Полскиот премиер: На Европа ѝ се заканува војна

Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека Европа се наоѓа во „предвоен период“, но дека ѝ претстои уште долг пат пред да биде подготвена да се соочи со претстојната закана.

„Не сакам никого да исплашам, но војната повеќе не е нешто од минатото“, изјави Туск во интервју за неколку европски медиуми. „Тоа е реално, всушност, веќе започна пред повеќе од две години“,пренесува Politico.

Туск рече дека најзагрижувачко во моментов е тоа што „буквално секое сценарио е можно“, додавајќи дека Европа не се соочила со таква ситуација од 1945 година.

„Знам дека звучи поразително, особено за луѓето од помладата генерација, но мора да се навикнеме на доаѓањето на новото време“, рече тој. „Ова е предвоена ситуација. Не претерувам. Секој ден станува сѐ поочигледно“, додаде тој.

Среде руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година, западните сојузници и највисоките воени функционери станаа сè позагрижени за потенцијалните прелевања од конфликтот, и покрај тоа што рускиот претседател Владимир Путин постојано негираше какви било планови за напад на НАТО.

Минатата недела руска ракета влезе во полскиот воздушен простор, поради што Варшава подигна борбени авиони Ф-16, а Туск тоа го нарече „загрижувачки инцидент“.

Туск предупредува дека Европа сѐ уште не е подготвена да се соочи со заканата.

„Мораме да бидеме подготвени. Европа има уште долг пат да направи. Првиот чекор е земјите да ја исполнат целта на НАТО да потрошат 2 отсто од својот БДП за одбрана“, рече тој.

„Денес мораме да потрошиме колку што можеме за да купиме опрема и муниција за Украина бидејќи живееме во најкритичниот момент од крајот на Втората светска војна“, рече тој. „Следните две години ќе решат сè. Ако не можеме да ја поддржиме Украина со доволно опрема и муниција, ако Украина загуби, никој во Европа нема да може да се чувствува безбеден“, рече тој.

Во исто време, Туск го поздрави прилагодувањето на ставот што поттикна некои европски лидери, вклучително и францускиот претседател Емануел Макрон, да ја објават можноста за испраќање француски војници во Украина.

„Кога бев премиер, никој освен балтичките земји не обрна внимание на моите предупредувања дека Русија може да биде закана“, рече тој. „Сега без особено задоволство ги набљудувам промените што се случуваат во сите главни градови на Европа.“

Со американските претседателски избори на крајот на годината, европските лидери сѐ повеќе се загрижени за добрите шанси за реизбор на Доналд Трамп, стравувајќи дека тој ќе се повлече од НАТО и ќе спречи понатамошна помош за Киев. Но, за Туск улогата на Европа останува непроменета, без разлика кој ќе биде во Белата куќа.

„Без разлика дали ќе победи Џо Бајден или Доналд Трамп, Европа е таа која мора да направи повеќе кога станува збор за одбраната“, рече Туск.

Јанкоски од Народната банка: Работиме на нова регулатива за јакнење на киберотпорноста

Народната банка постојано работи на унапредување на регулативата за осигурување на дигиталната отпорност во финансискиот сектор. 

Започнати се активности за усогласување на домашната регулатива со европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност (англ. Digital Operational Resilience Act − DORA), со што ќе се воспостават унифицирани стандарди за заштита, пријавување и справување со сигурносните инциденти, обезбедување непрекинатост во работењето, поголема контрола на надворешните лица кои обезбедуваат важни оперативни функции и засилена комуникација и координација на сите институции во финансискиот сектор на нашата држава, пишува Горан Јанкоски, главниот супервизор за информациските системи на Народната банка во колумна за билтенот на Македонската банкарска асоцијација.

Јанкоски наведува дека дигиталната отпорност се дефинира како способност за заштита, справување и брзо обновување на деловните процеси на финансиската институција од настани коишто може да предизвикаат нивен прекин. „Законот треба да обезбеди поддршка на процесот на дигитална трансформација, правилна примена на новата технологија и поттикнување на иновативноста во новото време на дигитални финансии. Народната банка во моментов подготвува нова Одлука за Методологија за сигурноста на информативниот систем, усогласена со насоките на Европскиот банкарски орган (ЕБА) за управување со ризиците поврзани со сигурноста. Оваа одлука би била вовед во активностите за подготовка и воведување нов закон за унапредување на дигиталната оперативна отпорност во финансискиот сектор, усогласен со ДОРА“, посочува Јанкоски.

Клучните области коишто се опфатени со Законот за дигиталната оперативна отпорност се управувањето со ИТ-ризикот, управувањето со ризикот од пренесување на извршувањето оперативни функции или услуги од надворешни лица и нивен надзор, тестирањето на дигиталната отпорност, управувањето со ИТ-инциденти, споделувањето (размена) информации итн. „Законот создава регулативна рамка и воведува стандардизирани и хармонизирани принципи за заштита од заканите од дигиталниот простор, коишто треба да бидат исполнети од институциите во финансискиот сектор со примена на потребните контроли за заштита, соодветно управување со сигурносните инциденти и нивно пријавување до надлежните тела во земјата и ЕУ. Како новитет се воведува барањето за спроведување тестирање на дигиталната отпорност, во согласност со кое финансиските институции треба да спроведуваат редовни тестирања на своите ИТ-системи и услуги, за што треба да се известат и регулаторните органи. Исто така, со Законот се воспоставува рамка за соработка и комуникација помеѓу институциите во секторот, домашните и меѓународни надлежни тела и други учесници со цел да се унапреди оперативната отпорност“, пишува Јанкоски.

Поради засиленото присуство на банките на современите канали, дигитализацијата на банкарските производи и услуги и постојаниот пораст на ризиците поврзани со заканите во дигиталниот простор почнувајќи од 2003 година, Народната банка активно работеше на дефинирање на потребната регулатива во подрачјето, којашто постојано се надградува во согласност со најдобрите стандарди и практики на ЕУ.

На преговорите во Каиро поканета и израелска делегација

На преговорите во Каиро заедно со делегацијата на Хамас „за да се забрза процесот“ била поканета и израелска делегација, пренесува Тајмс оф Израел. 

Претходно вчера, висок функционер на Хамас потврди дека делегација на Хамас денеска ќе го посети Каиро за да преговара за прекин на огнот во Газа.

Тој, исто така, истакна дека немаат „поголеми проблеми“ со најновиот предлог на Израел и Египет за прекин на огнот во Газа. /МИА

Дипломатскиот клуб го одбележа јубилејот 55 години од формирањето на македонската дипломатија

„Во таа далечна 1969 година беше формирано Бирото за односи со странство како орган на тогашниот Извршен совет (Влада) на Република Македонија.“

Со засадување дрвце пред зградата на МНР и посета на Меморијалниот центар во Пелинце членовите на Дипломатскиот клуб го одбележа 29 Април – Денот на Министерството за надворешни работи на Македонија и 55 годишнината од формирањето на македонската дипломатска служба.

-Садењето на дрво се смета за симбол на постојаноста на оваа служба и нејзиниот развој, а посетата на Пелинце е уште еден знак дека Република Македонија своите основи ги има во одлуките на заседанието на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински недалеку од Пелинце, стои во соопштението од Дипломатскиот клуб по повод вчера одржаните активности.

Темелите на македонската дипломатија се удрени пред 55 години, со одлуката на Извршниот совет на Република Македонија донесена на 29 април 1969 година за формирање на Бирото за односи со странство.

-Во таа далечна 1969 година беше формирано Бирото за односи со странство како орган на тогашниот Извршен совет (Влада) на Република Македонија. Тогаш надворешната политика на југослобенската федерација генерално беше водена преку Белград. Меѓутоа републиките имаа можност и директно да учествуваат во креирањето и спроведувањето на југословенската надворешна политика. Тоа првенствено беше окопу политиката кон иселениците, кон националните малцинства во соседните земји и кон работниците на привремена работа во странство. Републиките имаа и некои можности за развој на соработка со одделни држави или со федералнои единки на тие држави, наведуваат од клубот на дипломати.

Република Македонија, се посочува, тоа го користеше интресирајќи се за македонското национално малцинство во соседните змји, потоа за македонските иселеници особено за оние во прекуокеанските земји и за школувањето на децата на Македонците во европските земји. Македонија беше соодветно застапена и со свои кадри во Сојузниот секретаријат за надворешни работи, а кадри од тогашниот Секретаријат за односи со странство беа упатувани во странство како југословенски дипломати.

-Оваа поставеност на тогашната југословенска дипломатија покажуваше дека и Македонија имаше можности да учествува во градењето и спроведувањето на сојузната надворешна политика. Тоа нѝ дава за право да тврдиме дека Република Македонија постоеше како државен ентитет во југолсовенста федерација и во доменот на надворешната политика, наведуват од Дилпматскиот клуб.

Дипломатскиот клуб е здружение на поранешни и сегашни дипломати кои се ангажирани своето дипломатско искуство да им го пренесат на младите дипломати. Клубот во мај ќе одбележи и 15 години од своето формирање и 10 години од издавањето на негото списание Дипломатски летопис.

Содржините на списанието Дипломатски летопис се достапни и за новинарите и за пошироката публика преку пишаното издание, но и преку веб страницата на Клубот. /МИА

притисни ентер