Мицкоски на средба со „Македонија 2025“: Следува забрзан економски развој

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, оствари средба со раководството на Македонија 2025.

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Гордана Кочоска Димитриеска, членовите на ИК Сања Божиновска и Трајко Славески, меѓународниот секретар Стефан Андоновски и Зоран Ставрески, оствари средба со раководството на Македонија 2025.

На средбата беше потенцирана потребата од забрзан економски развој на Македонија и трансформација на државата, за што претседателот Мицкоски кажа дека е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи регулативна предвидливост за компаниите, поволен и ефикасен даночен систем и даночна администрација.

Воедно потенцирано е дека владата ќе работи на целосна дигитализација и на институциите и на услугите.

За да се подобри животниот стандард на граѓаните, потребно е да се подобри бизнис климата, што е еден од главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во партиското соопштение.

Полска подигна авиони поради рускиот напад на Украина

Полската авијација во текот на изминатата ноќ подигна авиони поради активностите на руската авијација со долг дострел на територијата на Украина, соопшти оперативната команда на вооружените сили на земјата.

- Тоа беше долга и напорна ноќ за целиот систем за воздушна одбрана на Полска, се вели во соопштението објавено на X.

Се додава дека подоцна, поради намалување на нивото на опасност од ракетните напади на руските авиони на територијата на Украина, активностите на полската и сојузничката авијација во полскиот воздушен простор биле прекинати, а силите и средствата се вратиле во нормални активности.

Се истакнува и дека полската армија постојано ја следи ситуацијата на територијата на Украина и е во постојана готовност поради безбедноста на полскиот воздушен простор.

Киев соопшти дека рано утринава руските сили нападнале енергетски објекти во пет региони на Украина со повеќе од 100 проектили и дронови. /МИА

Промоција на „Нудист“, новиот албум на Пијан Славеј

„Нудист“, новиот албум на Пијан Славеј ќе биде промовиран денеска во 13 часот во кафе-книжарница „Буква“ во Скопје. 

Вториот студиски проект на Пијан Славеј претставува 51 издание на SJF Records. Тој се состои од четири композиции, во вкупно времетраење од 17 минути.

Автор на текстовите е Бранислав Николов, а музиката и аранжманите се дело на групата.

Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“.

Дизајнот на омотот е дело на уметникот Владимир Лукаш, извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.

Како што информираат организаторите, промоцијата, која што е дел од придружната програма на 23. ОФФест, ќе биде зачинета со акустичен мини-настап во живо, во кој Бранислав Николов ќе претстави дел од материјалот на новиот албум. /МИА

Сатиричната комедија „Бардо Тодор“ премиерно во Могила и Новаци

 Црната сатирична комедија „Бардо Тодор“, изготвенa во продукција на „New Clаp“, а поддржана од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, премиерно ќе се одигра денеска во општините Могила и Новаци.

Автор на претставата е Сашо Кокаланов, а режисер Сашо Миленковски.

Како што информираат од „Еко Свест“, „Бардо Тодор“е црна сатирична комедија која зборува за страшните последици по животот на луѓето кои живеат како први соседи на една термоцентрала со коп на јаглен, приклештени во противречноста - убиецот да им е и главен работодавец.

Таа ќе се игра на отворено, за да му се даде можност на Комбинатот (РЕК Битола) да биде лик во комедијата.

Од „Еко-свест“ нагласуваат дека ваквиот тип на претстави се наменети да допрат до широката јавноста за потребата да се направат промени во однос на производството на електрична енергија од фосилни горива, што носи страшни последици врз здравјето на луѓето.

Оттаму се надеваат дека пораката што ја испраќа претставата ќе допре до граѓаните.

Претставата која на сатиричен начин носи силна порака ќе биде одиграна во општинскиот двор во Могила во 12 часот, додека, жителите на Новаци во општинскиот двор ќе имат прилика да ја проследат во 18 часот.

Оваа црна комедија е наменета за возрасната публика, а на 10 јуни ќе биде прикажана и во Битола. /МИА

притисни ентер