Струга домаќин на спортската Гимназијада

Во организација на Сојузот на училишен спорт, Струга денеска првпат е домаќин на спортската Гимназијада, на која ќе се натпреваруваат најдобрите училишни екипи од Македонија во голем и мал фудбал, ракомет, кошарка и одбојка....

Во организација на Сојузот на училишен спорт, Струга денеска првпат е домаќин на спортската Гимназијада, на која ќе се натпреваруваат најдобрите училишни екипи од Македонија во голем и мал фудбал, ракомет, кошарка и одбојка во машка и женска конкуренција.

Претседателот на Сојузот за училишен спорт Жарко Ферукоски и координаторот на Гимназијадата Ацо Ѓуроски информираат дека на Гимназијадата ќе се натпреваруваат 600 ученци од цела држава.

- Оваа година ја имаме честа да бидеме домаќини затоа што изминатава година бевме препознаени како најактивен Сојуз на училишни спортови, а нашите спортисти имаа големи успеси, велат тие.

На Гимназијадата, меѓу другите, ќе се натпреваруваат и ученици од двете средни училишта во градот, гимназијата „Ибрахим Темо“ и средното општинско училиште „Нико Нестор“.

Свеченото отворање е на ракометното игралиште „Горан Попоски-Бабец“, а натпреварите ќе се играат во спортскиот центар „Тими“, во малата одбојкарска сала и големата ракометна сала во „Нико Нестор“ и на игралиштето за голем фудбал АС Unated.

Националниот ден на Власите - 23 Мај, неработен за припадници на влашката заедница

Министерството за труд и социјална политика, воедно, на граѓаните припадници на влашката заедница во Република Македонија им го честита Националниот ден на Власите. 

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека 23 мај 2024 година (четврток), Националниот ден на Власите, е неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница во Република Македонија согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07).

Министерството за труд и социјална политика, воедно, на граѓаните припадници на влашката заедница во Република Македонија им го честита Националниот ден на Власите.

Наградени најдобрите студенти на УКИМ за учебната 2022/2023 година

Во аулата на Ректоратот на УКИМ, денеска беа доделени награди на најдобро дипломирани студенти за учебната 2022/2023 година, а во рамки на свеченостите по повод патрониот ден и одбележување 75 години од постоење на Универзитетот. 

На редовни студенти од завршниот семестар во прв циклус студии кои покажале особени резултати во студиите, им беше врачена наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија.

Наградите ги врачи ректорката на УКИМ, професор доктор Биљана Ангелова, а од Александар Стамболиев беше доделена наградата од Фондацијата „Стамболиев“.

Најдобриот студент на Медицинскиот факултет, Леонид Рене Томас Караџинов во изјава за МИА рече дека планот му е да остане во нашата држава.

- Одлуката ја темелам врз тоа што генерално целото семејство и поддршка ми се тука, не гледам причина да одам во странство. Во моментов цврсто сум убеден дека тука ќе ги барам моите почетоци за кариерата. Понатаму, ништо не е исклучено за во иднина. Но, се надевам дека тука ќе останам и понатаму за да придонесувам во здравството и во развој на целата здравствена грижа, изјави тој за МИА.

Една од наградените, Ана Софеска пред присутните рече дека времето што го поминале овде ги опремило со знаење, вештини и со самодоверба за да дадат значаен придонес во нашата татковина.

- Им честитам на моите колеги и знам дека иднината ќе биде светла, затоа што секој од нас ќе продолжи силно да блеска во своите полиња, кажа Софеска, која се обрати во име на сите добитници.

Награда за најдобро дипломиран студент добија Ангела Мешкова, Матеа Ташковска, Дејан Радуловски, Деспина Буцевска, Руфија Идризовска, Ана Софеска, Леонид Рене Томас Караџинов, Благоја Атанасоски, Виктор Мегленовски, Кристина Стоилковска, Габриела Козарова, Теодора Мазнева, Виктор Игнов, Марко Милчевски, Ања Митиќ, Марија Митевска, Ања Филипова, Теа Костадинова, Акса Зулбеари, Егзона Муртезани, Мергим Фера, Јана Панчевска, Ева Зовиќ, Иван Станишковски и Дамјан Наумовски.

Добитници на наградата „26 јули“ се Давид Стојаноски, Дејан Радуловски, Ана Софеска, Габриела Козарова, Кристина Стоилковска, Ања Филипова и Ева Зовиќ.

Наградата од Фондацијата „Стамболиев“ му припадна на Виктор Игнов.

Покрај наградените и членови на нивните семејства, на свеченоста присуствуваа и проректорите на Универзитетот, генералниот секретар, претседателот на Универзитетскиот сенат, деканите на факултетите.

На настанот беше кажано дека Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и понатаму ќе биде отворен за сите идни достигнувања на студентите.

Позната причината за хеликоптерската несреќа на Ебрахим Раиси?

Причина за тешкото слетување на хеликоптерот во кој се наоѓаше иранскиот претседател Ебрахим Раиси се лошите временски услови, изјави иранскиот амбасадор во Белорусија, Саид Јари. 

Иранскиот амбасадор во Минск изјави дека специјалната комисија ќе ги утврди точните причини за падот на хеликоптерот на претседателот Раиси и ќе ги проучи временските и техничките услови. Покрај Раиси и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан, идентификувани се уште три лица кои загинаа во хеликоптерска несреќа во северозападен Иран, објави денеска иранската државна новинска агенција ИРНА.

Во хеликоптерската несреќа живото го загубила и имамот во градот Табриз, ајатолахот Мохамад Али Ал-е Хашем, началникот на иранската провинција Источен Азербејџан, генерал Малек Рахмати и командантот на единицата за заштита на претседателот, Сардар Сејед Мехди Мусави. Загинаа и одреден број телохранители и екипаж на хеликоптер кои се уште не се идентификувани.

притисни ентер