Сиљановска Давкова во Кавадарци на четвртата трибината од циклусот „Македонија повторно горда“

Денес во Кавадарци се одржа четвртата трибината од циклусот Македонија повторно горда за претставување на изборната програма на кандидатката за претседател на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова.

На трибината зедоа учество Сања Божиновска, Маја Кадиевска Војновиќ и Зоран Ставрески.

Гордана Сиљановска-Давкова потенцираше:

Еден амбасадор, мој пријател, често ми вели дека секогаш кога ќе појде во Кавадарци гледа нешто ново што го инспирира. Се сеќавам дека порано економската дипломатија на Македонија беше инспирација за сите соседи. За жал, последниве години не е така. Јас постојано мислам дека ако како мала земја, имате културна и спортска дипломатија, многу е важно да имате и економска дипломатија. Како претседателка, во однос на економските прашања, секогаш ќе се залагам, и кога одам надвор, и кога дочекувам званични лица, прво ќе се консултирам со економски тим. Да не говорам за средбите со стопанските комори. Не мора да влеземе во ЕУ за да ја градиме економијата, можеме и претходно. Еден од моите приоритети како претседателка ќе биде заедно со владата да поднесеме барање за итен влез во единствениот европски пазар. На тој начин, македонската економија, македонските компании, македонските институции ќе ги уживаат сите придобивки на Европскиот економски простор. Се разбира дека како претседателка ќе инсистирам и на економска соработка со дијаспората, ама мислам дека предуслов за тоа е владеењето на правото и правната држава.

Една од најважните функции на претседателот е предлагањето на гувернерот на Народната банка. Во тој дел, истакнувам дека еден одговорен претседател треба првично да се консултира со луѓе од економијата и да го избере најдобриот. Само со вистинските луѓе на вистинските места можеме да одиме напред!, објавија од тимот на Силјановска Давкова.

Почна 61. Драмски аматерски фестивал на Македонија во Кочани

Шеснаесет домашни театарски ансамбли и групи, како и гости од Република Србија ќе се натпреваруваат за една од наградите на 61. Драмски аматерски фетивал на Македонија (ДАФ), што синоќа почна во Кочани.

Под мотото „Знаеме што сме, не знаеме што можеме да бидеме“, фестивалот го отвори градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов нагласуваjќи го значењето на аматерското движење како основа на професионалниот театар и повика актуелните театарски и филмски имињa, кои ја почнале својата кариера од сцената во Кочани, да дадат поддршка во негувањето на драмскиот аматеризам.

-Годинава, кога Кочани слави 100 години од фудбалот во градот, 80 години од загинувањето на Љупчо Сантов и Раде Кратовче, борците на кои им ја должиме слободата, 100 години од раѓањето на уметникот и хуманист Стево Теодосиевски, Драмскиот аматерски фестивал влегува во својата седма деценија. Кочани знае да ја цени уметноста, знае да создаде историја. Ако беше лесна организацијата ќе ни го земеа, затоа да го чуваме одговорно, да го негуваме и да ја одржуваме традицијата, истакна Папазов во своето обраќање.

Фестивалот го отвори претставата „Вечера за глупаци“ во изведба на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес. За првпат по повеќе години градот домаќин на ДАФ нема пријавено своја претстава за учество. До 26 мај, публиката ќе може да проследи по три претстави дневно - во пладневниот, вечерниот и ноќниот термин.

Претседателка на Драмскиот аматерски фестивал е Кристина Атанасова Арсова, селектор е Игор Џамбазов, а за најуспешните претстави и за наградите ќе решава жирито што го сочинуваат актерот Пеце Ристевски и режисерите Елеонора Теова и Ненад Витанов.

Финска бара ЕУ да изнајде мерки за спречување на влезот на мигранти од Русија

 Финска бара Европската Унија да изнајде заеднички мерки за спречување на т.н инструментализирана миграција, што значи проток на мигранти кои доаѓаат од Русија без валидни патни документи, изјави финскиот премиер Петери Орпо.

Финска ја затвори границата со Русија минатата година за да го спречи зголемениот број на пристигнувања од земји, вклучувајќи ги Сирија и Сомалија, и ја обвини Москва дека ја користи миграцијата како оружје против Финска и ЕУ, што Кремљ го негира.

Некои мигранти сепак пристигнаа, а финската Влада поднесе предлог до Парламентот со кој ќе се овласти граничната контрола за враќање назад на барателите на азил кои се обидуваат да влезат од Русија.

„Мораме да ја ставиме нашата национална безбедност и безбедноста на земјите од ЕУ на прво место. Ние сме многу свесни за нашата одговорност да ги контролираме надворешните граници на Европската унија“, рече Орпо на прес-конференција.

Нови експонати во Музејот во Демир Капија од лозаровинарската традиција во регионот

Музејот ја продолжува својата активност во насока на реализација на проекти, што во голема мера ќе допринесат кон квалитативно збогатување на содржините и ќе го доближат културното наследство од регионот на Демир Капија, поблиску до посетителите.&nb

Нови експонати што говорат за долгогодишната лозаровинарска традиција во демиркаписко, се дел од Музејот во Демир Капија. Цветанка Тодоровска Митрева, виш кустос археолог, појасни за МИА дека се откупени дополнителни етнолошки предмети од локално население, со цел збогатување на музејската винска галерија. Таа подвлече дека со ова е реализиран првиот од четирите проекти од национален интерес, што годинава се целосно финансиски поддржани од Министерството за култура.

- Музејот ја продолжува својата активност во насока на реализација на проекти, што во голема мера ќе допринесат кон квалитативно збогатување на содржините и ќе го доближат културното наследство од регионот на Демир Капија, поблиску до посетителите. Целта е со прибавување на предмети што се поврзани со винската конзумна култура, да се прикаже долгата и вековна традиција на производство на вино од регионот на Демир Капија, начинот на заштита на виновата лоза, садови за варење на маџун и слично, истакна Тодоровска Митрева.

Таа појасни дека откупени се предмети од локално семејство од Демир Капија.

- Долги години наназад, тие претставувале семеен имот. Се користеле за сопствени потреби при обработка и заштита на виновата лоза, за печење ракија и за варење маџун. Се работи за предмети кои денес не се веќе во употреба, нивното место е заменето со многу помодерни, побрзи и пософистицирани алатки. Сега се потсетник на минатото, во смисла на една традиција пропратена со ритуали и локална егзотика, неповторливо доживување на семејната лозаровинарска приказна, како трага на времето, не само во овој регион, туку и секаде во Македонија каде што се одгледува виновата лоза, нагласи Тодоровска Митрева.

Откупени се една бакарна аранија во која со варење на грозјето се приготвувал најслаткиот и најздравиот напиток, маџунот, надалеку познат како еликсир за оздравување и исцелување на телото, традиционална маказа за кроење на виновата лоза, грбна пумпа за заштита на виновата лоза целосно сочувана со сите нејзини елементи, како и горен дел од статичен казан за варење ракија изработен од печена глина, преку кој се одвива хемискиот процес на создавање на лозова ракија, како еден од традиционално најпознатите жестоки пијалоци на овие простори.

притисни ентер