Митрески во недела во 12 часот ќе закаже седница за инаугурација на Сиљановска Давкова

Митрески го чека извештајот од ДИК и ќе закаже седница за инаугурација на Сиљановска Давкова во недела во 12 часот

Претседателот на Собранието Јован Митрески ќе ја закаже седницата за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова откако ќе го добие извештајот од ДИК за конечните резултати од вчерашниот втор круг претседателски избори, информираат од кабинетот на спикерот на Парламентот.

Крајниот рок до кога ДИК треба да го достави извештајот е до петок во 19 часот.

Откако ќе го добие извештајот, Митрески ќе ја закаже инаугуративната седница, која ќе се одржи на 12.05 (недела) во 12 часот.

Гордана Сиљановска Давкова пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат.

На 12 мај истекува мандатот на актуелниот претседател кој беше и кандидат за претседател, Стево Пендаровски.

По инаугурацијата на Сиљановска Давкова, согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.

Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.

Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на државата, пак, е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според првичните резултати од вчерашните парламентарни избори што Државната изборна комисија ги објави на својата веб-страница, од обработени над 99,27 проценти од гласовите, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати во новиот 120 член собраниски состав, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ ќе има 18 пратеници, Европски фронт на ДУИ 19 пратеници, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 13, а Левица и и ЗНАМ по шест.

Во Охрид допатуваа и првите туристи кои организирано ќе летуваат преку холандска агенција „ТУИ“

Со чартер-лет од Амстердам денеска на охридскиот аеродром допатуваа првите туристи од земјите на Бенелукс кои организирано преку пакет аранжмани на туристичката агецнија „ТУИ Аркетравел“ ќе летуваат на охридската ривиера.

Со првиот лет сезонава до Охрид допатуваа 138 туристи кои ќе бидат сместени во некои од сместувачките капацитети со кои соработува „ТУИ“.

Предвидено е во текот на летната сезона до крајот на септември агенцијата „ТУИ“ да реализира 62 лета на до Охрид, со можност за воведување дополнителни летови зависно интересот.

На 12 мај исто така со лет од Амстердам веќе допатуваа и првите туристи кои имаа закупено аранжмани преку агенцијата „Корендон“, која за оваа сезона засега има предвидено да реализира 32 лета од Холандија за Охрид.

Холандските туристи се меѓу најбројните на охриската ривиера, во голем дел благодарение на холандскиот писател А. Ден Доолард која во својот роман „Свадбата на седумте цигани“, кај нас преведен како „Свадба во Охрид”, пишува за неговиот престој во Охрид и неговата богата историја и културно наследство.

Поевтинуваат бензините и дизелот

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од полноќ се намалува за 1,50 денари, а на ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) за 1,00 денар по литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС 95 ќе биде 83,00 денари, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 85,50, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 73,00, а Екстра лесното 1 (ЕЛ-1) за 72,50 денари за литар.

За 0,306 денари поевтинува Мазутот М-1 НС и еден килограм ќе чини 42,629 денари.

Петрова: Владата во заминување не „зауздува“ со трошењето

Ниту силината на изборниот пораз не ги "заузда" владините функциононери во заминување во трошењето буџетски средства, одење на службен пат во странство, правење гала прослави...

До 15 мај 2024 год. поминавме два викенди, три празнични неработни денови и еден изборен неработен ден. Колку потроши Владата во преостанатите седум работни денови, додека треба да се пакува за да ги испразни кабинетите?

Вкупните буџетски расходи од 367 милиони евра во календарскиот период 01/05-15/05/2024 год. се:

само за 9% помалку од вкупните буџетски расходи за ЦЕЛ месец мај во 2023 год.

поголеми во просек за 11% од вкупните буџетски расходи за ЦЕЛ месец мај во 2022 год., 2021 год. и во ковид-годината 2020.

Во овој календарски период 01/05-15/05/2024 год. новосоздадениот буџетски дефицит т.е. негативна разлика меѓу помалку наплатените буџетски приходи и повеќе исплатените буџетски расходи изнесува 189 милиони евра и е:

во просек за 250% поголем од буџетскиот дефицит создаден во текот на ЦЕЛ месец мај во претходните четири години (2020-2023)

поголем за околу 170% во споредба со буџетскиот дефицит создаден во текот на ЦЕЛ месец мај во кризната-ковид 2020 год.

Новата политичка влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери наскоро ќе биде назначена. Ќе дојдат нови луѓе кои одговорно ќе ги водат државните органи и тела, ќе ги насочат јавните финансии за создавање долгорочни бенефити за македонските граѓани, но и од првиот ден ќе ги "отворат сметките", ќе ги разоткријат и ќе иницираат сакционирање за сите досегашни незаконски и штетни трошења од Буџетот.

Кабинет на заменик-министерката за финансии во техничката Влада Елена Петрова

притисни ентер