Во центарот на Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски кој беше убиен кај Вејце

Во центарот на Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски кој беше убиен пред 23 години кај Вејце

Мурал посветен на Бобан Трајковски, еден од загинатите припадници на безбедносните сили во настаните кај Вејце 2001 година денеска беше откриен во Куманово. Трајковски беше еден од осумте припадници на македонските безбедносни сили кои загинаа на денешен ден 2001 година. Организатор на денешниот настан е здружението „Слобода, искреност, лојалност, акција-СИЛА“ и колегите од единицата „Волци“.

-Во 2001 година се случи еден настан во текот на борбените дејства при одбрана на државата каде што загинаа осум припадници на безбедносните сили, четворица од армијата, од специјалната единица „Волци“ меѓу кои и Трајковски Бобан-Другарчики. Тој учествуваше во таа акција и го даде својот живот за нашата Македонија. За жал, 23 години само за овој човек колку што имам информација барем за оваа случка никој нема направено апсолутно ништо. Јас како негов другар, сосед, претпоставен, бидејќи и јас тогаш бев вработен во „Волци“ како старешина, сега пензионер, си зедов за обврска заедно со единицата „Волци“ да направиме свечена манифестација каде што ќе го обележиме настанот, бидејќи 23 години никој ниту на централно, ниту на локално ниво не успеа да направи нешто, изјави Антонио Станковски, од здружението „СИЛА“.

Муралот го изработија уметниците од „Форма“ кои се сограѓани на кумановецот Трајковски. Од здружението се надеваат дека општината ќе именува улица или друг објект во чест на припадникот на безбедносните сили кој го даде животот за државата.

-Ова можеби е само почеток. Немаме ниедна улица, објект, јавен во градот којшто би требало да го носи неговото име, тука треба општината да донесе одредени одлуки, каде што никој нема да се налути, бидејќи го градиме мултиетничкото општество, но постои начин. Овие луѓе биле во легална институција, законски поставувале, го дале животот и мислам дека никој не треба да се навреди ако има какво било обележје во градот, дали име на школо, улица, објект, итн. Немавме никакви проблеми од граѓаните на зградата, бидејќи требаше да имаме нивна согласност. Тие сите и дуќаните и станарите апсолутно не правеа проблем, рекоа цртајте сè што мислите ако ова е во интерес на државата и на ликот на Бобан Трајковски, кажа Станковски.

На настанот присуствуваа членови на семејството, колеги, припадници на безбедносните сили, кумановци. На 28 април 2001 година, во 17:45 часот, се случи масакрот во Вејце, кога осум припадници на специјалната единица Волци и полицајци од посебната единица беа начекани во подмолна заседа и беа убиени. Тој дена беа убиени Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).

Во Белград средба Вучиќ - Вархеји

  Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Белград ќе има средба со комесарот на Европската унија за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји.

Почетокот на средбата е најавен во 17:00 часот. По средбата, Вучиќ и Вархеји ќе одржат прес конференција.

Британскиот министер за одбрана изјави дека неговиот нов руски колега ќе биде марионета на Пути

Британскиот министер за одбрана, Грант Шапс изјави дека неговиот иден руски колега, Андреј Белоусов ќе биде марионета на Путин, јави ДПА.

Путин вчера го предложи економистот Белоусов - досега прв вицепремиер во владата, за нов министер за одбрана на местото на Сергеј Шојгу.

Иако се сметаше за близок до Путин, Шојгу привлече многу критики за начинот на кој руската војска се справува со Украина - повеќе од две години по почетокот на војната.

Шапс предвидува дека Белоусов ќе биде следната марионета на Путин.

-Под Шојгу, руската армија загуби повеќе од 355 илјади војници во Украина и предизвика масовно страдање на цивилното население за време на нејзината илегална кампања во Украина, додаде тој.

Во Косово од денеска само евра, измина преодниот рок што го одреди Централната банка за динарот

Вчера измина преодниот период на Централната банка на Косово (ЦБК) во однос на користењето на динарите, што значи дека од денеска сите готовински трансакции каде било во Косово ќе мора да се вршат во евра, јавија српските медиуми.

Во Приштина сметаат дека граѓаните имале доволно време да се информираат за Уредбата на ЦБК за забрана за користење на динари во готовински трансакции, а од денеска ќе се преземаат мерки против сите оние кои користат валути различни од евра за готовински трансакции во Косово, пренесе РТК.

Во периодот од 1 февруари, кога стапи на сила Уредбата на ЦКБ, досега не се изречени казнени мерки, а граѓаните се информирани за примената на новите правила за готовинско плаќање. ЦБК соопшти дека после 12 мај – сите трансакции ќе се извршуваат во евра.

Во меѓувреме, комерцијалните банки кои работат во Косово добија инструкции да отворат нови филијали на северот.

Во Брисел ќе се одржи седмата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина, на која, како што најави директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, главна тема повторно ќе биде „едностраната и незаконска одлука на Приштина да се укине динарот и платниот промет во динари во Косово и Метохија“.

притисни ентер