МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Министерството за образование и наука со допис ги известило училиштата дека двете среди (24 април и 8 мај) кога нема да работат поради одржување на изборите, треба да ги одработат во две саботи (18 мај и 1 јуни). 

МОН во дописот со вчерашен датум им укажало дека треба да се исполни одредбата од законот според која учебната година трае 180 наставни денови.

Покрај тоа, основните училиштата на Град Скопје се задолжени на 15 јуни (сабота) да го надоместат 30 ноември 2023 (четврток) кога не работеа поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. За оваа нивна обврска МОН во дописот се повикува на нацрт-записник од 199 седница на Владата одржана на 14 ноември минатата година кога 30 ноември бил определен за неработен ден за учениците од основните училишта во Град Скопје.

Министерството за образование и наука вчера за медиумите соопшти дека наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта и дека учебната година нема да биде продолжена, односно ќе заврши согласно утврдените календари – на 10 јуни за средношколците и на 17 јуни за основците, но не информираше дека неработните денови ќе бидат одработени во саботи.

-Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, посочи МОН без да прецизира дека деновите ќе бидат надоместени како што за тоа ги известило училиштата.

Известувањето пратено до училиштата го објави и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) на нивната фејсбук-страница, со прашање: „Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни?“

- Министерот за образование веднаш да го повлече Известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат „неработните" денови, прогласени од Владата, заради одржување на претстојните избори. Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година, пишува во реакцијата на СОНК.

Со одлука на Владата од седницата пред три дена, заради непречено спроведување на првиот и вториот круг на Претседателските избори и на Парламентарните избори 2024, деновите 24 април и 8 мај ќе бидат неработни за сите граѓани на целата територија на државава, и тие нема да се одработуваат.

МОН вчера информираше дека во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови.

Инаку, учениците оваа година првпат ќе имаат пролетен распуст кој ќе почне на 29 април и ќе трае заклучно со 6 мај.

Српската министерка за образование : Секој 3 мај ќе биде ден на тага и сеќавање

Ѓукиќ Дејановиќ истакна дека утре пред се семејствата на убиените деца ќе имаат можност достоинствено да ја изразат својата болка, сеќавање и страдање.

Српската министерка за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ денеска изјави дека утре во Белград со програма наречена „Будење“ ќе се одбележи првата годишнина од масовното убиство во ОУ „Владислав Рибникар“ во кое животот го загубија девет ученици и еден работник од училишното обезбедување на 3 мај 2023 година.

Ѓукиќ Дејановиќ истакна дека утре пред се семејствата на убиените деца ќе имаат можност достоинствено да ја изразат својата болка, сеќавање и страдање.

Министерката во изјава за РТС нагласи дека секој 3 мај ќе биде ден на голема тага и сеќавање на жртвите./МИА

СДСМ: Дали ОЈО се злоупотребува за изборната кампања?

После денешната прес конференција на ДПМНЕ прашањето е дали Белата палата води истраги вклучително и споменатата?

СДСМ нема да навлегува во мотивите на ОЈО, секако дека секој што го прекршил законот треба да одговара, но, доколку се утврди дека нема прекршување на законот очекуваме исто така одговорност.

Постои сомнеж дека ова е можеби и злоупотреба за избораната кампања. Вештачењето е од 25.04.2024 година, само еден ден после првиот круг од претседателските избори, а предлогот е доставен за 3 работни дена потоа.

Дали ОЈО се злоупотребува за изборната кампања исто како и хајката против Каевски набргу ќе стане јасно.

Ал Џезира - Финален предлог на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница

Конечниот предлог на Резолуцијата, во која имаа увид од Ал Џезира, се состои од седум точки.

Конечниот предлог за Резолуцијата што ќе го одбележи 11 јули како ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница во БиХ во 1995 година е испратен до претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис, потврди амбасадорот на Босна и Херцеговина во ОН, Златко Лагумџија.

Конечниот предлог на Резолуцијата, во која имаа увид од Ал Џезира, се состои од седум точки, а целта е да се зачува споменот на жртвите од Сребреница и да се спречи нивното негирање и величење на осудените за воени злосторства.

Повикувајќи се на неколку пресуди на Меѓународниот суд на правдата (МСП) и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, во конечниот предлог на Резолуцијата се вели:

- Прогласете го 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница во 1995 година;

- Безрезервно се осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница како историски настан и се повикуваат земјите-членки да ги зачуваат утврдените факти, вклучително и преку нивните образовни системи, преку развивање соодветни програми, со цел да се спречи негирање и искривување на фактите и појава на геноцид во иднина;

- Безрезервно ги осудува дејствијата кои ги глорифицираат оние што се осудени за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид од страна на меѓународните судови, вклучително и оние кои се одговорни за геноцидот во Сребреница;

- Ја нагласува важноста од завршување на процесот на пронаоѓање и идентификување на преостанатите жртви на геноцидот во Сребреница и нивното достоинствено погребување;

- Повикува на продолжување на гонењето на оние извршители на геноцидот во Сребреница кои се уште треба да се соочат со правдата;

- Ги охрабрува сите држави целосно да се придржуваат кон нивните обврски според Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, како што е применливо, и обичајното меѓународно право за спречување и казнување геноцид со должно почитување на релевантните одлуки на Меѓународниот кривичен суд (МСП );

- Бара од генералниот секретар на ОН да воспостави информативна програма со наслов „Геноцид во Сребреница и Обединетите нации“, ги започнува своите активности со подготовките за годишнината во 2025 година и понатаму бара генералниот секретар да донесе резолуција за проверка од сите земји-членки, организации во рамките на системот на Обединетите нации и граѓанските организации за соодветна усогласеност;

- Ги повикува сите земји-членки, организации од системот на Обединетите нации, други меѓународни организации и регионални организации, како и граѓанското општество, вклучително и невладините организации, академските институции и другите релевантни фактори да го одбележат Меѓународниот ден, вклучително и посебни ознаки и активности во спомен и чест на жртвите на геноцидот во Сребреница 1995 година, како и соодветно образование и јавна свест.

Резолуцијата, чии формални предлагачи се Германија и Руанда и спонзори на повеќе од 20 други земји, вклучително и највлијателните западни земји како САД, Велика Британија, Франција и Италија, требаше да биде објавена на 2 мај во седиштето на ОН, но гласањето беше одложено, па сега се очекува да биде кон средината на месецот. /МИА

притисни ентер