Се враќаат старите цени за осигурување за регистрација на возила

Се враќаат старите цени на осигурувањето при регистрација на возилата. 

Ваква одлука беше донесена откако денеска Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност ја разгледа анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Предлог-одлуката е доставена на усвојување до Владата на Македонија

Освен тоа, Комисијата утврдила и потреба од измени на Тарифата за премии за осигурување и подготвила Предлог-измени во насока на заштита на корисниците.

-Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15% до 30% во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30% да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Комисијата е задолжена најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година. – Министерство за финансии

Од Финансии додаваат дека одлуката е резултат на недостатокот на финансиски анализи од осигурителните компании, кои како единствен аргумент на кој се повикале биле растечките трошоци од работење.

Според анализата на Агенцијата за супервизија, пак, 10 осигурителни компании оствариле добивки за 2023 година, а само една завршила со загуба од работењето.

Поскапувањето на полисата за осигурување стапи на сила од минатата недела и граѓаните плаќаа од 840 па до речиси 1600 денари поскапа цена, во зависност од моќноста на возилото. Дали на тие што веќе платиле по новите цени,сега ќе им бидат вратени парите, во соопштението на финансии одговор нема.

Едвардс: Тренерот ми рече да бидам агресивен, иако ме удвојуваа

Кошаркарите на Минесота Тимбервулвс веќе се гледаа во финалето на Западната конференција од НБА плеј-офот кога двапати го совладаа Денвер како гости. 

А потоа, седум дена подоцна, беа отпишани кога загубија три натпревари по ред од актуелниот шампион. Сега убедливо ги совладаа Никола Јокиќ и другарите и изборија „мајсторка“.

Минесота победи со 115:70 и стигнаа до седми меч од серијата, а најзаслужни за овој успех беа младите кошаркари Ентони Едвардс и Џејден МекДаниелс.

-Џејден беше наш водач денес. Претходно кажав дека сите во нашиот тим се лидери, а Џејден беше лидер вечерва. Тој исчекори во преден план. Тренерот Финч беше одличен и ми рече утрото пред натпреварот да најдам начин да бидам агресивен иако ме удвојуваа. Тоа го правеше и Феникс, па секако бев агресивен. Само размислував за тоа, изјави Ентони Едвардс по натпреварот.

Навивачите на Минесота беа загрижени за една ситуација во која Едвардс имаше болен пад, но на прашањето дали ќе игра во натпреварот број 7, поранешниот број 1 на НБА драфтот не остави простор за сомнеж.

- Дефинитивно ќе бидам подготвен за недела, изјави тој.

Седмиот, решавачки натпревар од серијата, е закажан за в недела на 19 мај во 22 часот по наше време.

Утре во Скопје ќе се прска против комарци

 Утре во раните утрински часови ќе се реализира авионска дезинсекција против лаври од комарци на подрачјето на градот Скопје, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) по известување од Град Скопје.

Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, таа ќе се изврши првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.

Од ЦУК апелираат до пчеларите навремено да преземат мерки за заштита на пчели во скопскиот регион.

Во Скопје утре прв „Dog Fest"

Во Скопје утре ќе се одржи првиот „Dog Fest", настан замислен како дружба за сите љубители на кучињата. Целта е да се подигне свеста за милениците и за одговорното сопствеништво. 

Настанот ќе почне во 12 часот и ќе трае до 16 часот, а организаторите најавуваат забавни игри за милениците и едукација на голем простор специјално опремен со реквизити за кучиња. „Dog Fest” ќе се одржи во „Hera Happy friendly dogs”, спроти црквата Пантелејмон во Долно Нерези.

- Добредојдени се сите сопственици заедно со нивните кучиња, а влезот е бесплатен, велат организаторите.

притисни ентер