Мицкоски: Историски резултат за ВМРО-ДПМНЕ што обврзува

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата Само интервју на Канал 5 по вчерашните претседателски и парламентарни избори и убедливата двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека резултатот е историски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата Само интервју на Канал 5 по вчерашните претседателски и парламентарни избори и убедливата двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека резултатот е историски, но и обврзувачки за новата влада на ВМРО-ДПМНЕ за реформирање и исполнување на ветените проекти.

Истовремено очекувам до 28 мај да консолидирам како претседател на партијата 61 пратеник. Вие споменавте 58 пратеници или нешто повеќе од 436.000 гласови нешто што до сега е не запаметено на толкава излезеност и на толкав процент на освоени гласови од позиција на опозиција. И ценам дека овој историски резултат можеби многу тешко понатаму би се повторил, рече тој.

На прашањето дали Изет Меџити ќе биде новиот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека со освојување на 107.000 гласа, коалицијата ВРЕДИ го потврдила својот кредибилитет за да бидат кредибилен партнер на идната влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија.

Со резултатот кој што го направија од ВРЕДИ со 107.000 гласа ценам дека тие го потврдија својот кредибилитет и тие можат да бидат кредибилен партнер во идната влада која што ќе ја предводи коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ и јас како мандатар, потенцираше Мицкоски.

Украина со шест беспилотни летала погоди руска рафинерија

 Руската нафтена рафинерија во Славјанск, Краснодарската територија, беше оштетена по напад со беспилотно летало кон крајот на минатата недела, изјави денеска безбедносниот претставник на компанијата, Едуард Труднев.

Според локалните власти, шест беспилотни летала ја погодија областа на нафтената рафинерија во Славјанск во раните утрински часови во неделата.

По нападот, рафинеријата престанала да работи. „Причинета е штета. Ќе се утврдат нејзиниот обем и големина“, рече Труднев.

Рафинеријата во Славјанск е приватен објект со капацитет од околу 100.000 барели дневно. Произведува гориво за домашни потреби и за извоз.

Русија бележи зголемување на бројот на украински напади откако нејзините сили отворија ново бојно поле во североисточната украинска област Харков претходно овој месец.

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на Нетанјаху и на лидерот на Хамас

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за наводни воени злосторства.

„Постојат разумни основи да се верува дека израелскиот премиер Нетанјаху сноси кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече обвинителот на Меѓународниот суд на правдата.

Судот бара налог за апсење и на лидерот на Хамас , Јахја Синвар.

МАЕИ доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија

МАЕИ доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија.

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија, информираше Васил Стерјовски, претседател на партијата.

-На наше големо задоволство добивме значајна донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија. Оваа мала „Пиринска библиотека“ ќе биде сместена во нашата канцеларија во Пустец и секој Македонец ќе може да се запознае со маките на македонскиот народ под Пирин, бескрајната борба за правда и слобода, како и со народната култура, традициите и животот на Македонците во Бугарија, рече Стерјовски.

Според него во оваа колекција се вклучени дела од познати имиња како поетот Никола Вапцаров, револуционерот Петар Манџуков, државникот Димитар Влахов, и писателот Борис Сандански, внук на Јане Сандански.

Исто така, додава, тука се и дела од основачот на обединетата македонска организација „Илинден“ и долгогодишен затвореник по бугарските затвори Стојан Георгиев, копретседателот на партијата ОМО Илинден-ПИРИН историчарот професор Стојко Стојков, како и делата на академиците Иван Катарџиев и Ѓорги Поп Атанасов, филозофот Стефан Влахов-Мицов и многу други.

-Благодарност за донацијата на ОМО Илинден-ПИРИН поддржани од „Комити“-Скопје и BIBLIOTHECA MACEDONICA. Се надеваме дека во иднина ќе развиваме поголема културна соработка меѓу Македонците во Албанија и Македонците во Бугарија, нагласи Стерјовски.

притисни ентер