Капката која ја прели чашата на Санчез

Објавата на Санчез дојде само неколку часа откако шпанските медиуми објавија дека судија покренал истрага против Бегоња Гомез, сопругата на премиерот, за наводна трговија со влијание и деловна корупција по тужбата поднесена од групата Манос Лимпиас.

Вијести - Подгорица

Во бомбастичното соопштение кое ја изненади Шпанија и предизвика сомнеж низ Европа, премиерот Педро Санчез во средата вечер најави дека ќе направи пауза од официјалните должности за да одлучи дали сака да продолжи да ја води земјата. Како причина тој ја наведе исцрпеноста од десничарските напади врз неговото семејство.

Објавата на Санчез дојде само неколку часа откако шпанските медиуми објавија дека судија покренал истрага против Бегоња Гомез, сопругата на премиерот, за наводна трговија со влијание и деловна корупција по тужбата поднесена од групата Манос Лимпиас (Чисти раце), чиј лидер се поврзува со екстремната десница.

Групата ја обвини Гомез дека го искористила своето влијание како сопруга на премиерот за да обезбеди спонзори за магистерски курс на универзитетот што го водеше. Судот не објави повеќе детали бидејќи случајот е запечатен во оваа рана фаза.

Санчез, кој минатата година обезбеди уште еден мандат за неговата Социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) како лидер на малцинската коалициска влада, рече дека одлуката ќе ја објави в понеделник, на 29 април.

„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди... да ја водам владата или да се откажам од таа чест“, објави тој вчера на мрежата Х.

Санчез вели дека неговата сопруга не направила ништо незаконско и дека ја напаѓаат „за да ме ослабат лично и политички“. Тој рече дека неговата сопруга ќе ја одбрани својата чест и ќе соработува во истрагата.

Групата Манос Лимпиас користи единствен правен инструмент што постои во Шпанија познат како „народно обвинение“ за поднесување кривични пријави против трети лица. Судиите можат да одлучат дали да постапат по тие тужби, а Ројтерс наведува дека не секое обвинение резултира со судска истрага.

Шпанските правни експерти посочуваат дека обвиненијата наведени во извештајот сами по себе не ги исполнуваат законските услови за обвинение. Шпанското обвинителство вчера побара случајот да биде отфрлен.

Групата Манос Лимпиас е основана во 1995 година од Мигел Бернард, адвокат кој се кандидираше за функција во ултранационалистичката партија Национален фронт, а подоцна беше прогласен за Витез на честа на фондацијата Франциско Франко, пишува порталот „Политико“.

Во 2021 година, шпанскиот национален суд ја прогласи групата Манос Лимпиас за виновен за користење закани за правна постапка и кампањи за оцрнување како средство за изнуда против банки и компании. Таа пресуда беше поништена од Врховниот суд оваа година, но судиите забележаа дека активностите на групата се етички „сомнителни“.

Во објавата на мрежата Х, Санчез рече дека е уморен од нападите врз неговото семејство, кое е цел на критичарите откако е избран за лидер на ПСОЕ во 2014 година.

Како што политичката сцена во земјата станува сè пополаризирана, нападите врз неговата сопруга станаа поинтензивни. Веќе неколку години, десничарските коментатори јавно шират злобни гласини за Гомез, вклучително и дека таа е всушност маж чие вистинско име е Бегоњо и дека нејзиното семејство поседува синџир на секс клубови и е вклучено во меѓународни операции за шверц на дрога.

Иако Санчез и неговата сопруга успешно се бореа со клеветите упатени кон нив преку суд, токсичноста на изливот на омраза очигледно го истроши политичарот, а започнувањето на најновата истрага очигледно е последната капка.

„Откако дојде до ова, чувствувам дека мора легитимно да се запрашам дали ова навистина вреди“, напиша тој. „И покрај десничарската карикатурална претстава за мојата личност, јас не сум врзан за оваа позиција... Моја обврска е кон моето чувство за должност и јавна служба.

Потенцијалните резултати се движат од останувањето на Санчез на функцијата додека не поднесе оставка - што ќе доведе до тоа или кандидирање нов кандидатза гласање во Долниот дом или предвремени избори во текот на летото - или би можел да побара и добие гласање за доверба за да го зајакне своето лидерство.

Според шпанскиот устав, нови избори може да се распишат само една година по последното распуштање на парламентот. Тоа значи дека најрано Санчез може формално да распише предвремени избори на 29 мај, што би резултирало со гласање најрано на 21 јули.

Доколку Санчез поднесе оставка, кралот Фелипе ќе мора да се сретне со сите партии претставени во Долниот дом за да започне нов процес на именување, одредувајќи го кандидатот кој треба да обезбеди парламентарно мнозинство за да стане премиер.

Во Шпанија, политичарите од сите профили рутински меѓусебно се обвинуваат, како и членовите на семејството и соработниците, за корупција, а имаше и неколку скандали од висок профил кои резултираа со пресуди.

Педро Санчез дојде на власт во 2018 година, кога претходната конзервативна влада изгуби гласање за доверба по корупциски скандал.

Во моментов, постојат неколку парламентарни комисии кои ги испитуваат договорите за јавни набавки за време на ковид-пандемијата.

Претходно оваа година, поранешниот министер за транспорт, Хозе Луис Абалос, ги отфрли повиците од неговата партија ПСОЕ да поднесе оставка како пратеник, откако неговиот помошник беше обвинет за примање мито за олеснување на договорите за заштитни маски.

Шпекулации за високи позиции во ЕУ и НАТО

Објавата на Санчез предизвика гласини во Брисел, каде што има многу шпекулации пред претстојните избори за тоа кои национални лидери би можеле да ги заземат највисоките позиции во Европската Унија.

Санчез досега не се сметаше за кандидат бидејќи се веруваше дека е покорисен во водењето на Шпанија, петтата по големина економија во Европа. Сепак, „Политико“ истакнува дека доколку поднесе оставка, многумина би биле среќни да го видат во Брисел.

Според бриселскиот портал, неговото име не се споменува само во врска со функцијата претседател на Европскиот совет, туку и во трката за следен генерален секретар на НАТО.

Пленковиќ им ја честита победата на Мицкоски и Сиљановска-Давкова

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му ја честита победата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашните парламентарни избори, како и на „новоизбраната претседателка на земјата“.

- Честитки до Христијан Мицковски на убедливата изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ. Со нетрпение очекувам да продолжи одличната соработка меѓу Хрватска и Македонија, чиј европски пат силно го поддржуваме. И честитам и на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, напиша Пленковиќ на Х.

Русија и Кина планираат да постават нуклеарен реактор на Месечината

Русија започна со развој на нуклеарна централа за планираната заедничка лунарна станица со Кина, изјави Јуриј Борисов, шеф на руската вселенска агенција Роскосмос.

Борисов, поранешен заменик-министер за одбрана, во март изјави дека Москва ја разгледува идејата за напојување на електраната со нуклеарна енергија.

„Русија и Кина ја разгледуваат можноста за поставување нуклеарен реактор на Месечината во периодот од 2033 до 2035 година, што еден ден ќе овозможи изградба на лунарна населба“, изјави тогаш Борисов.

„Сериозно го разгледуваме проектот за испорака и инсталирање енергетски реактор на површината на Месечината заедно со кинеските колеги“, изјави Борисов.

Во Русија моментално се активни 11 нуклеарни централи, додека во Кина се активни 55 нуклеарни реактори.

Борисов во март рече дека соларните панели нема да можат да произведат доволно електрична енергија за напојување на идните населби на Месечината, додека нуклеарната енергија би можела.

Тој додаде дека тоа е голем предизвик и треба да се направи без човечко присуство. Борисов потврди и дека Русија планира да изгради товарен вселенски брод на нуклеарен погон.

Евроинституциите по повод Денот на Европа: ЕУ е проект што не обединува

ЕУ е проект што не обединува, заедно сме посилни.

Европска Унија пред се е идеја и сон за Европа обединета во мир, која работи за поголем просперитет и го подобрува животот на луѓето, порача претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел по повод Денот на Европа – 9 мај.

- Денеска, на Денот на Европа, време е да ја потврдиме нашата цврста решеност за продолжиме, дел по дел, да го градиме овој европски проект што не обединува сите нас. Наведе Мишел во кусата видео порака објавена на социјалните мрежи.

Претседателката на Европската комисија во пораката по повод Денот на Европа нагласи дека на денешниот ден и изразуваме почит на визијата на Роберт Шуман за обединета, мирна и просперитетна Европа.

- Ги славиме луѓето кои ја изградија нашата Унија и оние кои продолжуваат да ја градат секојдневно. Овој ден им припаѓа на сите Европејци - сонувачи и градители. Заедно, ние сме посилни, наведе Фон дер Лајен на платформата Икс.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел нагласи дека ба денешниот Ден на Европа ја одбележуваме визијата на Шуман, што ги постави темелите на нашата Унија.

- Со оглед на тоа што војни беснеат околу нас, од Украина до Газа, пораката дека поранешните непријатели можат да постигнат мир и да изградат подобра иднина е порелевантна од кога било. Како ЕУ продолжуваме да работиме за мир. Насекаде, порача Борел во објава на Икс.

Европската комисија, исто така, преку Икс, повика на славење на „континуираното единство и солидарност во Европа промовирани со Шумановата декларација во 1950 година“.

- Само преку единство и солидарност можеме да го одржиме европскиот проект. На денешен ден во 1950 година, Роберт Шуман ја даде својата позната Декларација – пресвртница во нашата историја која ги постави темелите за ЕУ каква што ја знаеме денес, се додава во пораката на ЕК по повод Денот на Европа – 9 мај.

притисни ентер