Најкритично е во општина Дебрца каде нема ни вода , ни струја, ни телефонија.  Големата количина на влажен снег предизвика огромни штети.

Искинати електрични и телекомуникациски кабли, искршени дрвја и гранки, испаднати  бандери и електрични столбови. Кризниот штаб цела ноќ на терен,  со сите сили се расчистуваат патиштата и штетите од невремето.

 „Санирани беа оштетувањата, дрвата беа отстранети од коловозите каде што беа паднати бандерите беа исто така и подигнати беа жиците за да може нормално да се одвива сообраќајот. Исто така имавме проблеми за чистењето на снегот во повисоките населени места“, изјави Томе Наневски началник на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Во Дебрца отсечени се повисоките планински  села. Најкритично по обичај е во селата на планинскиот масив  Јабланица. Патиштата за Малесија и Долни Дримкол се  непроодни,  а жителите завеани. После цела ноќ работа патиштата во сите  охридски села  се отворени за сообраќај.

 „Беше вклучена целата расположлива механизација од јавите претпријатија. На терен беа излезени во текот на ноќта педесеттина луѓе кои успешно ја завршија работата“, изјави Сашо Ставрески командант на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Вчера попладне  и ноќва  затворени  за сообраќај беа патиштата кон Ресен , Битола, Кичево, Дебар и Ќафасан.  Поради излизгани шлепери на  превојот Буково повеќе часа имаше колона возила. Надлежните стравуваат од нови врнежи од снег,  кои се најавени за вечерва. 


Датум на објава: среда, 14 февруари 2018 во 13:52
Соња Рилковска
Обновено во: 13:58

коментари

остави коментар