На Агенцијата за хуманитарна помош на ОН и бил забранет пристап до преминот Рафа во Газа

Агенцијата за хуманитарна помош на ОН денеска соопшти дека израелските власти ѝ забраниле пристап до граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет, кој сега е под контрола на израелската армија.

- Рафа е на нишан, рече Јенс Лаерке, портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, на редовен брифинг во Женева.

- Израелските одбранбени сили ги игнорираат сите предупредувања што тоа би можело да значи за цивилите и хуманитарните операции низ Појасот Газа. Мислам дека е фер да се каже дека извештаите што ги добивме од колегите на терен се дека завладеала паника и очај, луѓето се преплашени, истакна тој.

Лаерке рече дека 76 отсто од Газа е под наредба за евакуација и на луѓето во Рафа не им е дадено доволно време да ги исполнат тие наредби.

Лаерке предупреди дека ОН и нивните партнери во Газа имаат гориво за еден ден, главно дизел за да управуваат со камиони и генератори.

Портпаролката на Канцеларијата на ОН за човекови права Равина Шамдасани изјави дека Израел има обврски врз основа на меѓународното хуманитарно право на цивилите во Газа да им обезбеди пристап до медицинска нега, соодветна храна, вода за пиење и санитарни услови.

Таа го изјави ова неколку часа откако израелските сили ја презедоа контролата на граничниот премин Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

- Неисполнувањето на овие обврски се граничи со принудно раселување, што е воено злосторство, додаде таа.

За израелската операција во Рафа, таа рече дека постојат силни индиции дека таа го прекршува меѓународното хуманитарно право. /МИА

Пронајдени мигранти од Ирак и Турција

Полициски службеници од ОВР Неготино пронашле тројца мигранти, двајца од Република Турција и еден од Ирак, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Мигрантите се пронајдени рано утрово, во 02.15 часот, на автопатот А1 кај Неготино по што се предадени на Полициската станица за граничен надзор Михајлово за натамошна постапка.

Британскиот министер за надворешни работи, Камерон ќе ја посети Тирана

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, сега државен секретар за надворешни работи во Владата на премиерот Риши Сунак, во средината на идната недела се очекува да допатува во Тирана.

Дипломатски извори во Лондон и Тирана за Топ чанел изјавиле дека оваа посета на лордот Камерон се очекува да се случи на 22 мај, доколку нема промена на агендата во зависност од случувањата во Велика Британија.

-Во фокусот на посетата не е некое конкретно прашање, туку продолжување на британската поддршка за Албанија. Во Тирана се очекува лордот Камерон да ја оцени координацијата со Министерството за внатрешни работи во спречувањето на илегалната имиграција и соработката на СПАК со НЦА против организираниот криминал, додава телевизијата.

Според истиот извор, премиерот Еди Рама деновиве имал телефонски разговор со неговиот колега Риши Сунак, под притисок на јавното мислење и неговото внатре во Конзервативната партија за минување на Ла Манш со гумени чамци на илегални имигранти.

Во 2022 година со моторни чамци на британско тло пристигнале 13 илјади албански граѓани, оваа бројка е намалена за 90 отсто во текот на 2023 година кога заминале само 900, а во периодот јануари-април годинава само 20 албански граѓани. /МИА

Тренерот на младинците ќе го води Јувентус до крајот на тековната сезона

Тренерот на тимот на Јувентус до 21 година, Паоло Монтеро ќе го предводи сениорскиот тим до крајот на сезоната, објави клубот од Торино на својот официјален сајт.

Педесет и двегодишниот Уругваец ќе го претставува тимот на натпреварите против Болоња и Монца.

Досегашниот тренер Масимилијано Алегри пред два дена доби отказ и покрај освоениот трофеј во Купот на Италија.

Алегри беше на чело на Јувентус од мај 2021 година. Под негово водство тимот освои 80 победи, 34 пати ремизираше и претрпе 35 порази.

На две кола пред крајот на сезоната во Серија А, Јувентус е на четвртото место со 67 бодови. /МИА

притисни ентер