Изборниот процес вчера помина без инциденти, во мирна, безбедна и демократска атмосфера, оцени министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Информираше дека во текот на изборниот ден евидентирани биле 12 случаи на фотографирање на гласачко ливче, 2 случаи на кинење на гласачкото ливче, 6 пријави за нудење поткуп, 15 пријави за агитирање и други незначителни нерегуларности, но не се евидентирани посериозни инциденти насочени кон нарушување на регуларноста на изборниот процес.
„Без сомневање, мирните и безбедни избори се резултат на добрата соработка помеѓу полицијата, државната изборна комисија и сите други чинители кои беа вклучени во спроведувањето на овој изборен процес кој помина без пречки и поголеми инциденти. Во тој контекст сакам да изразам благодарност до полициските службеници кои со својата посветеност и професионализам придонесоа за одржување на безбедноста на избирачките места и соодветно постапуваа онаму каде што беа евидентирани изборни нерегуларности.“
И според оценката на претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, изборите поминале во демократска атмосфера. Имало мали проблеми од техничка природа на некои избирачки места, најмногу поврзани со уредите за идентификација, но екипите на ДИК реагирале навремено.
„Помина мирно и достоинствено, немаше никакви провокации. Сепак треба да цениме дека 99 посто од работите поминаа како што треба. Ако имало недостатоци, ние тоа го менаџиравме постојано, цело време бевме концентрирани, поради тоа сметам дека помина добро денот на изборите. Имавме неколку интервенции во Куманови и во цела Македонија, каде што снемуваше батерии и кабли за се да помине во најдобар ред.“
Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Македонија не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информира од таму..
Тошковски соопшти дека врз основа на пријавите што ги добиле, констатирани биле 6 прекршоци, а ќе бидат поднесени и 2 кривични пријави, една за кривично дело “Повреда на тајноста на гласањето“и една за „Повреда на избирачко право“.