Денес во просториите на Црвениот крст на Град Скопје, во Момин Поток, Ротари клубот „Скопје“ од Скопје донираше 2.500кг храна и над 55.000 литри вода и сокови наменети за мигрантите кои поминуваат низ Република Македонија. Раководството на Ротари клубот Скопје симболично ја предаде донацијата на организацијата на Црвениот крст, која ќе биде соодветно дистрибуирана во прифатните центри за мигранти, согласно стратегијата на Црвениот крст и дневните потреби на лицата згрижени во овие центри.

Целта на оваа донација е да помогне и да го олесни задоволувањето на дел од основните потреби на мигрантите и бегалците кои поминуваат низ територијата на Република Македонија, а масовно се згрижуваат во прифатните центри на Црвениот крст во Гевгелија и Табановце. Од еднакво значење е и поттикнувањето на други слични хуманитарни акции, насочени кон олеснување на моменталната состојба.

„Донацијата од Ротари клубот „Скопје“ е обезбедена во соработка со Ротари клубот „Оклахома“ од САД, како еден вид потврда на глобалната посветеност на Ротаријанците со стремеж за мир и подобра иднина за сите луѓе. Во основата на Ротаријанството е и здружување на ресурсите во заеднички напори пред се за мир во светот и спречувањето конфликти, а следствено и за искоренување на причините за глад, недостаток на вода за пиење, сиромаштија, болести и неписменост, преку делување многу пошироко од границите на своето најтесно опкружување. Мисијата на секој Ротаријанец е несебично да и служи на заедницата“ – изјави Глигор Бишев, Претседател на Ротари клубот „Скопје“.

Ротари Клубот „Скопје“ оваа година го одбележа своето дваесет годишно активно делување од неговото повторно формирање. Во изминатите 20 години овој клуб допринесе за формирање на многу нови клубови во Република Македонија, и денес активно фунционираат 17 клуба со преку 400 Ротаријанци.

Датум на објава: вторник, 02 февруари 2016 во 16:26
www.kanal5.com.mk

коментари

остави коментар