Пендаровски: На 24 април заокружете број 1 за стабилност во следните уште пет години

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски попладнево беше со жителите на општините Чашка и Свети Николе.

Заблагодарувајќи им се за масовното присуство, Пендаровски истакна дека имајќи предвид дека во изминатите пет години постојано бил меѓу своите сограѓани, тие знаат за што се залагал и знаат дека така ќе продолжи и во следниот мандат. Во оваа насока Пендаровски посочи на двете големи придобивки за земјата во последните неколку години, односно членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.

„Затоа овие избори се многу важни. Не смееме да дозволиме да се врати претходната власт. Постигнавме добри договори, се смиривме и се договоривме со соседите. Тие сакаат одново да преговараат и да изгубиме уште 10-15 години. До тогаш овие деца што ги гледаме тука ќе заминат од Македонија", подвлече Пендаровски.

Говорејќи дека како претседател не ги дискриминирал луѓето по ниту една основа и не ги делел на наши и на ваши, Пендаровски ги повика граѓаните на Чашка и на Свети Николе масовно да гласаат уште на првиот круг од изборите.

„Дајте да продолжиме со истите овие луѓе. Не ни треба пак да се караме внатре меѓу нас или пак да се караме со соседите. Мојот слоган е ,,Нашиот претседател" затоа што јас сум ваш, вие сте мои, сите сте наши", подвлече Пендаровски.

На прашање од присутните во однос на обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од изборите, Пендаровски одговори дека нема потреба да бојкотира зошто ќе ги добие изборите.

Граѓаните побараа коментар и околу изјавите на Гордана Силјановска-Давкова дека е неопходна реформа на Уставот.

„Јас мислам дека нејзината изјава е многу поопасна. Значи, тие три години како политичка партија се борат против промена на Уставот, да не биле Бугарите дел од преамбулата на Уставот. Но госпоѓата не зборува за тоа. Таа зборува за нов Устав, внимавајте зборува за граѓански Устав. Дали во тој граѓански устав како што го нарекуваат ќе има воопшто место за Македонците? Според мене тоа е многу опасна идеја освен ако госпоѓата не се потруди да објасни што подразбира под нов, граѓански Устав" одговори Пендаровски.

Во рамки на изборниот караван вечерва Пендаровски ќе одржи централен митинг во Велес, соопштувата од неговиот тим.

Ролинг Стоунси ја започнаа американската турнеја со распродаден концерт во Хјустон (ВИДЕО)

Легендарната рок група Ролинг Стоунс вчера со концерт во Хјустон ја започна својата турнеја во Северна Америка.

Според американските медиуми, обожавателите на Стоунс патувале од различни американски градови за да го видат еден од најголемите бендови во историјата на рок музиката, загрижени дека ова би можело да биде нивната последна турнеја, пренесува Ројтерс.

Настапот на Стоунс во Хјустон беше првиот од 16-те претстави што бендот ги планираше низ САД и Канада до јули оваа година.

Британскиот рок бенд, кој беше формиран пред повеќе од шест децении, го отвори своето шоу во Хјустон со песната „Start Me Up“, а фронтменот на бендот, 80-годишниот Мик Џегер, се прошета на сцената во јакна на пруги и сива кошула со светки.

Со Џегер, на сцената излегоа Кит Ричардс (80) и Рони Вуд (76), преживеаните членови на јадрото на Стоунси.

Димитриевски од Битола ги повика граѓаните во борба за менување на владеачката структура

Димитриевски од Битола ги повика граѓаните да се придружат во борбата  за менување на владеачката структура која се однароди и од членството на СДСМ и од народот.

Караванот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска по Охрид и Ресен, беше и во Битола. Претседателот на Движењето ЗНАМ За наша Македонија, Максим Димитриевски, носителката на листата за кандидати за пратеници во ИЕ, Весна Бендевска, како и другите кандидати имаа повеќе средби со граѓаните.

Во изјавата за медиумите во Битола, Димитриевски рече дека ЗНАМ се формирал како политички субјект заедно со граѓаните и се афирмира како нова политичка сила во Македонија.

„Нашата цел е да работиме согласно програмските определби, од граѓаните, заедно со граѓаните и за граѓаните“, рече тој и упати порака до сите чесни социјалдемократи дека вратата на ЗНАМ е отворена за нив.

„Ги повикувам заедно да работиме на менување на оваа владеачка структура којашто се однароди, не само од сопственото членство, туку и од народот. Истите тие кои се претставуваат дека се наводно потомци на АСНОМ-ци, а всушност ги избришаа АСНОМ-ските постулати од Уставот на Македонија“, потенцира Димитриевски и ги повика сите да се придружат за да ја водат оваа борба заедно до крај.

„Да победиме на овие избори и во иднина да бидеме коректив на секоја власт и на секоја опозиција во државата од позиција на трета политичка сила, која се вика Движење ЗНАМ –За наша Македонија“, рече тој.

Носителката на листата за Ие 5, Весна Бендевска потенцира дека ЗНАМ добива се поголема и помасовна поддршка во очи на парламентарните избори на осми мај.

„Сега сите знаеме дека сме на вистинската страна“, рече Бендевска и ги повика граѓаните да го заокружат бројот седум, затоа што Движењето ЗНАМ знае како заедно со граѓаните да ја подигне Македонија на нозе и да ја води државата достоинствено и чесно, се наведува во партиското соопштение.

Вооружени напаѓачи среде бел ден ја убиле мисицата на Еквадор (23) (Вознемирувачко видео)

Мис на Еквадор, Ленди Парага е убиена во градот Кеведо додека била во ресторан, а сѐ е снимено од надзорните камери и сега на социјалните мрежи се шири вознемирувачкото видео.

Таа имаше 23 години. Полициската истрага е во тек, пишува Дејли мејл.

На видеото се гледаат двајца вооружени напаѓачи како влегуваат во ресторанот, додека Ленди Парага и еден маж стојат покрај масата. Додека парот разговарал, напаѓачите влегле во ресторанот и испукале неколку куршуми кон двајцата и веднаш го напуштиле објектот и побегнале.

Инаку, Парага беше натпреварувачка за Мис Еквадор и ја претставуваше провинцијата Лос Риос во 2022 година. Таа има над милион следбеници на социјалните мрежи. На само 23 години, таа стана сопственик на компанија за увоз на предмети за домаќинството и води сопствена линија на спортски чевли.

Нејзиното име беше споменато во декември 2023 година во пораките објавени од канцеларијата на јавното обвинителство, поврзани со голем случај на организиран криминал што го истражуваа. Едно од 52-те лица кои се под истрага во овој случај е Хеливе Ангуло, попознат по прекарот Естимадо.

Во разговорот, тој му рекол на дилерот на дрога Алехандро Нортер, со чиј имот управува, дека полицијата го испрашувала за Парага. „Ако мојата сопруга најде нешто за неа, јас сум готов“, напишал Нореро. „Пријателе мој, нејзиното име нема да се појави никаде“, го добил договорот.

Нореро е убиен во затвор во 2022 година, шест месеци откако беше затворен. Трансферите на пари на сметката на Парага се под истрага на јавното обвинителство.

притисни ентер