Сајкоски од Охрид: Со програмата „Платформа 1198“ целосно ќе ја рестартираме нашата Македонија

„Восхитен сум од сите вас, собрани овде во Охрид. Илјадници охриѓани, но и граѓани од цела Македонија, од Битола, од Кичево, од Струга, од Ресен, од славна Дебрца, од Дебар, од Демир Хисар, од Маврово и Ростуше, од Центар Жупа, од Долнени.

„Восхитен сум од сите вас, собрани овде во Охрид. Илјадници охриѓани, но и граѓани од цела Македонија, од Битола, од Кичево, од Струга, од Ресен, од славна Дебрца, од Дебар, од Демир Хисар, од Маврово и Ростуше, од Центар Жупа, од Долнени и сите други прекрасни места од нашата преубава Македонија. Восхитен сум од бројот на луѓе кои ги гледам денес пред мене. Оваа река на народ говори само едно, говори дека и на 24-ти април и на 8-ми мај победата ќе биде голема“, порача Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ5 од митингот во Охрид.

„Свесни сме за распаднатите институции. Свесни сме за задолжената држава. Свесни сме за запрените проекти, за неизградените патишта, за распаднатите училишта, за немањето учебници. Свесни сме за нефункционалниот здравствен систем. Свесни сме и за корупцијата и криминалот кои секојдневно ги прави власта. Овие избори се голем испит за нас како народ, како граѓани, за сите нас. Ќе ги запреме овие немилосрдни уништувачи на државата или ќе се покориме. Ќе ги запреме овие неработници или ќе се откажеме. Ќе ги запреме овие неспособни манипулатори или ќе се предадеме“, рече Сајкоски и порача дека нема да се предадат туку со ум, работа ќе се запрат лошите политики на оваа актуелна власт.

Сајкоски ги повика си граѓани без разлика на вера и нација, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, христијани, муслимани да излезат и да гласаат за подобра Македонија.

„Да се обединиме во борбата против власта која не посрами. Која не оцрни, не избрка од огништата, ни ги затвори училиштата, власта која ни ги запусти и патиштата. Обединети да им одговориме дека за нив дојде крајот. Обединети да им одговориме дека Македонија има и повеќе ум и повеќе сила“, нагласи тој.

Тој посочи дека оваа напаст и непогода која ја задеси Македонија не се победува со седење дома, не се победува со кавги и недоразбирања помеѓу нас. Оваа напаст се победува со големо народно, македонско обединување, со гласање и воведување ред во својата, во нашата, и во твојата Македонија.

„Слушам овие од власта велат сме имале некаква фобија. Ама можам да им кажам дека ние како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ имаме само љубов. Љубов кон Македонија, љубов кон луѓето на нашата земја, Македонија. Таа љубов ја преточивме во содржината на двете изборни програми наречени платформа „Македонија повторно горда” и „Платформа 1198“, кои се напишани и креирани од нашите најискусни и најкреативни луѓе“, појасни Сајкоски.

Сајкоски укажа дека Платформата „Македонија повторно горда” е совршен и умен продукт на исклучително успешна и искусна личност. И само таа како иницијатор и креатор на истата може добро да ја долови. Таа ќе биде претседателка на Македонија, професорката Гордана Силјановска.

„Со програмата за парламентарните избори „Платформа 1198“ целосно ќе ја рестартираме, реорганизираме и реформираме нашата Македонија.

Најмногу простор во нашата Платформа, но и во нашата работа ќе посветиме на:

- Борбата за квалитетен животен стандард;

- Ниските даноци;

- Повисоките пензии и плати;

- Ќе ги подобриме можностите младите;

- Ќе одвоиме 150 милиони евра за поддршка на квалитетно вработување на нашите млади;

- Ќе ги подобриме политиките кон семејството;

- Ќе ја воспоставиме мерката „Купи куќа за млади“, рече Сајкоски.

Сајкоски додаде дека во Охрид ќе се уреди и реконструира пристаништето. Ќе се преземаат активности за редовно чистење на езерското дно како и за проширување, прочистување и одржување на пристаништата и пристапните мостови.

„Дополнително ќе ги зголемиме инфраструктурните инвестиции во комплексот Плаошник, а со изработка на детална програма Охрид ќе стане центар на културен туризам со посебно внимание на промоција на црковно-историското наследство. Ќе изградиме ново училиште „Григор Прличев“. Ќе градиме катна гаража кај градскиот пазар. Ќе изградиме плоштад и кај Чинар. Ќе градиме систем за водоснабдување на Охрид од Свињишки извори. Ќе работиме на кејот и на довршување на затворениот градски базен. Ќе изградиме канализационен систем со пречистителна станица во Трпејца. Но и ќе работиме на многу други конкретни проекти за Охрид, Дебрца и сите околни општини“, порака Сајкоски.

Тој додаде дека за овие проекти да се остварат, потребно е Македонија да има способна Влада, способен премиер, способни политичари, способна претседателка, се наведува во партиското соопштение.

Лидер на ИСИС убиен во операција во пограничниот регион на Мали

Водачот на една од групите поврзани со Исламската држава, Абу Худајфа, е убиен во операција во пограничниот регион кој опфаќа делови од Мали, Буркина Фасо и Нигер.

Неутрализацијата на терористичкиот лидер беше извршена за време на голема операција во Липтак, триграничен регион кој опфаќа делови од Мали, Буркина Фасо и Нигер, соопштија властите на Мали.

Во соопштението се потсетува дека еден лидер на ИСИС учествувал во напад на Нигер во 2017 година, во кој беа убиени четири американски Зелени беретки и четворица нигериски војници, вклучително и еден преведувач. /МИА

Десетици илјади луѓе протестираа низ Франција барајќи повисоки плати и мир

Десетици илјади луѓе ширум Франција се приклучија на синдикалните собири за повисоки плати и мир по повод Меѓународниот ден на трудот.

Од Марсеј до Лион, Рен или Тулуз на големите поворки во големите градови се вееја знамиња на различни синдикати и палестински знамиња.

Во Париз, според синдикатите, се собрале 50.000 луѓе, а според полицијата 18.000, атмосферата на почетокот била карневалска, но на крајот полицијата интервенирала со солзавец.

Според полицијата, група од 4.500 луѓе, со „неколку стотици радикали“ запалиле камион, а уништени се и излози.

Досега се уапсени 25 лица.

Низ цела Франција, 12.000 полицајци се распоредени за да го зачуваат мирот, од кои 5.000 во Париз.

Моќниот синдикат ЦГТ упати апел против „мерките за штедење“, за отворање работни места, повисоки плати и мир.

Водечкиот синдикат ЦФДТ ги повика луѓето да се приклучат на маршевите во повиците за поамбициозна Европа која повеќе ги штити работниците. /МИА

Папата ја осуди индустријата за оружје

Папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“.

Папата Франциск денеска упати молитви за жртвите од војните во Украина, палестинските територии, Израел и бегалците Рохинџи во Мјанмар, нагласувајќи дека, „за жал, најпрофитабилните инвестиции се оние поврзани со индустријата за оружје“.

- Војната секогаш е пораз, секогаш. Ние бараме мир, бараме вистински мир за овие народи и за целиот свет, рече папата, по повод католичкиот црковен празник Свети Јосиф Работник, пренесе Ватикан Њуз.

Обраќајќи им се на присутните во салата Павле VI во Ватикан на општа аудиенција, папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“. /МИА

притисни ентер