Кумановка измамена за 6.000 денари за набавка на огревни дрва

Седумдесет и двегодишна кумановка пријавила во полицијата дека била измамена за 6.000 денари за набавка на огревни дрва, информираше денеска СВР Куманово.

-Вчера во СВР Куманово, 72-годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лица за сума од 6.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ понудило огревни дрва и откако се договориле и таа му ги дала парите, тоа ѝ кажало дека дрвата ќе ги донесе од складот во кој наводно се наоѓаат, но не се вратило, по што сфатила дека е измамена, соопшти СВР Куманово.

Полицијата презема мерки за расчистување на случајот

Во јануари, годинава беа пријавени два случаи на измами со огревни дрва, првиот повозрасен кумановец за сума од 3.000 денари и вториот случај, кумановка за 5.000 денари.

Во 2023 година на подрачјето на СВР Куманово биле регистрирани вкупно седум (7) измами за дрва, а во 2022 година 15 пријави за измами со огревни дрва. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сторителите на овие измами.

-Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на 192, велат од СВР Куманово.

Енрике: Ми беше чест да го тренирам Мбапе

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, изјави оти бил почестен да го тренира францускиот репрезентативец Килијан Мбапе, кој се очекува ова лето да го напушти клубот од Париз и да ја продолжи кариерата во Реал Мадрид.

„Беше чест да се биде тренер на Килијан Мбапе. Тој секогаш беше пример за другите. Не можам да кажам ништо лошо за него. Немам ниту една поплака за тоа. Неговото однесување беше едноставно одлично“, истакна Енрике в изјава за телевизијата Канал плус.

Мбапе ја игра последната сезона во дресот на ПСЖ, откако на 10 мај објави дека ќе го напушти главниот град по завршувањето на оваа сезона.

Мбапе оваа сезона одигра 47 натпревари за ПСЖ, постигнувајќи 44 голови во сите конкуренции. /МИА

Кина и Камбоџа најавија заеднички воени вежби

Камбоџанските и кинеските сили в четврток ќе ги почнат своите годишни воени вежби под името „Златен змеј“, а кои за цел го имаат зајакнувањето на заедничката соработка и споделувањето воено искуство, денеска соопшти камбоџанската војска.

Портпаролот на армијата на Камбоџа, генерал Тонг Солимо, изјави дека за време на 15-дневните воени вежби, што се одржуваат осма година по ред, ќе учествуваат 1.315 војници од неговата земја и околу 760 кинески војници, а ќе има и учество на кинески воени бродови.

Според Солимо, овие вежби се насочени кон борбата против тероризмот и давањето хуманитарна помош во двете земји и во регионот.

Кинеските власти го опишуваат пријателството со Камбоџа како „железно“. Камбоџа е најблискиот сојузник на Кина во Југоисточна Азија, додека Кина е најважниот сојузник и инвеститор во Камбоџа, со големо влијание врз нејзината економија. Шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, во април три дена престојуваше во Камбоџа за да ги зајакне врските меѓу двете земји.

Камбоџа има бројни проекти финансирани од Кинезите, особено во инфраструктурата како аеродроми и патишта, но и приватни проекти како хотели, казина и недвижен имот. Повеќе од 40 отсто од надворешниот долг на Камбоџа, вреден 10 милијарди долари, земјата и го должи токму на Кина.

Поддршката на Пекинг и овозможува на Камбоџа да ја игнорира загриженоста на Западот за лошата состојба со човековите и политичките права во земјата, а за возврат Камбоџа ги поддржува ставовите на Пекинг за прашањата на надворешната политика, како што се територијалните претензии во Јужното Кинеско Море. /МИА

Нови шестмина хоспитализирани, вкупно 553 случаи на пертусис до 9 мај

 Нови 15 случаи на пертусис - народски кажано голема кашлица, се пријавени во периодот од 3 до 9 мај, од кои шест лица се хоспитализирани.

Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје - 14, а пријавен е и еден случај од Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од еден месец до 62 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот извештај, објавен денеска.

Заклучно со 9 мај, во државава се регистрирани вкупно 553 случаи на голема кашлица, со инциденца од 30,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи.

Од ИЈЗ потсетуваат дека во тек се две епидемии, пријавени во ниво на територија на Скопје и Куманово.

Од 18 јануари до 9 мај, дадени се вкупно 45.715 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица. /МИА

притисни ентер