Сенаторот Стефан Еверс најавува дека државата е подготвена да ја даде дотраената зграда и имот „на секој што е заинтересиран“.
Што е проблемот? Државата повеќе не сака да плаќа астрономски трошоци за одржување, но како никој од граѓаните не е заинтересиран?!
Проблемот е во поранешниот сопственик, кој е директно поврзан со мрачното минато на Германија. Станува збор за министерот за пропаганда Џозеф Гебелс, еден од најблиските и најверните соработници на Адолф Хитлер.
Тој наредил изградба на вилата во 1936 година, а ја користел за забави и дружење со личности од различни сфери.
По падот на нацистичкиот режим, сојузниците ја користеле вилата како воена болница, пред да премине во рацете на Советите, кои ја претвориле во младински камп.
Некогаш луксузната зграда, која се наоѓа на 16 километри од Берлин, е напуштена од 2000 година и е опкружена со густа шума. Во близина е езерото Богенсе.
Сенаторот Еверс предупреди дека државата нема да има друга опција освен да ја урне вилата доколку не најде заинтересирана страна, пренесува Телеграф.
Се проценува дека рушењето би чинело околу 50 милиони евра.