Мицкоски од Куманово: Одговорност за криминалот и корупцијата ќе има, ДУИ ќе оди во опозиција

„Никој не треба да се сомнева во нашата одлучност и решеност да направиме промени кои ќе ја сменат сликата на политиката во Македонија. “

„Предолго живееме во мочуриштето на лаги, на измами и на време кога просечните владеат, неспособните се на позиции, а паметните тргнати на страна. Ние го покренуваме бранот на сите оние кои предолго беа игнорирани, кои премалку беа вклучени во процесите. Заеднички ја создаваме надежта која мора да ја победи апатијата. Иднината која мораме сами да ја создадеме но и одговорноста која мора да ја примениме“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНе од митингот во Куманово и додаде:

После првиот круг од изборите јасно е дека оваа влада паѓа. И нивните сценарија, нивните планови и завери против Македонија не се за тоа како да ја задржат власта, туку пред се поради стравот дека ќе се соочат со одговорност падот на владата. Дека ќе посегнеме по ним најмилото нешто, а тоа се парите. Парите кои ги крадеа од народот, парите од тендерите, парите од договорите во 4 очи. Е тие пари ќе мора да ги вратат назад на народот а тие да одговораат.

Мицкоски посочи дека ќе има одговорност за криминалот и корупцијата.

„Ќе одговораат и затоа што Македонија ја донесоа на работ на сиромаштија. Тоа што 600 илјади наши сограѓани живеат со само 160 денари на ден. Тоа што имаме најголема инфлација во Европа, рекордери по криминал и индекс на мизерија. Но и ќе одговараат што ја одземаа државата и приграбија за себе. 100 души од ДУИ управуваат со се во земјава. Тие мислат дека се господари на животот и смрта, дека располагаат со државата додека безмилосно ја крадат. СДСМ тоа им го овзоможи за да може да владее. А од друга страна Али си создаде артанониден систем. Тоа е системот кој длабоко ДУИ ја однесе во криминал и корупција. Тие не дејствуваат како партија, туку како мафијашка структура додека и нивниот народ гладува“, посочи Мицкоски и додаде:

Додека Артан се вози во скапи автомобили за кои лаже дека се на компанијата која случајно добила државни тендери, тука во Кумановско, погледнете во Липковско како живеат албанците. Подеднакво сиромашно како и сите други. И кога Али ќе каже УЧК ја спасило Македонија, тоа е само израз на лицемиерието преку кој тој преку 2001та преку злоупотребувањето на судбините и маките на неговиот народ и играјќи си со иднината на државата стигна до милионски имот и дворци во Зајас. После 20 години тој не унапреди никакви права, но неговото чедо Артан стана синоним за сите фаличности и недостатоци на системот, за сите криминали и копрупции.

Мицкоски истакна дека Али Ахмети ќе ја заврши кариерата како криминалец.

„И Ахмети за себе може да смета, како што самиот изјавува дека е востаник, може да кажува дека е и научник за НАСА, но јас а и сите вие тука знаете дека ќе ја завши кариерата како обичен криминалец. За ВМРО-ДПМНЕ се многу јасни позициите и определбите. Не сакам да разговарам со емисарите кои секојдневно ги праќа за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ за мене е завршено поглавје и ќе оди во опозиција“, истакна Мицкоски, се наведува во партиското соопштение.

Наумовски: Користењето на новата додавка на државното име во документите е избрзано

Васко Наумовски денеска во изјава за медиумите истакна дека новата додавка на името на државата треба да се употребува во документите во рок од пет години од отворањето на соодветното поглавје.

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор и поранешен амбасадор во САД, Васко Наумовски денеска во изјава за медиумите истакна дека новата додавка на името на државата треба да се употребува во документите во рок од пет години од отворањето на соодветното поглавје.

По денешната панел-дискусија и промоција на публикацијата „Со надеж за најдобро, подготвени за најлошо: Дали Република С. Македонија е ранлива на економски притисок од Народна Република Кина?”, Наумовски посочи дека некои аспекти на имплементацијата на Преспанскиот договор се направени предвреме и избрзано штом, како што рече, земјава ги нема отворено преговорите за членство со ЕУ и нема отворено ниту едно поглавје.

- Имено, доколку детално се анализираат одредбите, ќе видиме дека претходната Влада на СДСМ отиде и предалеку со имплементацијата на Преспанскиот договор во внатрешната употреба и документите кои се однесуваат исклучиво за внатрешна употреба, односно некои одредби кои што требаше да бидат имплементирани постепено согласно отворањето на поглавјата за приговорите со Европската унија беа имплементирани избрзано. Доколку ја направиме анализата, ќе видиме дека самиот договор предвидува постепено имплементирање на додавката во документите согласно отворањето на поглавјата, односно новата додавка треба да се употребува во документите во рок од пет години од отворањето на соодветното поглавје. Ние ги немаме отворено преговорите за членство со Европската унија и немаме отворено ниту едно поглавје, што значи дека некои аспекти на имплементацијата се направени предвреме и избрзано, рече Наумовски.

Според поранешниот вицепремиер Наумовски, избегнувањето на претседателката Гордана Сиљановска Давкова да го каже целосното уставно име на државата во нејзината свечена изјава не претставува никакво прекршување на Преспанскиот договор.

-Она што професорката Сиљановска Давкова го направи, според мене, не претставува никакво прекршување на Преспанскиот договор, туку ние сме доведени во ситуација да го толкуваме Преспанскиот договор од гледна точка на Грција. Она што било претходно направено, таа избрзана и предвремена имплементација, според мене, било погрешно. Можеби е добро да се направи детална анализа што всушност треба да значи внатрешната употреба на Преспанскиот договор и како таа да се употребува понатаму. За очекување беше дека нашите соседи нема да го игнорираат овој потег, меѓутоа сметам дека ние би требало малку подлабоко да гледаме на ова прашање, односно да видиме дали во суштина некои одредби од т.н Преспански договор се прекршени или не, и што всушност значи неговата примена во документите што се однесуваат исклучиво за внатрешна употреба, рече Наумовски, потенцирајќи дека ставот на Сиљановска Давкова по ова прашање бил јавно деклариран уште во нејзината предизборна кампања и таа останала доследна на она што го ветувала на граѓаните.

Сиљановска Давкова се сретна со поглаварите и претставниците на верските заедници

На средбата претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за упатените честитки по повод нејзиното стапување на функцијата.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот: поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан, поглаварот на Исламската Верска Заедница, Реис ул Улема Хаџи Шаќир ефенди Фетаи, поглаварот на Католичката црква, Скопски бискуп и епарх струмичко – скопски, Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква, Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

На средбата претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за упатените честитки по повод нејзиното стапување на функцијата.

Претседателката Сиљановска Давкова ја изрази својата подготвеност за соработка со сите верски заедници и религиозни групи во државата, во интерес на меѓусебното разбирање и почит.

Претседателката ја истакна важноста на верските заедници во негувањето на соживотот, како важен предуслов за просперитетот и напредокот на државата и изрази увереност дека верските заедници ќе продолжат да даваат активен придонес во напорите за одржување и натамошен развој на добрите меѓуверски односи.

Претседателката Сиљановска Давкова ја поздрави работата на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи и придонесот во градењето на доверба и соработка меѓу верските заедници и религиозни групи, заштита на секуларниот карактер на државата и унапредување на верските слободи и права на граѓаните.

Водата во Делчево исправна за пиење

 Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ од Делчево ги соопшти резултатите од тестирањето на водата за пиење, по неколкуте испитувања на квалитетот на водата од новата филтер станица.

Од претпријатието ја информираа јавноста дека согласно сите параметри водата е исправна за пиење.

-ЈКП „Брегалница", Делчево во изминатиот период изврши неколку испитувања на квалитетот на водата од новата филтер станица. На наше задоволство и на задоволство на изведувачот на работите, добиените резултати ги задоволуваат критериумите за бараните параметри за бактериолошка и физичко-хемиска анализа во согласно Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење (Сл.весник на РМ бр.183/18), информираа од делчевското комунално претпријатие.

Испитувањата, како што посочија, се вршени во две лаборатории.

-Тестирањето на квалитетот на вода се испитуваше во две сертифицирани лабаратории: Центар за јавно здравје- Кочани и ФУД лабараторија- Скопје. Во согласност со овие резултати ги известуваме корисниците дека водата од новата филтер станица е исправна за пиење, додадоа од претпријатието.

Оттаму соопштија дека очекуваат во најскоро време да се изврши примопредавање на новата филтер станица на ЈКП „Брегалница" Делчево.

притисни ентер