Невидено невреме направи хаос во Дубаи - во Оман загинаа најмалку 18 лица (ВИДЕО)

Обилни дождови денеска ги зафатија Обединетите Арапски Емирати, поплавувајќи делови од главните автопати, оставајќи напуштени возила на патот низ Дубаи и привремено го запреа сообраќајот на огромниот меѓународен аеродром.

Во меѓувреме, бројот на загинати во одвоените тешки поплави во соседен Оман се искачи на 18, додека непознат број луѓе се водат како исчезнати, пренесува CBS News.

Дождовите почнаа во текот на ноќта, оставајќи огромни бари на инаку сувите улици и аеродромските писти, додека силните ветрови придонесоа за прекин на летовите на меѓународниот аеродром во Дубаи, најпрометниот аеродром во светот за меѓународни патувања и домаќин на превозникот на долги летови, Емиратс. Аеродромот во серија објави на социјалните мрежи соопшти дека сите операции се стопирани на околу 25 минути попладнево, и дека сите дојдовни летови ќе бидат пренасочени „до подобрување на временските услови“.

До вечерта, повеќе од 12 сантиметри дожд ги затрупаа ОАЕ - типичен годишен просек за пустинската земја - при што се очекуваат повеќе дождови во наредните часови.

Полицијата и службите за итни случаи полека возеле низ поплавените улици, нивните светла за итни случаи трепкаат додека молњи го осветлуваат небото, повремено допирајќи го врвот на Бурџ Калифа, највисоката зграда во светот.

Училиштата низ ОАЕ биле главно затворени пред невремето, а владините службеници главно работеле од дома каде што е можно. Многу работници исто така останаа дома, иако некои отидоа на работа, а некои несреќници ги оставија возилата во длабоката вода на патиштата.

Властите испратија цистерни на улиците за да ја испумпуваат надојдената вода што навлегуваше во некои домови, принудувајќи ги луѓето да користат кофи за да се обидат да ги испразнат домовите.

Дождот е необичен феномен во ОАЕ, земја на Арапскиот Полуостров, но повремено се појавува за време на постудените зимски месеци. Многу улици и други области немаат одводнување поради недостаток на редовни врнежи од дожд, што ги влоши поплавите.

Дожд падна и во Бахреин, Катар и Саудиска Арабија.

Во соседниот Оман, султанат лоциран во источниот дел на Арапскиот Полуостров, најмалку 18 лица загинаа во обилните дождови во последните денови, се вели во денешното соопштение објавено од Националниот комитет за управување со вонредни состојби на земјата. Ова вклучува околу 10 училишни деца кои вчера биле однесени од поројот додека се возеле во комбе, во кое имало и еден возрасен.

Климатолозите со години предупредуваат дека човечкото влијание врз климатските промени ќе доведе до поекстремни и помалку предвидливи временски настани ширум светот.

Делови од јужна Русија и Централна Азија, исто така, со денови се борат со невообичаено обилен дожд и топење на снег, принудувајќи десетици илјади луѓе да се евакуираат на повисоките места, при што загинаа повеќе од 60 луѓе во Пакистан и Авганистан.

Најскромниот претседател на светот има рак на хранопроводот: Ќе се борам додека можам

Поранешниот претседател на Уругвај, Хозе „Пепе“ Мухика денеска соопшти дека по медицинскиот преглед минатата недела му бил дијагностициран рак на хранопроводот.

Мухика (88) изјави дека автоимуното заболување од кое боледува веќе 20 години создава потешкотии кога се работи за хемотерапија и дека операцијата би била ризична, но дека лекарите размислуваат за опции.

На новинарско прашање за прогнозата, Мухика рече дека не е лекар и дека не знае што да очекува, пренесува Обсервадор.

Тој нагласи дека ќе продолжи „да се бори додека може“, а ги повика младите Уругвајци својот гнев да го претворат во надеж, да се борат за љубов и да бараат помош доколку се зависници од наркотици.

„Благодарен сум и на крајот на денот никој не може да ми ги одземе убавите моменти кои ги имав“, изјави Пепе.

Во април 2021 година, тој имаше операција на хранопроводникот поради повреда од „туѓо тело“, а личниот лекар на Мухико тогаш објави дека станувало збор за рибна коска.

Лекарите по операцијата потврдија дека поранешниот претседател има чир на хранопроводникот, и дека нема повреда.

Мухика ги освои симпатиите ширум светот бидејќи за време на неговиот претседателски мандат покажа дека е скромен човек кој вози стара „буба“, поради што го доби прекарот „најскромниот претседател на светот“.

Хонда „се сели“ на друг континент- вложуваат милијарди во фабрика во Канада

Јапонскиот производител на автомобили Honda Motor денеска објави дека сака да изгради фабрика за електрични возила (EV) во Канада и е подготвен да инвестира 11 милијарди американски долари во овој проект.

Honda започнала преговори со канадските власти за добивање субвенции за проектот во Онтарио, пренесува агенцијата Kyodo.

Вистинската инвестиција на Honda во создавањето на синџир за снабдување со електрични возила во Канада се очекува да биде од 60 до 70 отсто од вкупната сума, бидејќи и добавувачите на материјали ќе ги поделат трошоците.

Хонда планира да започне со производство во новата фабрика за електрични возила, која ќе биде втора од ваков вид во Северна Америка, во 2028 година.

Јапонската компанија моментално ја реконструира својата постоечка фабрика во Охајо во Соединетите Американски Држави со цел таму да произведува исклучиво електрични автомобили од 2025 година.

Бебе загина во страшното торнадо, што ја опустоши Оклахома (ВИДЕО)

Според последните информации, најмалку пет лица, меѓу кои и едно дете (4), загинале во серијата разорни торнада што минатиот викенд ги погодија централните делови на САД.

Како што јави Би-Би-Си, четири лица загинале во Оклахома, додека едно го загубило животот во Ајова.

Силното невреме што започнало во петокот предизвикало значителна материјална штета, а десетици илјади луѓе останаа без струја. Вонредна состојба е прогласена во повеќе од 12 окрузи во Оклахома. Во сојузните држави Небраска и Ајова биле регистрирани дури 70 торнада.

Националната метеоролошка служба потврди дека прелиминарните податоци покажале дека некои од торнадата имале брзина на ветер до 136 милји на час (околу 218 километри на час). Невремето се проширило од Тексас до Мисури и за само неколку часа наврнале околу 18 сантиметри дожд на метар квадратен, пренесе АФП.

На социјалните мрежи се објавени бројни видеа од штетите на кои се гледаат уништени куќи и превртени автомобили. Службите за итни случаи во Оклахома регистрирале најмалку сто повредени лица на кои им била потребна медицинска помош.

„Ќе се вратиме, ќе ги исчистиме урнатините, ќе изградиме куќи и ќе продолжиме напред“, рече претседателот на Домот на Оклахома, Чарлс Мекол.

Гувернерот на Оклахома Кевин Сит изјави дека во неколку градови е предизвикана најголемата штета што ја видел во последните шест години откако е на чело на државата.

"Видов како доаѓа големо торнадо. Имав доволно време само да ги засолнам децата и сопругата. Сè беше уништено. Населбата не постои. Им помагавме на затрупаните да излезат од урнатините - рече Брент Ричардсон, еден од жителите на Омаха.

Американскиот претседател Џо Бајден разговараше со гувернерот на Оклахома и понуди федерална помош за најранливите области.

притисни ентер