Основната каматна стапка останува на ниво од 6,30 проценти

Основната каматна стапка останува на ниво од 6,30 проценти. 

Според Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но сепак ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики што влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите.

Како што информираше денеска Народната банка, понудата на благајнички записи на редовната аукција останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се на нивоа од 4,20 проценти и 4,25 проценти.

- И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, истакнуваат од Централната банка.

Оттаму посочуваат дека во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носење на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика бил ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии.

- Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4 проценти на годишно ниво (3 проценти во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата, се наведува во соопштението.

Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесувало 4.287,1 милион евра, што, според Народната банка, е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

Трговскиот дефицит во првите два месеца од годинава, според последните расположливи податоци од надворешниот сектор, е малку повисок од очекувањата со октомврискиот циклус проекции, а остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година и за целата година, како што посочува Народната банка, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното.

Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март годинава, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата, а од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.

ОЦХА: Отстранувањето на експлозивните направи во Појасот Газа ќе трае 14 години

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани смртоносни средства во Појасот Газа може да потрае 14 години.

Според процените на ОН, за време на војната во Појасот Газа настанати се 37,5 милиони тони урнатини, а поголемиот дел од нив е покриен со бомби и други видови муниција кои не експлодирале.

ОЦХА соопшти дека околу два милиони луѓе или половина од населението на Појасот Газа, нашле засолниште во Рафа, но немаат пристапат до основните потреби како што се здравствена заштита, чиста вода и санитарни објекти. /МИА

МП: Дозволена е екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиството на Вања и Панче

Министерството за правда информира дека е добиено  официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.

Турските власти уште во февруари му ветиле на министерот за правда Кренар Лога дека во брзо време во земјава ќе биде екстрадиран Љупчо Палевски Палчо, но иако му бил посочен и рок, тој не сакаше да сподели кога ќе се случи тоа бидејќи се уште траат административните процедури.

Инаку, веќе е завршена судската процедура за Палевски, кој е првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Додека се чека на екстрадицијата на Палевски, од притвор излезе таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, на кого Врховен му ја прифати жалбата, а осомничените за соучесништво Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски остануваат во притвор.

По три месеци поминати во притвор возачот Стефан Димковкси кој го превезуваше Палевски низ Србија Бугарија и Турција, беше пуштен да се брани од слобода и му беа определени мерки на претпазливост.

Зеленски: Украина ќе влезе во НАТО по победата во војната со Русија

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски е убеден дека Украина ќе се приклучи во НАТО по победата во војната со Русија.

Зеленски го изјави ова за време на состанокот со офицери кои минуваат курсеви за професионално воено образование според стандардите на НАТО, со учество на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

„Според мое лично мислење, ние ќе бидеме во НАТО дури кога ќе победиме“, нагласи Зеленски. /МИА

притисни ентер