Ковачки: Пендаровски е сѐ понервозен од малиот рејтинг и премалата посетеност на митинзите

Македонија е на нозе. Промените доаѓаат не е само обична парола. Туку е вистина, начин на работа и начин на кои ние ја гледаме Македонија. 

Пред нас претстои период кога одлучуваме за нашата иднина и за иднината на нашата Македонија. Ова го чекавме 7 години, и оваа шанса не смееме да ја пропуштиме, 24 април и 8 мај со заокружување на бројот 2 ставаме крај на катрострофалните политики на владата на ДУИ и слугите од СДС, изјави Драган Ковачки носител на ИЕ3 на митингот во Свети Николе.

Ковачки посочи дека Македонија е обесправена и понижена, задолжена и банкротирана земја. И за тоа се виновни слугата на стопанот Али Ахмети, Димитар Ковачевски. Криминалот и корупцијата цветаат, а економијата целосно крахира. Институциите повеќе не се во служба на граѓаните, туку во служба на овие неколкумина од владата на ДУИ и СДС кои очајнички се обидуваат да се спасат.

„Знаат дека губат. Знаат дека ги чека пораз и почнуваат да стануваат нервозни. Стравот од пораз е поголем од нивниот рејтинг изминатите 7 години. Знаат дека повеќе немаат поддршка од граѓани и глумат загриженост. Глумат и се обидуваат да ве излажат. Исто како што излажаа пред 7 години дека ќе донесат живот, а донесоа само беда и сиромаштија“, истакна Ковачки и додаде:

Ќе дојдат и ќе ви кажат дека имале погрешни политики, дека овие избори ако им ја дадете довербата ќе се поправат. Но, ќе излажат. Затоа што не ја бараат вашата поддршка за навистина да се променат, туку бараат поддршка за да продолжат да крадат. Исто како и изминатите 7 години. Се прикажуваат како некаков европски фронт кој ќе ја движел Македонија кон ЕУ, а всушност со нив Македонија е се подалеку од Европската унија. Секогаш кога ќе се обелодени некаков криминал или скандал, устите им се полни како СДС ДУИ се проевропски ориентирани. Не, господо од СДС И ДУИ. Немате ниту Е од вашата замислена Европа. Затоа што Европа не сака политичари кои се корумпирани и на кои пола влада им е на црната листа на САД. Европа не сака криминал и корупција. Во Европа има само принципи и вредности, во кои секој кој се огрешил одговара.

„Ќе кажам неколку збора и за актуелниот претседател Стево Пендаровски кои е послушник и нем посматрач на сите погрешни политики на СДС и ДУИ. Пендаровски сака да ги купи симпатиите кај граѓаните, човекот кој 5 години освен што дава изјави, а потоа сам себе си се демантира, деновиве станува се понервозен. Што од премалата посетеност на неговите митинзи, кои повеќе наликуваат на партиски журки така и од се понискиот личен рејтинг“, вели Ковачки.

Тој истакна дека Македонија изминатите 5 години имаше претседател, каков што ниту државата, ниту граѓаните заслужуваат да имаат. Човек со образ ѓон, бесрамник кој ниту еднаш не се спротивстави на криминалот на ДУИ и СДС, само затоа што сака да им се додвори.

„Затоа овие избори се шансата за промена. Шансата за да се избере претседател на Македонија која ќе ја врати државата назад кај граѓаните. Тој избор е професорката Гордана Силјановска Давкова, која преку вистински вредности и принципи ќе покаже дека Македонија може повторно да биде горда“, посочи Ковачки и додаде:

Изборот е повеќе од јасен. Или Македонија твоја, земја горда, или Македонија каква што ја прават Пендаровски, Ковачевски и Ахмети, уназадена, опљачкана и понижена. Да го кренеме гласот и да ги донесеме промените. Затоа што силата на една држава е народот, а не корумпираната елита од ДУИ и СДС. Да излеземе масовно и да гласаме за број 2, да побараме поддршка од секој познаник и да се сплотиме. Затоа што Македонија заслужува промени. Силата е во вас, да ги донесеме промените заедно, се наведува во партиското соопштение.

ОЦХА: Отстранувањето на експлозивните направи во Појасот Газа ќе трае 14 години

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани смртоносни средства во Појасот Газа може да потрае 14 години.

Според процените на ОН, за време на војната во Појасот Газа настанати се 37,5 милиони тони урнатини, а поголемиот дел од нив е покриен со бомби и други видови муниција кои не експлодирале.

ОЦХА соопшти дека околу два милиони луѓе или половина од населението на Појасот Газа, нашле засолниште во Рафа, но немаат пристапат до основните потреби како што се здравствена заштита, чиста вода и санитарни објекти. /МИА

МП: Дозволена е екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиството на Вања и Панче

Министерството за правда информира дека е добиено  официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.

Турските власти уште во февруари му ветиле на министерот за правда Кренар Лога дека во брзо време во земјава ќе биде екстрадиран Љупчо Палевски Палчо, но иако му бил посочен и рок, тој не сакаше да сподели кога ќе се случи тоа бидејќи се уште траат административните процедури.

Инаку, веќе е завршена судската процедура за Палевски, кој е првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Додека се чека на екстрадицијата на Палевски, од притвор излезе таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, на кого Врховен му ја прифати жалбата, а осомничените за соучесништво Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски остануваат во притвор.

По три месеци поминати во притвор возачот Стефан Димковкси кој го превезуваше Палевски низ Србија Бугарија и Турција, беше пуштен да се брани од слобода и му беа определени мерки на претпазливост.

Зеленски: Украина ќе влезе во НАТО по победата во војната со Русија

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски е убеден дека Украина ќе се приклучи во НАТО по победата во војната со Русија.

Зеленски го изјави ова за време на состанокот со офицери кои минуваат курсеви за професионално воено образование според стандардите на НАТО, со учество на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

„Според мое лично мислење, ние ќе бидеме во НАТО дури кога ќе победиме“, нагласи Зеленски. /МИА

притисни ентер