Државната изборна комисија е целосно подготвена за двојниот процес, велат оттаму, но потсетуваат дека за разлика од вообичаените изборни циклуси, сега важат поразлични правила на самите избирачки места. Овојпат за да биде разграничена излезноста, преку која ќе се знае дали е исполнет неоходниот цензус од 40 отсто за претседателски избори, гласачот ќе добие прашање - дали сакате да гласате за претседателските, за парламентарните или за двата процеса?
-Државната изборна комисија е подготвена да го спроведе изборниот процес. Веќе после 19 часот ќе имаме некои првични неофицијални информации коишто ќе се соопштуваат на пресконференција. Граѓаните кога ќе пристигнат на избирачкото место ќе треба да се одлучат за кои вид избори сакаат да гласаат, за парламентарни, претседателски или за двата вида на избори и соодветно на тоа ќе добијат гласачко ливче според изборот којшто го направиле,-Радица Тодоровска Алексовска – портпарол на ДИК.
На вториот круг од претседателските избори, исто како и за првиот круг на 24 април, право на глас имаат 1 814 317 избирачи кои овојпат избираат меѓу двајца кандидати. За изборите да бидат прогласени за успешни, на гласање треба да излезат најмалку 725 илјади избирачи.
За парламентарните пак, избирачкиот список е подолг за 1033 гласачи, а ќе може да бираат меѓу 17 пратенички листи. Од Државната изборна комисија појаснуваат дека причината за поголемата бројка на гласачи е поради лицата кои наполниле 18 години помеѓу двата претседателски круга и согласно актот за распишување на изборите, тие немаат право да гласаат за претседател, туку само за нов пратенички состав.
За овие двојни избори се акредитирани 2000 набљудувачи, како и бројни новинари од кои 66 се од странски медиуми.
ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ
право на глас 1.814.317 ГРАЃАНИ / цензус 40%
ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ
право на глас 1.815.350 ГРАЃАНИ