Мицкоски: Историска победа на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ одат во опозиција

По речиси седум години во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ ја слави убедливата победа на парламентарните и на претседателските избори со нивната кандидатка Гордана Силјановска Давкова. 

Синоќа на само неколку часа по затворање на гласачките кутии, централното седиште на партијата почна да се полни. Покрај бројните домашни и регионални медиуми, дојдоа и раководството и најгласните членови и симпатизери кои во прес салата со песна го дочекаа партискиот претседател Мицкоски...

Македонија не и припаѓа на ниту една партија, криминалот е поразен, сега следува работа без еуфорија и ароганција- изјави Мицкоски, кој е уверен дека во најбрз можен рок ќе биде формирана новата влада. Кажа дека раговарал со лидерите од албанската опозиција, а како иден мандатар остави подотворена врата и за другите партии.

„Овој народ денеска ги порази сите милевци, артановци, алиевци, кои го погазуваа сите овие години и си ја вратија повторно Македонија. Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори и порано или подоцна следува одговорност. Ние имаме намера со сите опозициски партии кои настапија на изборите да разговараме и да видиме што е тоа што би можело да е точка на поврзување.. Тоа не значи дека сите тие би биле дел од идната Влада на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.“

Покрај нова влада, Македонија ќе добие и прва жена претседателка - Гордана Силјановска Давкова која на нејзиното конто доби над 560 илјади гласови. На прес конференцијата рече дека е среќна што граѓаните не потклекнале на бојкотот и вети дека во иднина нејзината врата ќе биде отворена за сите.

„Мојата најголема честитка е до граѓаните, искрено си се прашувам со што ја заслужив оваа чест? Јас знам дека се подготвував, се посветив на кампањата и го зборував тоа што го мислам, но наградата е непроценлива за мене. Граѓаните покажаа граѓански имунитет, отпорност на притисоците. Да повикувате на бојкот е партиски политички притисок.“

Ден по изборите, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека резултатите ја покажале волјата на народот. Да се испратат во опозиција СДСМ и ДУИ, да има одговорност и да се реформираат, изјави потпретседателот на партијата Муцунски.

„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата доби трипати повеќе мандати од СДСМ, или ако сакате повеќе од ДУИ и СДСМ заедно на овие избори, со што народот јасно покажа дека овие две партии треба да завршат во опозиција.“

Ппретпладнево партискиот врв веќе одржа и состанок на кој ги поставиле контурите за градење на идната коалиција. Оттаму соопштија дека во фокусот ќе бидат луѓето, економски силна држава преку реформи за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата, реализација на стратешкиот интерес за евроинтеграции преку дијалог и принципи..

Украина со шест беспилотни летала погоди руска рафинерија

 Руската нафтена рафинерија во Славјанск, Краснодарската територија, беше оштетена по напад со беспилотно летало кон крајот на минатата недела, изјави денеска безбедносниот претставник на компанијата, Едуард Труднев.

Според локалните власти, шест беспилотни летала ја погодија областа на нафтената рафинерија во Славјанск во раните утрински часови во неделата.

По нападот, рафинеријата престанала да работи. „Причинета е штета. Ќе се утврдат нејзиниот обем и големина“, рече Труднев.

Рафинеријата во Славјанск е приватен објект со капацитет од околу 100.000 барели дневно. Произведува гориво за домашни потреби и за извоз.

Русија бележи зголемување на бројот на украински напади откако нејзините сили отворија ново бојно поле во североисточната украинска област Харков претходно овој месец.

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на Нетанјаху и на лидерот на Хамас

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за наводни воени злосторства.

„Постојат разумни основи да се верува дека израелскиот премиер Нетанјаху сноси кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече обвинителот на Меѓународниот суд на правдата.

Судот бара налог за апсење и на лидерот на Хамас , Јахја Синвар.

МАЕИ доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија

МАЕИ доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија.

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија, информираше Васил Стерјовски, претседател на партијата.

-На наше големо задоволство добивме значајна донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија. Оваа мала „Пиринска библиотека“ ќе биде сместена во нашата канцеларија во Пустец и секој Македонец ќе може да се запознае со маките на македонскиот народ под Пирин, бескрајната борба за правда и слобода, како и со народната култура, традициите и животот на Македонците во Бугарија, рече Стерјовски.

Според него во оваа колекција се вклучени дела од познати имиња како поетот Никола Вапцаров, револуционерот Петар Манџуков, државникот Димитар Влахов, и писателот Борис Сандански, внук на Јане Сандански.

Исто така, додава, тука се и дела од основачот на обединетата македонска организација „Илинден“ и долгогодишен затвореник по бугарските затвори Стојан Георгиев, копретседателот на партијата ОМО Илинден-ПИРИН историчарот професор Стојко Стојков, како и делата на академиците Иван Катарџиев и Ѓорги Поп Атанасов, филозофот Стефан Влахов-Мицов и многу други.

-Благодарност за донацијата на ОМО Илинден-ПИРИН поддржани од „Комити“-Скопје и BIBLIOTHECA MACEDONICA. Се надеваме дека во иднина ќе развиваме поголема културна соработка меѓу Македонците во Албанија и Македонците во Бугарија, нагласи Стерјовски.

притисни ентер