МНР ќе упати порака за претпазливост до македонските државјани во Израел

Нема нови пријави од наши граѓани кои се наоѓаат во Израел и во регионот на Блискиот исток за евентуална евакуација, изјави денеска шефот на димплатијата Бујар Османи

-Во моментов немаме нови барања. Постојано ја следиме состојбата. Утринава повторно имав разговор со нашиот амбасадор во Израел. Имало некои информации дека во текот на ноќта Израел го има нападнато Иран, меѓутоа се уште не се потврдени и затоа не ве информирав по тоа прашање.Меѓутоа тоа се информаците од утринскиот разговор што го имав со нашиот амбасадор, но немаме барање ниту преку СОС телефонот ниту преку нашата Амбасада за евакуација, рече Османи на новинарско прашање по изјавата во Стопанската комора на Македонија каде беше во рамки на изборните активности како претседателски кандидат.

Тој посочи дека САД денеска има препорака до нивните граѓани да не го напуштаат Тел Авив и главните центри на Израел поради можни напади. Најави дека денеска и нашето МНР ќе упати порака за претпазливост до нашите државјани таму.

-Во текот на денот и ние ќе ги информираме нашите граѓани иако постојано сме во комуникација со тие што се таму, вели Османи.

Амбасадата на САД во Израел денеска им порача на своите вработени и нивните семејства да ги ограничат своите движења по извештаите дека Израел извршил одмазднички напад врз цели во Иран.

По нападите од саботата на Иран врз Израел во МНР беше формиран Кризен штаб чија примарна задача е да организира извлекување на македонските државјани од Израел и од поширокиот Блиски Исток доколку за тоа има потреба. На почетокот од седмицата МНР информира дека само еден македонски државјанин побарал да биде евакуиран од Израел по повикот упатен до наши државјани кои во моментов се наоѓаат во таа земја и поширокиот регион на Блискиот.

Се проценува дека околу 50 македонски државјани се наоѓаат во Израел. Кризниот штаб нема конкретна бројка на македонски државјани кои се наоѓаат во околните земји, а единствениот начин да се дојде до тоа е преку нивно пријавување во нашите амбасади. Османи на почетокот од неделава им препорача на нашите граѓани кои се во тој регион да се пријават во Амбасада, да остават телефонски броеви, доколку се влоши ситуацијата да можат да бидат контактирани.

Покрај Амбасадата во Тел Авив на нашите граѓани на располагање им стојат и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар. Сите државјани кои се наоѓаат во посочениот регион можат да стапат во комуникација со нашата Амбасада во Тел Авив на дежурниот телефон 972 549 267 378 како и СОС дежурните телефони на МНР 075 273 732 и 075 268 376 со цел подготовки за евентуална евакуација.

Сиљановска-Давкова: Трибина на тема: "Ранливи категории"

Во рамките на претставувањето на клучните точки од Програмата „Македонија повторно горда“ петтата трибина на тема: "Ранливи категории".

Во рамките на претставувањето на клучните точки од Програмата „Македонија повторно горда“ петтата трибина на тема: "Ранливи категории". На трибината свое обраќање имаше кандидатката за претседател на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова. Исто така, беше промовирана и аудио-верзијата на програмата „Македонија повторно Горда“. На трибината учество зедоа преставници на различни групи на ранливи граѓани.

Сиљановска-Давкова истакна:

"Оние кои ме познаваат знаат дека нема луѓе со хендикеп, туку има држави со посебни потреби, како нашава.

Член 9 од Уставот е нецелосен, мора да се прошири со лицата со посебни потреби.

Никој подобро не може да ги застапува овие лица, од самите тие, преку нивна промоција во разни сфери.

Оваа држава не смее да се откаже од лицата со посебни потреби. Можеби им треба повеќе време за изразување, но ние имаме човечка обврска да го браниме и поддржиме тоа. Тоа е само различен начин на изразување, а не хендикеп.

Јас секогаш ќе водам сметка за сите категории на луѓе, вклучително и за овие лица. Тие луѓе можат на еден поинаков начин да придонесат за развојот на општеството.

Пресреќна сум што ВМРО- ДПМНЕ даде шанса на оваа категорија на луѓе да се промовираат себеси.

Јас ќе бидам промоторка и заштитничка на ранливите категории на луѓе, за да имаат шанса да го докажат она што го знаат."

Мицкоски од Гостивар: ДУИ ги злоупотребува Албанците, врз митот за права направија милиони

Ќе одат во опозиција и ќе одговараат за криминалот.

Македонија се наоѓа пред сериозна одлука а изборите кои следат во себе не го носат изборот која партија ќе победи, туку каква иднина ќе се одбере, за себе и за своите семејства. Главниот проблем, е што државата е одземена од рацете на народот. Контролата е во стотина души кои управуваат со се во земјава, без одговорност, со многу криминал и корупција, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Гостивар.

Мицкоски додаде дека нема поголем тендер од кој артановци, бујаровци, и зечевци не собираат процент.

- Тука во Гостивар на пола пат од Тетово се сликаа со лопатите, наместија бини, сечеа ленти за нови автопати дел од коридорите 8 и 10д, еве помина година дена, дупка не ископаа, не па автопат да изградат. Повеќе од 300 милиони евра исплатија во ветар. Таму подизведувач е омилената фирма на ДУИ, бидејќи ДУИ управува со државата наместо народот, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека Артан, Бујар и Талат си се послужуваат со Македонија, затоа што имаме слаб СДСМ кој дозволувајќи го тоа скапо си ја купува власта, и деновите поминати во фотелја.

И овие денови ги слушам оние обвинувања кои се редовен декор секогаш кога ДУИ е нападнато, поради криминал и корупција. Нападното е затоа што се фатени како ја ограбуваат Македонија. И не ги ограбуваат само Македонците. Ги ограбуваат сите, и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Бошњаците, ја ограбуваат Македонија. Фатени во грабеж, обвинуваат дека сме имале против Албанците и затоа сме ги напаѓале, изјави Мицкоски.

Мицкоски посочи дека има против ДУИ кои ги злоупотребуваат, меѓудругото и Албанците и нивната мака.

- ДУИ која врз митот права за Албанците, и Артан, и Али направија милиони евра за себе, имаат имот како шеици од Саудиска Арабија, додека албанскиот народ гладува и се сели од Македонија. Најголемата злоупотреба овие дваесет години е состојбата со правата на Албанците кои овие криминалци од ДУИ се обидуваат кога се фатени во криминал да ја наметнат како тема. Секогаш кога тие зборат за ова, на своето конто си редат по уште еден милион народни пари, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека ДУИ тоа го прават затоа што се исплашени и знаат дека им доаѓа крајот на своето владеење.

- Ќе одат во опозиција, а таму ќе мора најпрвин да одговараат за криминалот, а потоа да се реформираат, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека бранот е создаден, иако работата не е завршена, мора да се излезе на гласање во вториот круг за да се победат сите сценарија на СДСМ и ДУИ заедно и дека таквите сценарија се победуваат само со голема излезност.

Макрон на крајот од месецов во државна посета на Германија

Францускиот претседател Емануел Макрон од 26 до 28 мај ќе престојува во државна посета на Германија која ќе биде во контекст на европската соработка, со планирани посети на Берлин, Дрезден и Минстер, соопшти денеска германското претседателство.

Посетата, која е прва на француски претседател во последните 24 години, ќе се реализира непосредно пред изборите за Европскиот парламент (6 до 9 јуни) и почетокот на Европското фудбалско првенство во Германија, кое ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули, и Олимписките игри во Париз кои следат веднаш потоа.

Францускиот претседател редовно се среќава со германскиот канцелар Олаф Шолц во Париз или Берлин, додека оваа државна посета, најважна во протоколарната хиерархија, ја организира германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

Емануел и Брижит Макрон ќе бидат пречекани со воени почести во палатата Белви во Берлин, резиденцијата на германскиот претседател, а потоа ќе присуствуваат на „прославата на демократијата“ по повод 75-годишнината од германскиот Основен закон и 35 години од мирната револуција во 1989 година што доведе до повторно обединување на двете Германија.

Со потпишувањето на Основниот закон на 23 мај 1949 година е основана Сојузна Република Германија.

Вториот и третиот ден од посетата ќе бидат во Дрезден и Минстер, каде што ќе разговараат за „заедничките предизвици на кои Франција и Германија можат да дадат заеднички одговори во Европа, на полето на технолошките иновации и конкурентност или на теми за мир и безбедност на континентот“, се наведува во соопштението.

Претседателот Макрон ќе биде единствениот странски гостин на годишнината од основањето на Сојузна Република Германија, на барање на претседателот Штајнмаер кој сака „да ја нагласи уникатната вредност на француско-германското пријателство“. /МИА

притисни ентер