Избрани се сите 12 поротници за судењето на Трамп

Адвокатите во историскиот кривичен судски процес против Доналд Трамп избраа 12 поротници да одлучат за неговата вина или невиност во наредните недели.

Адвокатите во историскиот кривичен судски процес против Доналд Трамп избраа 12 поротници да одлучат за неговата вина или невиност во наредните недели во случајот што вклучува плаќања на ѕвезда од филм за возрасни за да се зачува тајноста, објави Ројтерс.

Адвокатите на одбраната и обвинителството сè уште треба да изберат алтернативни поротници за судењето, прво во кое што е обвинет поранешен претседател на САД.

Претходно, судијата што го надгледува судењето разреши една поротничка која рече дека се чувствува заплашена бидејќи некои лични информации станале јавни.

Судијата Хуан Мерчан, исто така, ослободи друг поротник, откако обвинителите рекоа дека тој можеби не ги открил претходните судири со законот.

Преголемото присуство на Трамп во јавноста создаде уникатни проблеми за време на процесот на избор на поротата, што започна во понеделникот.

Околу половина од првите 196 поротници прикажани на силно демократскиот Менхетен беа отпуштени откако рекоа дека не можат непристрасно да судат за вината или невиноста на републиканскиот политичар.

Критиките на Трамп кон сведоците, обвинителите, судијата и нивните роднини во овој и други случаи, исто така, предизвикаа загриженост за вознемирување, што го натера Мерчан да наложи делумна наредба за замолчување.

Мерчан отфрли поротничка која рече дека се чувствува заплашена откако семејството, пријателите и колегите заклучиле дека е избрана за судењето.

„Не верувам дека во овој момент можам да бидам фер и непристрасна и дека надворешните влијанија нема да влијаат на моето одлучување во судницата“, рече поротничката.

Трамп, републиканскиот претседателски кандидат до претседателските избори на 5 ноември, исто така се соочува со кривични случаи во Вашингтон, Џорџија и Флорида, но случајот во Њујорк е единствениот кој сигурно ќе оди на суд оваа година.

Официјални лица вклучени во тие случаи пријавиле дека добивале смртни закани и малтретирање откако биле критикувани од Трамп.

Трамп рече дека не е виновен во сите четири случаи и без докази тврди дека тие се дел од пошироките напори на сојузниците на демократскиот претседател Џо Бајден да ја ослабат неговата кандидатура.

Осудата нема да го спречи да ја преземе функцијата претседател на Соединетите Држави.

Борел повтори дека Рафа не смее да биде нападнат

Го повика Израел да се вклучи во мировниот процес.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека партнерите на Израел и соседните земји имаат заеднички став дека градот Рафа на југот од Појасот Газа не смее да биде нападнат и ја повика израелската влада конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес.

Борел на Х напиша дека меѓународната заедница, исто така, едногласно бара итно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Тој истакна дека Израел не може да го уништи Хамас по цена на убиени илјадници палестински цивили и оти понатамошното раселување на повеќе од милион ранливи Палестинци би било „погубно“.

- Ја повикуваме владата на Израел да ги послуша повиците на меѓународната заедница и конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес, наведе Борел. /МИА

Тухел го критикуваше Ким за примените головите на дуелот со Реал

„Беше премногу алчен и агресивен“.

Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел го посочи Ким Мин за неговиот настап на натпреварот против Реал Мадрид.

Баерн вчеравечер одигра нерешено со мадридскиот клуб во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите (2:2).

- Тој двапати беше премногу алчен. При првиот гол против Винисиус премногу рано тргна во дуел па Тони Крос го искористи тоа со додавање. Вториот гол – за жал, тоа беше уште една негова грешка. Ние бевме петмина тие двајца. Немаше потреба да се брани толку агресивно против Родриго и без потреба направи пенал. Токму кога Ерик Дајер сакаше да помогне, Ким го фаулира Родриго. За жал, со оглед на квалитетот на противникот, овие грешки се казнуваат. Но, мораме да продолжиме понатаму, рече Тухел.

Реваншот во Мадрид е закажан за 8 мај. /МИА

Блинкен го посети Керем Шалом, преминот за хуманитарна помош меѓу Израел и Газа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска го посети Керем Шалом, преминот за хуманитарна помош од Израел до Појасот Газа.

За време на посетата на Блинкен, десетина камиони чекаа да влезат во Појасот Газа додека неколку израелски тенкови беа паркирани во близина.

Посетата на американскиот државен секретар доаѓа во момент кога Израел изрази намера да изврши копнен напад врз Рафа, град на неколку километри од Керем Шалом, кој сега е дом на околу 1,5 милиони Палестинци, од кои огромното мнозинство се раселени поради војната. /МИА

притисни ентер