Италијанска манекенка: Толку сум убава што сите мислат дека сум AI, тоа ме фрустрира (ВИДЕО)

Италијанската манекенка Инес Трокија има 1,6 милиони следбеници на Инстаграм и ги радува обожавателите со своите фотографии.

29-годишната инфлуенсерка од Неапол соработувала со многу познати имиња во светот на модата, од Филип Плејн до Долче и Габана, а со своите следбеници често споделува фотографии кои собираат стотици илјади лајкови.

Сепак, убавата Италијанка се соочува со малку бизарни обвинувања. Имено, Инес тврди дека е толку убава што луѓето често ја обвинуваат дека е модел создаден од вештачка интелигенција, пишува New York Post.

"Исклучително е фрустрирачки што луѓето мислат дека сум модел создаден од вештачка интелигенција. Тоа е сосема лудо за мене", се пожалила Инес, која со години позира пред камерите и го усовршува својот талент.

„Шокантно ми е тоа што некои луѓе се прашуваат дали сум реална. Мислам дека мојот профил не личи на бот-профил. Секогаш можеш да кажеш кога се користел модел со вештачка интелигенција бидејќи тие го имаат истиот тажен израз на секоја фотографија и видео. “, појасни таа.

Покрај тоа, таа објасни дека измамниците често ѝ прават фотографии и видеа, а потоа фотошопираат друго лице на нејзиното тело.

„Некој ми украде едно од видеата од профил на бот и таму доби повеќе прегледи отколку на мојот профил. Разговарав со некои мои колеги и пријатели од индустријата и тие го имаат истиот проблем“, објасни Инес, на која не ѝ се допаѓаат модели креирани од вештачка интелигенција.

„Некои од профилите со вештачка интелигенција што ги видов поставуваат невозможни стандарди. Моделите со вештачка интелигенција имаат тенденција да имаат супер бебешки лица со гради и црти на лицето непропорционални со нивните тела“, заклучила таа.

Инаку, моделите создадени од вештачка интелигенција неодамна станаа хит на Инстаграм, а една од нив е виралната сензација Емили Пелегрини, која го привлече вниманието на милионерите и спортистите. Единствениот проблем е што, за разлика од Инес – таа не е вистинска.

Во Кочани одбележана 119-годишнината од загинувањето на Никола Карев

Со откривање на спомен биста на патронот во ОУ „Никола Карев“, во Кочани почна одбележувањето на 119-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер и претседател на Крушевската Република.

На свеченоста на која присуствуваа ученици, вработени, граѓани и претставници од централната и локалната власт, беше нагласено дека по три децении од преименувањето, училиштето добива соодветно спомен обележје што ќе го краси училишниот двор.

- Во 1993 година нашето училиште се одделило од друго основно училиште со кое заеднички носеле име на револуционер од југословенското минато. Во таа учебна година го добило сегашното име и имало многу време и простор да се постави обележје на патронот, но токму денеска, нам ни припадна честа да ја реализираме иницијативата. Бистата ја изработи и ја донираше скулпторот Борче Србиновски, за што упатуваме голема благодарност, истакна Александар Андов, директор на ОУ „Никола Карев“.

Учениците и наставниците од ОУ „Никола Карев“ организираа свечена програма со која го одбележаа патрониот празник, а признанија им беа оддадени на сите соработници, поддржувачи и вработени кои во изминатиот период дале придонес во унапредувањето на условите за настава.

Во рамки на одбележувањето на годишнината, денеска претставници од општините од регионот и од граѓански здруженија го посетија спомен паркот во месноста Свиланово, кај кочанското село Рајчани, каде загинал револуционерот. Исто така, почит на великанот му беше на оддадена со положување свежо цвеќе на спомен обележјата во Паркот на Револуцијата во Кочани и кај селото Тркање.

Премиерно изведена претставата „Мац Мац“ во велешкиот театар

На сцената на велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа премиерно беше изведена претставата „Мац,Мац“ инспирирана од „Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс во режија и кореографија на Филип Петковски.

Во неа настапија актерите Ведран Чешарек-Брик, Ана Јовановска, Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Филип Христовски и Сандра Танчева.

Музиката е на Мориц Вернер од Германија, сценографија на Дардан Жегрова од Косово и Филип Петковски, а костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.

Режисерот Филип Петковски појаснува дека Вилијамс честопати презентира длабоко несреќни и маргинализирани ликови кои се борат со своите внатрешни демони, социјални притисоци и комплексност на нивите човечки односи. Најчесто тие се аутсајдери желни да станат дел од некаква заедница.

Додава дека и во неговата претстава „Мац Мац“ публиката проследи една длабоко несреќна фамилија која сонува за живот, а во кој депресијата не е опција. Но за жал излезот го бара во погрешни вредности и супстанции за да ја прими дневната доза допамин. Појаснува дека тоа за жал тоа се луѓе кои сите ние добро ги познаваме со кои можеме да се поистоветиме или луѓе кои и ние самите сме биле. Потенцира дека за жал тоа е еден од главните проблеми на нашето депресивно општество.

Проектот е финансиран од Интернационалниот фонд за копродукција (Internationaler Koproduktionsfonds) на Гете институтот и Министерството за култура.

Инаку претставата има најава дека ќе биде изведена на фестивалот ФИАТ во Подорица, а потоа и на уште неколку фестивали.

Волстрит џурнал: Според американските разузнавачи, Путин не стои зад убиството на Навални

Разузнавачките агенции во САД утврдиле дека рускиот претседател Владимир Путин најверојатно директно не наредил да биде убиен опозицискиот лидер Алексеј Навални, објави денеска Волстрит џурнал.

Навални, еден од најжестоките критичари на Путин, почина во арктички казнен затвор во февруари на 47-годишна возраст. Неговите сојузници, вклучително и неговата сопруга, го обвинија рускиот лидер за неговото убиство - обвинение што Кремљ постојано го негира, пишува весникот.

Но, по неодамнешната проценка заснована на низа информации - вклучително и некои доверливи разузнавачки информации и анализа на јавни факти - американските разузнавачки агенции не веруваат дека Путин наредил убиство на неговиот противник.

Проценката, исто така, го зеде предвид времето на смртта и како таа го засени претседателскиот реизбор на Путин во март, пишува весникот, повикувајќи се на свои извори.

Весникот цитира извори кои велат дека заклучокот бил „нашироко прифатен во разузнавачката заедница и споделен од неколку агенции, вклучително и Централната разузнавачка агенција, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање и разузнавачката единица на Стејт департментот“.

Коментирајќи го извештајот, Леонид Волков, висок помошник на Навални, ваквите заклучоци ги нарече наивни и смешни, објави Волстрит џурнал.

притисни ентер