Израелски медиуми јавуваат дека ИДФ ги одобриле плановите за операција во Рафа

Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Херзи Халеви ги одобри конечните планови за воена операција во градот Рафа и во бегалските кампови во Појасот Газа, пишува Ynet Њуз.

Без да го наведе изворот на информацијата, сајтот тврди дека израелски тенкови се на границата на Газа и се подготвени да почнат операција со која Израел сака да ја искорени милитантната група Хамас, пишува Тајмс оф Израел.

Во извештајот се вели дека планот за инвазијата се состои од неколку фази, а инвазијата може да биде суспендирана или одложена доколку се постигне напредок во разговорите за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

Велковски: Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока цел

-Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока национална, општествена и лична цел, потенцирал Велковски.

Техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, заедно со претставникот на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, денeска во детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден присуствуваа на промоција на проектот: „Градење на здрави навики во исхраната кај децата од предучилишна возраст", информираат од МТСП.

-Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока национална, општествена и лична цел, потенцирал Велковски и додал дека здравата и безбедна храна е неопходност за подобар раст и развој на децата, особено во првите години од животот.

Во рамките на соработката со УНИЦЕФ почнала и реализацијата на проектот: „Градење на здрави навики во исхраната кај децата од предучилишна возраст", во партнерство со Асоцијацијата ЕДУЛЕНД, а активно учество во проектот земало и Здружението за одржлив развој АРЕТЕ.

-Како резултат на овој проект произлегоа едукативни обуки кој што почнуваме да ги пилотираме првично во 4 градинки за вработените во предучилишните установи, а понатаму во план е да опфатиме уште 30 градинки низ целата држава. Она што ме радува е дека на овие обуки учесници се вработените во детските градинки: директор, стручни работници и соработници, воспитувачи, негуватели и вработени во кујните каде се приготвува храната за децата. Исто така се изработи и Прирачник со насоки за здрава исхрана, рекол техничкиот министер за труд и социјална политика.

Велковски додал дека воспитувачите и негувателите од раното детство имаат клучна улога во обликувањето на здравите прехранбени навики на децата, не само преку храната што ја нудат во градинките, туку и, како што рекол, преку однесувањето што го моделираат, нивните интеракции со децата за време на оброците, дискусиите и активностите што ги преземаат со децата.

-Од овие причини, практичното унапредување на нивните професионални компетенции има големо значење, потенцирал министерот за труд и социјална политика во техничката Влада.

Таравари: Наредна недела ќе има договор за нова влада

Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари очекува до крајот на идната недела да се постигне договор околу идната влада. 

Тој на новинарско прашање на настан во Гостивар посочи дека, владее позитивна атмосфера помеѓу работните групи на ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.

- Се надевам дека до крајот на идната недела ќе имаме завршен договор со програма на Владата и со распределба на ресори, односно кој и каде ќе биде како министер. Ние како претседатели на партии сме имале две средби, понатаму интензивно работат работните групи, се надевам до понеделник ќе излеземе со заедничка програма, а до петок ќе имаме завршен договор меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ, практично договор за нова влада, изјави Таравари.

Тој испрати и порака до претседателот на Управниот суд кого јавно го посочи дека вршел притисок врз судиите при одлучувањето во предметите поврзани со изборните нерегуларности.

- Јас би му испратил порака на претседателот на судот да размисли дека не е убаво да се врши притисок врз судиите. Времето кога можеа да вршат притисоци веќе помина и ќе има нова влада којашто нема да дозволува вакви притисоци врз одлуките, рече Таравари и појасни дека судот треба да донесе правична одлука.

Палчо ја подготвува одбраната – побарал адвокат

Два дена откако беше екстрадиран од Турција, Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски побарал да му се обезбеди адвокат кој ќе го брани. 

Тој на лист кој го поднел до затворската управа напишал конкретно кој сака да го застапува пред органите на прогон и негово барање веќе е доставено и до скопскиот Кривичен суд... Дел од медиумите објавија дека станува збор за тројца адвокати – Тони Менкиновски, Јовица Страшевски и Славко Секулов, но ниту еден од нив досега не потврдува дека би прифатил да го застапува...

Директорот на затворот Филип Андов за Канал 5, информираше дека Палевски, кој веќе втор ден го издржува триесетдневниот притвор во посебна ќелија каде што е сам, веќе бил прегледан од затворскиот лекар, неговата здравствена состојба е добра и досега немал никакви поплаки.

„ Во затворот во притворските простории привореникот се однесува нормално, процедурите се запазени, домскиот лекар го има прегледано, моменталната ситуација здравствена му е добра. Во денешниот ден до управата лично до мене има побарано за бранител, тој лист ќе се прати во судот и тој бранител треба да дојде и да го застапува. “-Филип Андов – Директор на затвор Шутка.

Со оглед на тоа што станува збор за сериозно обвинение адвокат на Палевски мора да му се определи. За неговото барање треба да одлучи судот, а адвокатот кој тој го навел треба да каже дали ќе прифати да го брани или не, во спротивно ќе му биде определен друг по службена должност.Според информации од судот, наскоро Палевски се очекува да биде изведен и пред судија на претходна постапка во врска со притворот кој му беше одреден во отсуство, но извесно е дека тоа нема да се случи денеска. Тој треба да биде сослушан и од обвинител каде за првпат ќе треба да даде исказ за убиствата на Вања и Панче, но кога ќе се случи тоа останува нејасно. Дел од обвинителите за Канал 5 велат дека распитот е задолжителен, но за тоа нема рок и зависи од стратегијата на надлежниот обвинител.

Од скопското обвинителство вчера соопштија дека преземаат истражни дејствија на прибавување и анализа на докази за Палевски, а за петмината други осомничени во оваа постапка, меѓу кои е и таткото на Вања, истрагата е во завршна фаза, но во интерес на дејствијата од таму не споделуваат повеќе детали.

притисни ентер