Ковачевски: Гласањето на 8 мај почнува од нула-ве повикувам заедно да изградиме европска иднина

„Гласањето на 8 мај почнува од нула, затоа, апелирам и повикувам, убаво размислете кому ќе ја дадете својата поддршка“, порача лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, од денешниот митинг во Кичево.  

„Вашиот глас е моќно демократско оружје! Затоа убаво размислете во чии раце ќе ја дадете власта. Дали на СДСМ за државата цврсто да продолжи да гази по патот кон ЕУ или на Мицкоски и неговата екипа од Белата палата, која ќе не врати во минатото на изолации и блокади“, истакна Ковачевски.

Првиот човек на СДСМ и носител во ИЕ 1 рече дека Мицкоски и Силјановска немаат никаква намера да ја водат државата кон ЕУ, туку напротив, ќе ја изолираат, затворат и скараат Македонија со соседите и со меѓународната заедница. Ковачевски пред граѓаните на Кичево, истакна дека СДСМ и Коалицијата се единствената искрена проевропска политичка опција на овие избори.

„Вие со вашите искрени критики и барања за иднината нѝ помогнавте да ја креираме нашата изборна програма. Таа програма е реална, остварлива и содржи автентични социјалдемократски политики и мерки. Ветуваме повисоки плати и пензии, многу поволности за нашите млади, уште поголема поддршка на домашните компании за зголемување на инвестициите и зголемување на бројот на работници. Намалување на невработеноста на едноцифрена бројка од 7%. За вистинските земјоделци ќе обезбедиме поддшрка од 1,35 милијарди евра“, рече Ковачевски.

Им порача на Мицкоски, Силјановска и Ахмети дека времето на националистичка реторика и заплашувања со меѓуетнички тензии е одамна завршено.

„Токму Кичево е еден од градовите каде градиме соживот, толеранција и разбирање. Тој предизвик не е секогаш лесен, но ние вложивме огромни напори да ги унапредиме меѓуетничките односи во државата. На 8 мај, да им испратиме јасна и гласна порака на сите ретроградни сили, дека во Македонија живеат прогресивни и умни луѓе кои сонуваат за европска иднина за себе и за своите деца. Да кажеме стоп за враќањето во кошмарното минато на поделби, тензии и конфликти“, истакна Ковачевски.

Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на изборите на 8 мај и да гласаат за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, се наведува во партиското соопштение.

Ново електрично возило ,,Грин Машинс”од велешки БРАКО претставено во Германија

На саемот ИФАТ во Германија претставено е ново електрично возило за чистење од Македонија. 

Велешката фирма БРАКО разви нов модел на свипер, односно електрична метларка за одржување хигиена. На саемот во Минхен електричните и хидрогенските возила на БРАКО од брендот Грин Машинс го привлекоа виманието на посетителите, главно општини, специјализирани претпријатија и компании за јавна хигиена.

Покрај постоечките возила за чистење на електричен и водороден погон од својот бренд Грин Машинс, велешки БРАКО во Минхен претстави ново возило целосно развиено од инженерите во БРАКО. Моделот 720 ZE работи со технологија од последната генерација, со вградени мотори во задните тркала и управување на сите четири тркала, има поголем контејнерски простор, 360◦ камера и помала тежина од конкурентските возила во својата категорија. Ова е осмо возило во програмата на Грин Машинс.

,, На овој саем гордо го претставуваме нашето портфолио, ја претставуваме првата електрична метларка во светот, првата метларка на хидрогенски погон, и сега нашето најново достигнување, моделот 720 ZE.

Ние сме особено горди што целиот развој на ова возило е направен во Македонија, од страна на нашиот тим од инженери. Тоа значи дека сите механички, дизајнерски и софтверски решенија се направени тому од нашиот тим”, рече Ангел Анѓушев-директор на ,,Грин Машинс’’ на БРАКО.

Во развојот свој придонес дадоа и експерти од Машинскиот факултет во Скопје.

Од Грин Машинс на БРАКО сметаат дека новото возило ќе отвори нови пазари, таму каде се бараат возила за чистење со овие перформанси. Досега македонските електрични метларки се продаваат во 60 држави и ги чистат сите светски метрополи.

Од БРАКО велат дека нивните електрични и хидрогенски возила се поквалитети и поевтини од тие на светската конкуренција, и затоа успеваат успешно да се борат со американски, германски и француски производители. Додаваат и дека е полесно да се развие и произведе патничко возило, отколку возило за чистење - кое треба да се направи и да вози и да извршува задачи, соопштуваат од компанијата .

„Хрватска вечер“ на фестивалот „Поетски синтези - 2024“ во Битола

о рамки на 13. Меѓународен фестивал „Поетски синтези - 2024“ што беше отворен синоќа во Битола, денеска ќе се одржи „Хрватска вечер“. Промовирани ќе бидат книгите на Дарија Жилиќ, Диана Буразер, Валерио Орлиќ и Срџан Духовиќ, сите од Хрватска.

Фестивалот почна со доделување на наградата „Поетска муза“ за најдобра интерпретација и композиција на песна која ја доби хрватскиот поет Валерио Орлиќ, а ЗГ „Нова“ ја додели наградата „Поетски хоризонти“ на хрватската поетеса Диана Буразер за најзината книга „Рајски јаболка“ како најдобра книга објавена меѓу две лета во издание на Здружението „Нова“ од Битола.

„Поетски синтези - 2024“ се одржува во Домот на културата. Го отвори претседателката на Здружението за наука и култура „Нова“ Мирјана Стојановска. Со своја поезија се претставија 15 поети од Хрватска, Италија, Црна Гора, како поети од Битола, Скопје, Гостивар и Ресен. Во музичкот дел се претставија дуото Александар Талевски на гитара и Билјана Талевска-вокал со арија од Џузепе Џордани.

Фестивалот се организира под покровителство на Министерството за култура и општина Битола. /МИА

Бесплатен влез за Кокино и Меморијалниот центар АСНОМ по повод Меѓународниот ден на музеите

Бесплатен влез на локалитетите Кокино и меморијален центар АСНОМ и повеќе активности за најмладите, организира НУ Музеј Куманово по повод 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите.

Надлежните ги повикаа граѓаните да ги посетат локалитетите.

- Годинашново мото за Меѓународниот ден на музеите е „Музеите за едукација и истражување“ и не се однесува само за најмладата публика, туку за сите, вклучително и возрасните кои во секојдневната динамика се чини дека се помалку имаат време да го перципираат и истражат културното наследство околу себе. Затоа ги повикувам сите љубители на културата денеска да ги посетат Меморијалниот центар АСНОМ во село Пелинце и архео-астролошкиот локалитет Кокино, изјави директорката на установата, Марија Миљуш Божурска.

НУ Музеј Куманово, претходните денови во знак на меѓународниот ден организираше неколку активности со акцент на едукација за најмладите. Вчера, беше организирана промоција на македонско-англиска едукативна читанка за деца насловена „Асномска музејска читанка“, која ја обработува темата за првото заседание на АСНОМ и процесите на формирање на модерната држава. Децата учествуваа на етнолошка работилница во лапидариумот на музејот, цртаа и од глина изработуваа етнолошки предмети мотивирани од она што може да се види на постојаната етнолошка поставка. Во просториите на постојаната музејска поставка беше одржана работилница под наслов „Археолог на еден ден“ која имаше за цел да ги едуцира најмалите што е археологија, какво е нејзиното значење и кои се убавините на оваа професија, а кој е финансиран и поддржан од Министерството за култура.

18 Мај е Меѓународен ден на музеите којшто се одбележува уште од далечната 1977 година. Вообичаено низ годините музеите ширум светот на овој ден организираат различни активности преку којшто го афирмираат овој ден и го слават културното наследство. Годинава мотото под кое се одбележува 18-ти мај е „Музеи за едукација и истражување“ и активностите се поддржани од Министерството за култура./МИА

притисни ентер