Премиера на претставата „Хеда Габлер“ во Драмскиот театар

 „Хеда Габлер“ работена по текст на авторот Хенрик Ибзен е новата претстава во продукција на Драмски театар Скопје, која премиерно ќе се одржи во сабота, 20 април, на сцената „Ристо Стефановски“.

Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова – Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.

Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман - Сања Арсовска, Судијата Брак - Зоран Љутков, Јерген Тесман - Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг - Дениз Абдула и ликовите на Госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.

-Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајки уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост, вели Васил Христов во програмската белешка за претставата.

Христов денеска на прес-конференција посочи дека драмскиот текст „Хеда Габлер“ низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело.

-Драмскиот материјал отвара можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество, појасни Христов.

Актерката Сања Арсовска на прес-конференцијата го истакна задоволството од тимската работа во процесот на создавање на претставата и ја искажа благодарноста кон режисерот што и ја доверил улогата со што и се исполнил сонот да ја игра Хеда Габлер, еден од најзначајните ликови во театарската литература. /MИА

Турското ГП би можело да се врати во календарот на Формула 1 за две години

Турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој изјави дека земјата повторно може да биде домаќин на трка во Формула 1. Според него, тоа ќе се случи во 2026 година.

Последен пат турско Гран при се одржа како дел од Светскиот шампионат во кружни трки во сезоната 2021 година.

- Тендерот за управување на патеката Формула 1 во Истанбул се одржа на почетокот на април и беше успешно завршен. Сега преминавме на втората фаза. Претходниот закупец мора да го ослободи просторот и да го предаде на победникот. По ова, процесот на склучување договор за одржување на Гран при во Истанбул од 2026 година ќе продолжи брзо, изјави Ерсој за „Milliyet“.

Се истакнува дека тендерот за изнајмување и контрола на објектот „Истанбул Парк“, во кој е вклучена и тркачката патека, се одржал на 2 април. Го освои Кан Билим Егитим Курумлар А.С., чиј партнер е шефот на управниот одбор на турскиот огранок на Пирели, Лале Џандер.

Првата етапа во Турција во рамките на Формула 1 се одржа во 2005 година. Во 2021 година се одржа од 8 до 10 октомври. Победи Валтери Ботас со Мерцедес, Макс Верстапен во Ред Бул беше втор, а Серхио Перез трет. /МИА

ОЦХА: Отстранувањето на експлозивните направи во Појасот Газа ќе трае 14 години

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани смртоносни средства во Појасот Газа може да потрае 14 години.

Според процените на ОН, за време на војната во Појасот Газа настанати се 37,5 милиони тони урнатини, а поголемиот дел од нив е покриен со бомби и други видови муниција кои не експлодирале.

ОЦХА соопшти дека околу два милиони луѓе или половина од населението на Појасот Газа, нашле засолниште во Рафа, но немаат пристапат до основните потреби како што се здравствена заштита, чиста вода и санитарни објекти. /МИА

МП: Дозволена е екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиството на Вања и Панче

Министерството за правда информира дека е добиено  официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.

Турските власти уште во февруари му ветиле на министерот за правда Кренар Лога дека во брзо време во земјава ќе биде екстрадиран Љупчо Палевски Палчо, но иако му бил посочен и рок, тој не сакаше да сподели кога ќе се случи тоа бидејќи се уште траат административните процедури.

Инаку, веќе е завршена судската процедура за Палевски, кој е првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Додека се чека на екстрадицијата на Палевски, од притвор излезе таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, на кого Врховен му ја прифати жалбата, а осомничените за соучесништво Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски остануваат во притвор.

По три месеци поминати во притвор возачот Стефан Димковкси кој го превезуваше Палевски низ Србија Бугарија и Турција, беше пуштен да се брани од слобода и му беа определени мерки на претпазливост.

притисни ентер