Русија распиша потерница по Зеленски

Руското Министерство за внатрешни работи распиша потерница по украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува руската државна новинска агенција РИА Новости.

„Володимир Александрович Зеленски, 25 јануари 1978 година. Се бара според членот од Кривичниот законик“, пишува во базата на податоци на веб-страницата на Министерството. Не е прецизиран членот по кој е издаден налогот за апсење на украинскиот лидер.

Базата на податоци го наведува и местото на раѓање на бараното лице, градот Кривиј Рих во регионот Дњепропетровск. Објавена е и фотографија од Зеленски, направена пред војната.

Радио Спутник пишува дека Русија распишала и потерница за Валериј Залужни, поранешен врховен командант на украинските вооружени сили.

Да потсетиме, Меѓународниот суд во Хаг издаде налог за апсење на Владимир Путин во март минатата година. Хашкиот суд издаде налог за апсење на рускиот претседател поради сомнение дека е одговорен за нелегална депортација на деца и илегално пренесување на луѓе од територијата на Украина во Руската Федерација.

Роналдо го собори рекордот на Саудиска Арабија во една сезона

 Напаѓачот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо постигна асистенција на натпреварот од 32. коло на шампионатот на Саудиска Арабија со Ал-Хилал (1:1).

Триесет и деветгодишниот Португалец го собори рекордот во една сезона на овој турнир. Тој има 33 гола и 11 асистенции.

Претходниот рекордер беше Абдеразак Хамдалу, кој постигна вкупно 43 поени (гол+асистенции) во сезоната 2018/19.

Ал-Наср со 78 поени и се наоѓа на второто место во поредокот. /МИА

Во поплавите во централен Авганистан загинаа најмалку 50 луѓе

Најмалку 50 луѓе загинаа во поплавите што го погодија централниот дел на Авганистан, соопштија локалните власти.

Претставникот на авганистанската провинција Гор, Мавлави Абдул Хаи Заем изјави дека сè уште нема податоци колку луѓе се повредени во надојдената вода.

Тој информираше дека во поплавите целосно се уништени 2.000 куќи, а двојно повеќе се делумно оштетени.

Под вода се над 2.000 продавници во главниот град на провинцијата Гор, Фероз Кох. /МИА

Северна Кореја тестираше тактички балистички ракети со нов систем за наведување

Северна Кореја денеска потврди дека вчера тестирала балистичка ракета со нов систем за наведување, а на тестот присуствувал и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

- Ким изрази задоволство по повод успешното тестирање на ракетата, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Јужнокорејската армија вчера соопшти дека Северна Кореја лансирала повеќе балистички проектили со краток дострел кон Источно Море.

Тестирањето се случи само еден ден откако САД и Јужна Кореја имаа заедничка вежба со стелт борбени авиони при што се симулираше борба во воздух. /МИА

притисни ентер