цивилизирано, европско семејство“ порача Петровска.

Скопје, 27 април 2024

СДСМ

Макрон и честита на Сиљановска Давкова: Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели

Францускиот претседател Емануел Макрон и честита на Гордана Сиљановска Давкова за изборот на претседателка на државава.

-Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Силјановска Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за Претседател, напиша Макрон во објавата на неговата Фејсбук страница.

Макрон во својата објава додава дека Франција останува на страната на Северна Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина.

Сиљановска Давкова, исто така во објава на Фејсбук, се заблагодари на честитката на францускиот претседател.

-Претседателе Макрон, Ви благодарам за честитките! Франција, како една од земјите основачи на ЕУ има најважна улога и одговорност за успех на европскиот проект. Вашата поддршка се надевам ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски, наведува Сиљановска Давкова.

Воедно, додава таа во објавата, како две пријателски земји во мојот мандат ќе работам на зајакнување на билатералните односи, особено економската, културната и научната размена.

Најмалку 107 луѓе го загубија животот во поплавите во Бразил, Владата вети девет милијарди евра

 Бразилската Влада вети дека ќе одвои околу девет милијарди евра за обнова на државата Рио Гранде до Сул, регион опустошен од невидените поплави, а се очекуваат и нови дождови.

Најмалку 107 луѓе загинаа, 754 се повредени и 134 се водат како исчезнати по поројните дождови што го зафатија јужниот регион цела минатата недела, според синоќа објавениот извештај на Цивилната заштита.

Околу 1,7 милиони луѓе се погодени, а повеќе од 327.000 се евакуирани поради природната катастрофа што експертите и Владата ја поврзуваат со климатските промени. Додека спасувачките тимови се уште се борат да ги спасат жителите и животните заробени во водата, шефот на државата Луис Инасио Лула да Силва претседаваше со состанокот во Бразилија на кој се разговараше за одговорите на трагедијата.

„Федералната влада одлучи да внесе ресурси од околу 50 милијарди реали (околу девет милијарди евра) во Рио Гранде до Сул“, објави министерот за финансии Фернандо Хадад.

Овие поплави го зафатија главниот град на државата Порто Алегре и неговите 1,4 милиони жители, но и повеќе од 400 места во регионот. Оштетени или уништени се околу 60.000 домови. Спасувачките тимови вчера ја продолжија потрагата по луѓе кои се заробени во нивните домови или не сакаат да заминат поради страв дека ќе бидат ограбени.

Путин повторно го предложи Михаил Мишустин за премиер

Рускиот претседател Владимир Путин повторно го предложи Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов петти претседателски мандат, изјави денеска претседателот на Државната дума, Вјечеслав Володин, јави Хина.

Откако Путин во вторникот положи заклетва за новиот петти шестгодишен претседателски мандат, дотогашната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.

И додека изминативе денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни ресори, а руските независни медиуми го споменуваа и можното заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.

„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната Дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за премиерската функција. Пратениците денеска ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на своите гласачи“, изјави Володин на каналот за пораки Телеграм.

Путин првпат го номинираше Мишустин за премиер во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.

Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин, пшренесе Хина.

притисни ентер