Како што објави „Дејлимејл“, Атиљо Брилембург (53) исчезнал во саботата, а последен пат бил виден во еден часот по полноќ. Носел сина кошула, сиви панталони и бил бос.
Властите ги повикаа сите кои можеби знаат нешто за неговото движење да се јават. Родениот њујорчанец, кој е поврзан со европските кралски членови, бил забележан недалеку од луксузен станбен комплекс. Тоа е ридско подрачје, кое што било слабо осветлено.
Околностите под кои исчезнал не се откриени. Полицијата навела дека станува збор за белец, висок 177 сантиметри, тежок околу 75 килограми, со седа коса, зелени очи и тетоважа на горниот дел од телото.
„Загрижени сме за господинот Брилембург“, се вели во соопштението од канцеларијата на шерифот.
Атилио Брилембург е очув на принцезата Татјана од Грција, член на грчкото и данското кралско семејство, која е родена во Венецуела. Полицијата изјавила дека тој повеќе нема никаква врска со кралското семејство. Принцезата Татјана од Грција е мажена за принцот Николај, син на Константин II, кој беше крал на Грција до укинувањето на монархијата во 1973 година.
Парот, кој се венчал во август 2010 година, минатиот месец објави дека се разведува. И покрај ова, Татјана најави дека ќе ја задржи титулата. На свадбата, која беше опишана како „Мама миа, со аристократи“, присуствувале претставници на кралските семејства на Холандија, Данска, Шведска и Шпанија.
Принцезата Татјана, чие полно име е Татјана Блатник, се занимава со пишување и филантропија. Таа пораснала во Швајцарија. Основач е на непрофитната организација „Дух“ која се занимава со подигање на свеста за менталното здравје.