Во кочанскиот регион пријавени уште 164 лица кои ќе гласаат во домашни услови

Во четирите општини од кочанскиот регион се пријавиле уште 164 болни и изнемоштени граѓани кои побарале своето гласачко право да го остварат во домашни услови.

Тоа е зголемување од над 40 отсто во споредба со пријавените за првиот круг на претседателските избори, односно вкупниот број сега изнесува 436 лица.

Најголем број пријави биле доставени до Општинската изборна комисија во Кочани, но по разгледувањето на документацијата дел од нив биле одбиени.

- Во законскиот рок ни беа доставени уште 87 пријави, но комисијата утврди дека 11 од нив не ги исполнуваат условите. Кај една пријава е констатирано дека лицето не е запишано во избирачкиот список, за што има поднесено приговор, и ако добиеме позитивен одговор тоа ќе може да го оствари правото да гласа. Заедно со пријавените од првиот круг на претседателските избори, на територијата на општина Кочани има вкупно 245 болни и изнемоштени кои ќе гласаат во домашни услови, истакна Билјана Димовска Гичева, претседателка на Општинската изборна комисија – Кочани.

До Општинската изборна комисија во Виница се доставени уште 38 пријави и сите се прифатени, со што вкупно 99 лица ќе гласат во домашни услови.

Во процентуален износ најголем број новопријавени лица во однос на гласањето од пред две недели има во општина Зрновци. Порастот е за двојно поголем, односно ќе гласаат вкупно 22 болни и изнемоштени.

Во Општинската изборна комисија во Чешиново-Облешево добиле уште 39 пријави и вкупниот број сега изнесува 69 лица, за кои е констатирано дека ги исполнуваат условите за гласање во домашни услови.

Роналдо за шансите за титула на Арсенал: Нема да ја освојат лигата, о Боже

Напаѓачот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо разговараше со промоторот Френк Ворен, навивач на Арсенал, пред боксерскиот меч меѓу Тајсон Фјури и Украинецот Александар Усик.

Нивниот разговор е снимен на видео емитувано од Ријад. Ворен му рече на 39-годишниот Португалец: „Сè уште те чекаме во Арсенал“. Роналдо се насмеа и одговори: „Нема да го освојат првенството, о Боже“.

Роналдо претходно играше во Англија за Манчестер јунајтед, со кој три пати ја освои Премиер лигата (2007, 2008 и 2009 година).

По 37 кола, Арсенал се наоѓа на второто место во поредокот, со два бода помалку од лидерот Манчестер сити.

Во последното коло, денес лондонскиот тим ќе игра против Евертон, а Сити против Вест Хем. /МИА

Гвардиола не планира наскоро да го напушти Манчестер сити

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола зборуваше за својата иднина во тимот.

- Имам договор и сакам да бидам тука. Мојот план е да останам во Манчестер следната сезона, изјави Гвардиола за „Мирор“.

Шпанскиот фудбалски стручњак го презеде Манчестер сити во 2016 година. Под негово водство тимот пет пати го освојуваше англискиот шампионат и еднаш Лигата на шампионите.

По 37 кола, во Премиер лигата води Манчестер сити со 88 бодови. Заостанувањето на второпласираниот Арсенал е два бода. Ливерпул (79) ги загуби шансите за евентуална шампионска титула. /МИА

„Билд“: Германското Министерство за одбрана бара од Владата уште 3,8 милијарди евра за Украина

Германското Министерство за одбрана побара од сојузната влада дополнителни 3,8 милијарди евра помош за Украина за оваа фискална година, пишува „Билд“.

Весникот наведува дека оваа година Германија обезбедила воена помош од 7,1 милијарди евра за Украина и дека овие пари се користат за плаќање на воена опрема што Украина ја купува директно од наменската индустрија и укажува дека на Украина и треба итно поголема поддршка за да не изгуби војната со Русија, поради што Министерството за одбрана побара дополнителни средства.

Министерот за одбрана Борис Писториус разговараше за тоа со канцеларот Олаф Шолц, а потоа се сретна со Кристијан Линднер, шеф на одделот за буџет во германското Министерство за финансии.

Дополнителните расходи треба во јуни да бидат поднесени до Бундестагот на усвојување, според „Билд“. /МИА

притисни ентер