Канал 5 ТВ домаќин на третата и финална Претседателска дебата во пресрет на двојните избори

Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова гости во ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ДУЕЛ ЗА МАКЕДОНИЈА.

Пендаровски: За прв пат имаме 7 претседателски кандидати , од кои двајца Албански, но јас сум единствениот кој претендира на гласовите од сите етнички заедници, како што беше и во 2019 година. Очекувам да биде надминат цензусот од 40%. Во етничката Албанска средина не доминира опозиционо расположение. Ниту една од анкетите не го предвиде резултатот од првиот круг и никој не го погоди. Овие избори се едни од најдемократските, и тоа треба да се повтори и во вториот круг. Политичката партија што ја поддржува Сиљановска настапува со силна националистичка реторика. Не е фер да се издвојува една општина во Скопје и да се кажува дека има одредени сознанија кога ВМРО-ДПМНЕ го има техничкиот министер кој треба да уапси луѓе кои уште сега се закануваат дека ќе направат одредени дејствија на изборниот ден. За формирање на владата не е потребно двојно мнозинство. Фрлаат дрва и камења кон Балансерот, тој ја има својата улога ако не се изигрува, тој не смее да ги смета луѓето кои не се овде и не се резиденти. Што ќе правевме ако не бевме членка во ОН, ќе не' имаше ли денеска? Се друго им одбивме на Бугарите, поради нашиот концепт на Уставот побараа од нас мислејќи дека нема да ни биде проблем -да го вметнеме малото Бугарско малцинство во уставот. Пред да биде потпишан Преспанскиот договор, тогашниот премиер ги викна претставниците на опозицијата кои поседуваат сертификати на собраниската комисија и тие одбија воопшто да дебатираат за тој нацрт договор. Како мислат го подобрат договорот и колку време ќе одземе тоа? На секоја дебата ги цитирате БГНЕС агенција формирана од Бугарската разузнавачка служба, зошто ги цитирате нив?

Сиљановска: Не е прв пат да има 7 кандидати во претседателската трка, на избори не гласаат етнички заедници, гласаат граѓани и особено кандидат кој се декларира како предлог на граѓаните треба тој граѓански концепт да го брани. На овие избори поважна од етничката е опозициската определба и кај Македонските и кај Албанските партии. Изборниот праг од 40% e антиевропски. Личноста на патронот на партијата според науката е повлијателна дури и од економската состојба во државата. досегашните резултати го предвидоа резултатот 2:1. Не само што изгубивте туку резултатот ќе се повтори. 2001 година е зад нас, не постои ниту една причина за конфликт. 20 години да бидете дел од сите влади, покажува дека сигурно сте се интегрирале во системот. Нема документ на ЕУ кој што не вели дека сите проблеми се решаваат мирно, а изборите се тие каде се одлучува кој ќе биде победник, не постојат двајца победници, а во секоја влада и парламент треба да има претставници од сите етнички групи. Етничките права треба да се почитуваат но граница за нив да бидат индивидуалните правила, во спротивно нема правна држава. Не се плашам од „Пандорини кутии“. Преговарачката рамка беше прифатена без широк консензус. Парламентот може да направи промени, се надевам дека по изборите кај нас новиот претседател во ЕУ ќе ги пренесе што е она што е надвор од Копенхагенските критериуми. Еден претседател треба да каже дека политички мазохизам е ние да се обврземе на немешање во внатрешните и политичките работи на соседите, а да го дозволуваме тоа.

Тешка сообраќајка на „Водњанска“, повредени седум лица

Седум лица се повредени во тешката сообраќајна несреќа која синоќа се случи на улица „Водњанска“, пред влезот на Клиничкиот центар.

-Сообраќајната несреќа се случила помеѓу автомобил „БМВ“, автомобил „Ауди“, и две паркирани патнички возила „Голф“ и „Мерцедес“, сите со скопски регистарски ознаки, соопштија од МВР..

Во незгодата со телесни повреди се здобиле седум лица констатирани во ГОБ „Св. Наум Охридски“ и Комплекс клиники Мајка Тереза во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје, но причините се уште не се познати.

Каселакис до Мицотакис: Ако сметате дека договорот од Преспа е предавнички, поништите го

Во Грција и понатаму една од главните политичките теми во пресрет на евроизборите е Преспанскиот договор, што се отвори по неупотребата на „Северна“ од страна на Сиљановска за време на заклетвата.

По многу жестоки реакции од Мицотакис, лидерот на СИРИЗА, Стефанос Каселакис му фрли ракавица од синоќешниот митинг во Солун. Ако навистина договорот од Преспа го смета за предавнички, да го раскине. Во спротивно да се извини на грчкиот народ, како и на Ципрас и Коѕијас.

-Испраќам јасна и едноставна порака до премиерот. Договорот од Преспа е билатерален. Ако продолжувате да сметате дека е предавнички, постои само еден начин. Да го сторите она што го кажуваа вашите претставници, а многумина од нив сè уште го кажуваат: „Ако ВМРО ни даде шанса, ќе го поништиме договорот“. Ова го кажуваа. Истото го посакуваат и т.н. „борци за Македонија“ што ги вадевте на улица и се ваши гласачи: Да го поништите. Па, еве го Скопје, отидете. Да видиме. Но, нема да го сторите тоа. И знаете зошто нема да го сторите тоа? Бидејќи Договорот од Преспа е тоа што го сакавте како партија, но тогаш Груевски во никој случај не прифаќаше да направи толку отстапки, како што направија пред Владата на СИРИЗА, пред Алексис Ципрас и Никос Коѕијас, рече Каселакис.

Вучиќ утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на резолуцијата за Сребреница

Вучиќ најави дека утре ќе отпатува во Њујорк за да се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека утре ќе отпатува за Њујорк, каде со делегацијата ќе се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница, која наредната недела е на дневен ред на Генералното собрание на ОН, а амандманите кои Црна Гора ги поднесе на резолуцијата ги нарече „валкана игра“.

„Утре одиме во Њујорк, четири до пет дена ќе поминеме во Њујорк, ќе имам голем број средби, а во четврток сите заедно ќе се бориме“, истакна денеска Вучиќ во телевизиско интервју.

Тој рече дека со него во делегацијата треба да одат само оние кои се „подготвени за борба на секој можен начин“.

Предлагачите на нацрт-резолуцијата за Сребреница ја утврдија конечната верзија на тој документ, за кој ќе расправа Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) на 23 мај, а во преамбулата на текстот стои дека „кривична одговорност според меѓународното право за злосторството геноцид е индивидуализирана“.

Иницијатори на предложениот текст беа Германија и Руанда, а амандманите на нацртот беа поднесени од Владата на Црна Гора.

Осврнувајќи се на амандманите што Црна Гора ги достави на резолуцијата за Сребреница, а кои главно беа прифатени, Вучиќ тоа го нарече „валкана игра“.

„Тоа е валкана игра и перфиден трик. Тие намерно оставаат простор за јасен заклучок за морална и политичка одговорност“, рече Вучиќ и додаде дека по враќањето од Њујорк ќе каже со кого за тоа преговарата Црна Гора. /МИА

притисни ентер