Мицотакис: Грција нема да испрати во Украина системи С-300, ниту „Патриот“

Грција нема шанси да испрати во Украина ниту С-300 ниту „Патриот“, тие се клучни системи за заштита на грчкиот воздушен простор, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис .

Грција нема шанси да испрати во Украина ниту С-300 ниту „Патриот“, тие се клучни системи за заштита на грчкиот воздушен простор, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијата „Скај“, демантирајќи ги написите во медиумите дека Атина ќе му помогне на Киев со противвоздушни ракетни системи, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис откри дека било побарано од Грција, но објасниле зошто не можат да го сторат тоа.

Грција ја поддржа Украина на различни начини со одбранбен материјал. Но, од првиот момент рековме дека не можеме да ги отстапиме оружените системи кои се клучни за нашата способност за одвраќање. Имавме вишок материјал со кој можеме да ја поддржиме Украина и го направивме тоа и сметам дека тоа е правилно. До степен до кој можеме да најдеме таков материјал, ќе продолжиме да го правиме тоа. Сепак, системите за противвоздушна одбрана се клучни системи за заштита на грчкиот воздушен простор и нема да и бидат доделени на Украина, објасни Мицотакис.

За односите со Турција и во пресрет на средбата со турскиот претседател во Анкара на 13 мај, грчкиот премиер рече дека целта на посетата е да се направи „чекор напред во грчко-турскиот пристап, кој даде некои важни мерливи резултати“.

Како пример спомена дека над 12 месеци нема прекрушувања на грчкиот воздушен простор, но и дека постои екстремно намалување на мигрантските бранови.

Истакна дека иако постојат различни ставови за одредени прашања, „тоа не значи дека нема да разговараме, дека нема да го препознаеме подобрувањето на односите и дека нема секогаш да се трудиме да ги градиме позитивните работи, наместо да се фокусираме само на негативните и нашите несогласувања“.

Во однос на европските избори на 9 јуни, рече дека другите партии „сакаат да ги сведат на референдум против Владата“, истакна дека го прифаќаат овој предизвик и политичката порака од евроизборите треба да биде „стабилност, сигурност и континуитет“.

Дополнително посочи дека не станува збор за национални избори на кои се одбира влада и мерката за споредба, според него, треба да бидат претходните европски избори.

Нова демократија на евроизборите во 2019 година освои 33,12 отсто од гласовите, додека пак на ланските парламентарни избори победи со 40, 56 проценти.

КФОР, ЕУЛЕКС и косовската полиција утре на заедничка вежба

КФОР, ЕУЛЕКС и косовската полиција утре на заедничка вежба, Улуташ: Ја демонстрираме готовноста за зачувување на регионалната стабилност.

Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, заедно со Мисијата на Европската унија за владеење на правото, ЕУЛЕКС и полицијата на Косово утре ќе одржат заедничка вежба, насловена „Златна сабја 2024“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на КФОР се вели дека вежбата што ќе се одржи во кампот Врело ќе ги тестира вештините за спроведување заеднички процедури во справувањето со кризи и безбедносни сценарија.

„Во вежбата ќе бидат вклучени значителен број на персонал, возила и опрема кои ќе дејствуваат низ областа во која ќе се изведе, како и неговата околина и долж главните патишта. ’Златна сабја 2024‘ е одраз на нашата долгорочна соработка и посветеност за поддршка на стабилна безбедност на цело Косово, за доброто на заедниците“, се вели во соопштението на КФОР.

Командантот на КФОР, Озкан Улуташ вели дека оваа вежба ја симболизира посветеноста на мисијата на мирот и стабилноста на Косово и ќе ја покаже подготвеноста за зачувување на регионалната стабилност.

„Со здружување на силите и способностите, ја покажуваме нашата подготвеност да се справиме со предизвиците и нашата посветеност за зачувување на регионалната стабилност. Очекуваме успешно завршување на оваа вежба и постојана соработка меѓу сите вклучени“, рече командантот на КФОР.

КФОР како и обично нагласува дека продолжува да го спроведува својот мандат на ОН – врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност од 1999 година – да обезбеди безбедна средина за сите луѓе кои живеат во Косово, како и слобода на движење, во секое време и непристрасно.

„КФОР е третиот безбедносен одговор, по косовската полиција и Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС), кои дејствуваат соодветно како прв и втор безбедносен одговор“, велат од мировната мисија на НАТО.

Tаравари се сретна со европскиот емисар Питер Ванхоуте

Европскиот пат на земјата ќе биде во сигурни раце .

Претседателот на Алијанса за Албанците , Арбен Таравари во текот на денешниот ден одржа средба со европскиот емисар, Питер Ванхоуте.

"Денеска имавме добра и продуктивна средба со европскиот емисар г. Ван Хојтен. Европскиот пат на земјата ќе биде во сигурни раце!", пишува Таравари.

Потсетуваме дека дипломатот Питер Ванхоуте има мандат од Европската Унија како посредник за уставни измени.

Израелците со двеминутно молчење им оддадоа почит на жртвите на холокаустот

Израелците денеска одржаа двеминутно молчење за жртвите на Холокаустот, 80 години по убиството на шест милиони Евреи од страна на нацистите во Европа и Северна Африка.

Сирените се огласија низ Израел точно во 10 часот по локално време за комеморацијата на загинатите Евреи во Втората светска војна.

Пешаците и возилата запреа на улиците и главните автопати, а возачите и патниците излегоа со наведнати глави, јавија израелските медиуми.

По двеминутно молчење, почна церемонијата во Меморијалниот центар на холокаустот Јад Вашем во Ерусалим по повод Денот на сеќавањето на жртвите.

Синоќа во Јад Вашем, на почетокот на одбележувањето на Денот на сеќавање на холокаустот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека денес, како и тогаш, пред осум децении, доколку Евреите бидат принудени сами да се спротивстават на непријателот, Израел ќе го направи тоа.

- Пред осумдесет години во холокаустот, еврејскиот народ беше целосно беспомошен против оние кои тежнееја кон наше уништување. Ниту една земја не дојде да ни помогне. Денес повторно се соочуваме со непријател кој сака да не уништи, рече израелскиот лидер, алудирајќи на меѓународно спротивставување на воената операција во Рафа во Газа, закани со потерници од Меѓународниот кривичен суд во Хаг и критики за однесувањето на израелската армија во борбите на палестинската територија.

Нетанјаху рече дека нема притисок, одлука, меѓународен форум што ќе го спречи Израел да се брани. Тој го отфрли меѓународниот притисок да се запре војната во Газа.

- Како премиер на Израел, една и единствена еврејска држава, ветувам овде од Ерусалим на Денот на сеќавањето на холокаустот, ако Израел биде принуден да стои сам, Израел ќе застане сам, рече израелскиот премиер и оцени дека Израел не е сам затоа што безброј достојни луѓе ширум светот ја поддржуваат каузата на земјата.

Тој го спомена и американскиот претседател Џозеф Бајден, велејќи дека американскиот лидер е посветен на одговорноста научена од холокаустот.

- На Денот на сеќавањето на Холокаустот, жалиме за шесте милиони Евреи кои беа убиени во едно од најтемните поглавја во човечката историја, објави Бајден на X, додавајќи дека ја повторува својата посветеност на лекциите од Холокаустот и ветувањето за „никогаш повторно“.

притисни ентер