Зголемени потрошувачките, станбените, автомобилските и кредитите на тековните сметки во март

 Вкупните кредити, во март, забележаа месечен раст од 0,3 проценти, поради зголеменото кредитирање на секторот „домаќинства“. 

Годишниот раст изнесува 6,1 процент и се должи на повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“, објави денеска Народната банка.

Кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,5 проценти на месечна основа, при годишен раст од 6,8 проценти. Месечниот и годишниот раст, посочува НБ; се резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во странска валута.

Кај кредитите на корпоративниот сектор во март нема промена во споредба со претходниот месец. На годишна основа, е забележан раст од 5,4 проценти, којшто во целост произлегува од зголеменото кредитирање во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута.

‒ Во март 2024 година, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, е забележан месечен раст од 0,4 проценти и еден процент, соодветно, при годишен раст од 5,8 проценти и 10,4 проценти, соодветно. Автомобилските кредити, овој месец, се зголемени за 1,8 проценти и 13,1 процент на месечна и на годишна основа, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитните картички забележаа месечен и годишен пад од 0,8 проценти и 6,8 проценти, соодветно. Во март, негативните салда на тековните сметки остварија месечен раст од 2,3 проценти, при годишно зголемување од 6,1 процент. Кај кредитите одобрени врз други основи е остварен месечен пад од 1,7 процент, додека на годишна основа се намалени за 21,2 проценти, информира НБ.

Вкупните депозити во март, се намалени за 0,9 проценти на месечна основа, во целост како резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор, при раст на депозитите на секторот „домаќинства“. Споредено на годишна основа, остварен е раст од 9,3 проценти, поради зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес кон растот на депозитите на секторот „домаќинства“.

Како што наведува централната банка, вкупните депозити на домаќинствата во март се повисоки за 0,1 процент и 8,7 проценти на месечна и на годишна основа, соодветно. Растот кај двете основи се должи на повисоките долгорочни депозити и депозитните пари, во услови на забележан пад на краткорочните депозити.

Во март, вкупните депозити на корпоративниот сектор, се намалени за 2,4 проценти на месечно ниво. Надолната промена пред сè се должи на намалените депозитни пари, при дополнителен пад и на краткорочните депозити, а во услови на раст на долгорочните депозити. На годишно ниво, депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 12,2 проценти, во поголем дел како резултат на растот на депозитните пари, краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, при дополнителен позитивен придонес и на останатите компоненти.

Ер Франс, КЛМ, Луфтханза и Брисел Ерлајнс се меѓу 20-те авиокомпании под истрага од ЕУ

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

Европските авиокомпании „Ер Франс“, „КЛМ“, „Луфтханза“ и „Брисел ерлајнс“ се меѓу 20-те авиокомпании што се под истрага од страна на Европската унија за потенцијално погрешни практики дека нивната активност е ориентирана кон заштита на животната средина.

Ова го соопштија дел од компаниите, потврдувајќи ја информацијата на белгиската телевизија РТБФ.

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

„Ер Франс“ потврди дека добиле писмо од Европската комисија. Компанијата во моментов ја прегледува нејзината содржина и ќе ги испита дејствијата што треба да се преземат, изјави портпаролот на француската авиокомпанија.

Луфтханза во соопштението наведе дека и таа внимателно го разгледува случајот.

Портпаролот на КЛМ рече дека холандската компанија, дел од групацијата Ер Франс, исто така добила писмо од ЕК. /МИА

Приведени 14 државјани на Србија кои измамиле германски државјани за милион евра

Четиринаесет лица во Србија се приведени поради меѓународна измама преку „кол-центри“ во кои се оштетени неколку германски државјани за сума од околу еден милион евра, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Србија.

Како што се наведува во соопштението на МВР, на барање на Германија, припадници на полицијата и на Службата за борба против високотехнолошки криминал при Техничката управа учествувале во меѓународна полициска акција, а се однесува на измама извршена од меѓународно организирана криминална група.

При претрес на станови и други простории на 22 локации, од кои две се на територијата на Ниш и девет на територијата на Нови Пазар, пронајдени се доказни предмети./МИА

Црн лебед во грчката река Еврос

 Единицата за управување со Националните паркови во областа Еврос во североисточниот дел на Грција, додека спроведувала научно набљудување на делтата на реката Еврос наишла на ретка и невообичаена појава – црн лебед, јави дописничката на МИА

Црниот лебед воопшто не е својствен за Грција и затоа е непознато како воопшто се нашол во реката.

Најзастапен е во Австралија и Нов Зеланд, а живее во реки, големи езера, лагуни, а понекогаш и по должината на бреговите.

-Вработените во единицата за управување ги пречка пријатно изненадување бидејќи при научно набљудување на делтата на Еврос забележаа црн лебед, напишаа на Фејсбук од надлежните за Националниот парк објавувајќи фотографии од ретката појава.

притисни ентер