Сиљановска-Давкова на фестивалотХид Бах Шен Фест во с. Чалакли, Валандово

Проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на фестивалотХид Бах Шен Фест по повод прославата на празникот на турската заедница, Хидрелез во с. Чалакли, Валандово.

Во рамките на активностите во кампањата за вториот избор круг од претседателските избори, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, присуствуваше на фестивалотХид Бах Шен Фест по повод прослава на празникот на турската заедница, Хидрелез во с. Чалакли, Валандово. Во прилог интегрален текст во кој професорката Гордана Сиљановска - Давкова ги сподели своите впечатоци:

На покана на турската заедница од Македонија, имав особена чест, заедно со амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, н.е. г-динот Фатих Улусој, поранешниот претседател на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на пратеничка листа во ИЕ4, г-динот Александар Николоски и граданочалникот на Општина Валандово, г-динот Перо Костадниов, да присуствувам на фестивалот Хид Бах Шен Фест (Bahar Şenlikleri HID BAH ŞEN FEST) кој се одржува во селото Чалакли Валандово, а по повод празникот Хидрелез. Хидрелез е празник кој го слави турското население, а го означува почетокот на пролетта. Во една подлабока смисла, празникот Хидрелез одразува силна симболика на будењето на природата, а со тоа и на новиот циклус на обновување, не само на природата, туку и на животот.

Со задоволство ги проследив богатите церемонии, убавите танци и особено предизвикувачкото пеливанско борење, сето одраз на една богата културна традиција која се негува тука, во Македонија, Она што за нас Македонците е познато како Ѓурѓовден, турската заедница го препознава како Хидрелез. Па оттука, културната идентификација е потполно иста што претставува своевидна апотеоза на природната хармонија помеѓу македонскиот и турскиот народ на овие простори. Во знак на ваквото единство, важно е да се спомене дека на заедничка иницијатива на Република Македонија и Република Турција, празникот Хидрелез во 2017 година беше прогласен за културно наследство на човештвото и истиот е запишан на листата на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО.

Ако зборуваме за европски и цивилизациски вредности, тогаш токму апотеозата на Хидрелез и Ѓурѓовден и нашето културно единство како Македонци и Турци, се вредностите кои Македонија може да ги понуди на Европа. Среќна сум што овој шаренолик мозаик, наречен Македонија е јадрото кое не обединува сите нас кон подобра и горда иднина!, се наведува во соопштението на тимот на Сиљановска- Давкова.

Изложбата „Пикасо, можеби јас“ на Фидановски гостува во Вараждин

 Уметникот Филип Фидановски ќе ја претстави својата изложба „Пикасо, можеби јас“ во Вараждин, во организација на Друштвото на керамичари на Хрватска.

Оваа изложба на Фидановски досега беше поставена во Скопје, Кичево, Охрид, Битола и Куманово, а за гостувањето во Хрватска е надополнета со нови дела на авторот изработени во 2024 година.

-Хрватската јавност ќе има можност да погледне 13 керамички скулптури инспирирани од делата на големиот Пабло Пикасо, наведува Фидановски за изложбата во Вараждин каде што ќе биде отворена до 5 јуни 2024.

Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и ќе ја отвори македонскиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи. /МИА

Младите и пчеларството во фокусот на одбележувањето на Светскиот ден на пчелата

Светскиот ден на пчелата - 20 Мај годинава ќе биде одбележан под темата „Младите ангажирани во заштита на пчелите“. 

Одбележувањето на Светскиот ден на пчелата ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ во населба Автокоманда и на платото пред Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во чиј круг се наоѓа и „Паркот на пчелата“, кој е во фаза на изградба.

Организатори се хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија, со финансиска подршка од Амбасадата на Република Словенија и со поддршка од општината Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, заедно со децата од градинките на територија на општината и студентите од факултетот.

- „Младите ангажирани во заштита на пчелите“ ја истакнува важноста од вклучување на младите во активности за промовирање на пчелите и пчеларството, и воопшто, во зачувување на опрашувачите, препознавајќи ги како идни чувари на нашата животна средина. Истовремено, ја нагласува глобалната потреба од соработка за ангажирање на младите во заштитата на овие инсекти од витално значење. Со тоа ја штитиме безбедноста на храната и овозможуваме стабилен земјоделскиот сектор и се бориме за зачувување на биолошката разновидност, се вели во соопштението од АДРА Македонија.

Предвидена е богата програма во која акцент е ставен на учеството на младите, ќе биде проверено нивното знаење за пчелите и пчелните производи, ќе биде одржана ликовна колонија на теми посветени на пчелите, ќе бидат засадени медоносни растенија во „Паркот на пчелата“. Ќе бидат поставени богати штандови со пчелни производи, сѐ со цел пошироката јавност да се запознае со огромната улога што ја имаат медоносните пчели во опрашувањето на растенијата, како и во производството на пчелните производи.

Меѓународниот ден на пчелата се слави на 20 мај, роденденот на Словенецот Антон Јанша, основоположникот на модерното пчеларство (1734-1773). Предлогот на Словенија за воведување на Меѓународен ден на пчелата бил едногласно прифатен на Генералното собрание на ООН на 20 декември 2017 година.

Со одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, АДРА Македонија со своите партнери се приклучуваат кон кампањата за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), која здружението Македонска пчела (MacBee) ја започна пред неколку години под слоганот „Одгледувам македоника, одгледувам наше“. /МИА

САД: Можни се терористички напади врз претставници на ЛГБТ заедницата ширум светот

 Владата на САД ги предупреди американските државјани да бидат внимателни поради евентуални терористички напади врз претставниците на ЛГБТ заедницата ширум светот.

- Поради потенцијалниот ризик од терористички напади, демонстрации или акти на насилство против американските граѓани и интереси, Стејт департментот ги предупредува своите граѓани во странство да покажат зголемена будност, се наведува во соопштението.

Исто така се наведува дека постои потенцијален ризик од насилство врз ЛГБТ заедницата инспирирано од странски терористички организации.

- Американските граѓани треба да бидат внимателни за време на маршевите на ЛГБТ заедницата, наведува Стејт департманот./МИА

притисни ентер