Министерката за култура ќе ја тужи Арсовска за клевета по пожарот во Универзална

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска контра градоначалничката Данела Арсовска. 

На обвинувањата дека министерската знаела за пожарот а не пријавила, Костадиновска најави тужба за клевета до градоначалничката. Во врска со обвинувањата пак, за упадот во системот на јавни набавки, министерката нагласи дека тоа било карактеристика за едно друго време кога градот и државата ја воделе оние кои ја направиле Арсовска градоначалник, ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера до Министерството за култура градоначалничката испратила барање за раскинување на договорот за реконструкција. Барањето според министерката е без никакво правно дејство затоа што според процедура, треба да биде донесено од советот на градот, доколку тоа се случи, Град Скопје ќе треба да ги врати средствата кои Министерството ги вложило.

Арсовска вчера на прес конференција побара објаснување врз основа на што се темели изјавата на изведувачот дека причина за пожарот е стар кабел или стара инсталација и врз основа на кој проект е продолжено да се реконструира Универзална сала, а побара одговори зошто Костадиновска не го пријавила пожарот во моментов кога дознала дека Универзална сала гори.

Принцот Вилијам проговори за здравствената состојба на Кејт Мидлтон

Принцот Вилијам денеска за време на јавен настан во Њукасл проговори за здравствената состојба на неговата сопруга Кејт Мидлтон, која пред повеќе од еден месец откри дека боледува од рак.

При посетата на принцот на овој град се собраа голем број граѓани кои сакаа да го видат и поздрават идниот крал на Велика Британија.

Меѓу неговите поддржувачи била и Џули Кеј (60), која го прашала принцот како е неговата сопруга и децата.

„Сите се добро, благодарам. Добро ни е“, рекол Вилијам.

Принцот Вилијам полека се враќа на кралските обврски откако направи пауза поради лекувањето на неговата сопруга Кејт Мидлтон.

Двајцата вчера прославија 13 години брак, а на социјалните мрежи објавија приватна фотографија од нивната венчавка.

Кејт во видео минатиот месец откри дека боледува од рак. Во споменатото видео, таа ги замоли луѓето да ѝ дадат време и приватност за време на лекувањето.

Таа исто така им се заблагодари на сите за поддршката за време на нејзиното лекување и за сите пораки што ги добиваше од обожавателите на кралското семејство.

Поранешен шеф на дипломатија доби 32 месеци затвор поради продажба на стан во Монте Карло

Италијанскиот суд го осуди поранешниот министер за надворешни работи на Италија, Џанфранко Фини на две години и осум месеци затвор за неговата улога во продажбата на стан во Монте Карло што неговата партија го продавала.

Елизабета Тулијани, партнерката на Фини, е осудена на пет години затвор, додека нејзиниот брат Џанкарло Тулијани доби шест, а нивниот татко Серџо Тулијани пет години затвор, објави Ројтерс.

Обвинителството го обвини Фини, поранешниот лидер на десничарската Национална алијанса (АН) и другите обвинети за перење пари.

Во коментарите по пресудата, Фини рече дека е ослободен од главното обвинение, но сепак е осуден за авторизирање на договорот, што тој негира дека го сторил.

„После толку разговори, толку расправии и обвинувања, толку политички осуди, за што се сметам себеси за одговорен пред новинарите?

Тој додаде дека причината е што ја одобрил продажбата.

„Навистина не разбирам што е кривичното дело“, нагласи Фини.

Фини, кој беше клучен играч во италијанската политика во 1990-тите и 2000-тите, и сите обвинети ќе се жалат на пресудата и нема да одлежат затворска казна додека жалбите не се исцрпат.

Тој го предводеше крајно десничарското италијанско социјално движење (МСИ) во владата во 1994 година како дел од коалицијата предводена од поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.

Подоцна ја претвори МСИ во помејнстрим АН и служеше како министер за надворешни работи и шеф на Долниот дом на парламентот.

Актуелната премиерка на Италија, Џорџа Мелони, се искачи низ рангот на MSI и AN под водство на Фини.

Нејзината партија, Браќата од Италија, влече корени од двете партии. Фини има 72 години и повеќе не се занимава со политика.

Министерката Костадиновска Стојчевска ги прими претставниците на списанието „Komun@“

Во организација и со поддршка на амбасадорот на Македонија во Црна Гора, н.е. Зеќир Рамчиловиќ, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, ја прими делегацијата на списанието „Комуна“ („Komun@“) .

Бисера Костадиновска Стојчевска, ја прими делегацијата на списанието „Комуна“ („Komun@“) - претседателот на програмскиот одбор Жељко Рутовиќ, директорот и главен уредник м-р Амер Рамусовиќ и проф. Шефко - Шеки Личина, член на издавачкиот совет на списанието.

Со пофални оценки за карактерот на програмската содржина на „Комуна“, минитерката Костадиновска Стојчевска го апострофираше значењето на заштитата и зачувувањето на идентитетот во денешните глобални процеси.

Во тој дух соговорниците го истакнале значењето на афирмацијата на мултикултуралноста како цивилизациско прашање на унапредувањето и почитувањето на човековите права.

Претставниците на „Комуна“ во оваа прилика го нагласија значењето на регионалната институционална соработка, како и на граѓанските иницијативи и пошироките партнерски проекти со цел унапредување на положбата на малцинските култури и тематски програми од областа на историското пријателство и културните врски на црногорскиот и македонскиот народ.

Директорот и главен уредник на „Комуна“, Рамусовиќ ја запозна министерката и со издавачката дејност на списанието, во која прилика ѝ беше врачена книгата посветена за познатиот македонски новинар и публицист Јанко Николовски - “ПО-етика на животот“, од авторите Жељко Рутовиќ и Мирко Јаковљевиќ. На министерката ѝ беа врачени уште неколку изданија со тематска содржина за историјата и културата на Црна Гора.

Соговорниците се согласни во оценката и потребата за печатење на тематски број на списанието „Комуна“, кое би било посветено на културните, историските и севкупните врски меѓу Македонија и Црна Гора.

На крајот на разговорот, министерката Костадиновска Стојчевска изрази задоволство од тоа што културната јавност на Скопје била во прилика поблиску да се запознае со содржината и вредноста на списанието „Комуна“, кое беше претставено во просториите на Црногорската заедница,се наведува во соопштението.

притисни ентер