Инцидент на пробата на Евросонг: Палестински симболи за време на настапот на Израел

За време на последната проба, односно претпремиерата на втората полуфинална вечер на Евровизија, се случи инцидент во публиката.

Додека претставничката на Израел настапувала, двајца мажи држеле забранети пропалестински симболи - знаме и шамија популарно наречена „палестинка“.

Обезбедувањето веднаш им ги одзеде симболите и ги спроведе надвор од салата.

Организаторите на Евровизија претходно објавија дека „го задржуваат правото да ги отстранат сите палестински знамиња и пропалестински симболи за време на натпреварот“. Тоа значи дека е забрането внесување пропалестински симболи во салата, а надзорот се очекува да биде особено строг вечерва кога Израел ќе настапи во втората полуфинална вечер.

Мишел Роверели, менаџер за комуникации за натпреварот, додаде дека на посетителите им е дозволено само да носат и истакнат знамиња што ги претставуваат земјите што учествуваат на настанот, како и знамето на ЛГБТ со виножито.

„ЕБУ го задржува правото да ги отстрани сите други знамиња или симболи, облека, предмети и банери што се користат за веројатна цел за инструментализација на ТВ шоуто“, додаде таа.

Пропалестински и антиизраелски групи денеска организираа големи протести во Малме.

Шведската полиција проценува дека пропалестинскиот марш во центарот на Малме вклучувал до 8.000 луѓе кои носеа палестински знамиња и шамии, тапани, свирчиња, звучници и факели и извикуваа слогани како што се: „Ова е геноцид“, „Сите деца се еднакви“ и Шведска ве разбуди!"

Шведските медиуми јавуваат дека во протестите учествуваат граѓани од цела Шведска, како и од Данска, Франција и Португалија. Во протестната поворка има дури и семејства со мали деца и стари лица во колички и со патерици. Полицијата соопшти дека засега нема инциденти.

Некои медиуми јавуваат дека на протестот учествувала и познатата активистка за климата Грета Тунберг, која рече: „Прекрасно е да се види дека овде има толку многу луѓе кои се залагаат за Палестина“.

Потсетуваме, израелската евровизиска претставничка Еден Голан беше исвиркана од публиката на втората генерална проба, а на Твитер се проширија снимки од Малме Арената каде се одржува натпреварот. Таа, пак, вели дека се надева оти нејзиниот настап ќе помогне да се обединат луѓето. „Ова е многу важен момент за нас, особено оваа година“, изјави таа за Ројтерс во интервју оваа недела. „Се чувствувам почестена што имам можност да бидам гласот на мојата земја.“

Герапетритис: Договорот од Преспа не се менува и не се ревидира еднострано

Договорот од Преспа е меѓународен ратификуван договор и не може да се менува и да се ревидира еднострано, рече министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис говорејќи за грчкото радио „Talk radio 98.9“.

Договорот од Преспа е меѓународен ратификуван договор и не може да се менува и да се ревидира еднострано, рече министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис говорејќи за грчкото радио „Talk radio 98.9“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во утринското интервју, шефот на грчката дипломатија посочи дека „во овој момент постои едно прашање што произлезе по изборите во Северна Македонија“, но и истакна дека тие секако го почитуваат изборниот резултат.

- Она што секогаш го потенцираме е дека независно од разликите, од идеолошките и политичките разлики што може да ги има ги има новото политичко раководство кон Договорот од Преспа, тоа е меѓународен договор што е ратификуван. Не се менува и не се ревидира еднострано од страните. Претставува една многу основна точка врз која се изградија меѓународните односи на Северна Македонија. Се подразбира дека Европската унија ги оценува прашањата од Договорот од Преспа и целосното и доследно спроведување и затоа мислам дека политичкото раководство на Северна Македонија ќе ги оцени овие прашања и ќе се усогласи со барањата од Договорот од Преспа, истакна Герапетритис.

Додаде дека Грција, од своја страна го следи доследното спроведување на Договорот и потсети дека „денешното владино мнозинство како опозиција навремено ги укажа сивите точки на Договорот“.

- За мене она што е важно е дека треба ги почитуваме договорените работи, не затоа што се согласуваме со договореното, туку затоа што е договор за континуитетот и стабилноста и во секој случај не можеме да создаваме еднострана рамка врз која ќе се градат политички кариери, посочи шефот на грчката дипломатија.

Дополнително, уште еднаш категорично ги демантираше натписите во грчките медиуми дека учествувал во составувањето на Договорот од Преспа, истакнувајќи дека не знаел ниту еден ред од текстот пред јавно да се објави.

Раперот Диди призна дека ја тепал својата девојка во 2016 година

 Откако пред неколку дена се појавија вознемирувачки снимки од надзорни камери кaдe што хип-хоп ѕвездата Диди, со вистинско име Шон Комбс, како физички ја напаѓа својата поранешна девојка Кеси Вентура во 2016 година, раперот проговори за настан

Комбс сподели видео и, меѓу другото, ја презеде одговорноста за своите постапки.

„Толку е тешко да размислуваш за најмрачните мигови во својот живот. А, понекогаш мораш. Бев зафркнат. Мислам дека тогаш го допрев дното, но не барам изговори. Моето однесување во тоа видео не се оправдува. Ја преземам целосната одговорност за моите постапки на тоа видео. Ми се гадеше кога го направив тоа, ми се гади сега“, пишува Диди, додавајќи дека потоа побарал стручна помош и оти „бара прошка од Бога“.

Но, Окружното обвинителство на Лос Анџелес не може да поднесе обвинение против него, велат оттаму, поради застареноста на случајот.

„Свесни сме за видеоснимката што кружи на интернет, на којашто наводно се гледа како Шон Комбс напаѓа млада жена во Лос Анџелес. Сметаме дека сликите се крајно вознемирувачки и тешки за гледање. За жал не можат да се поднесат обвиненија бидејќи однесувањето се случило надвор од временската рамка во којашто лицето може да се гони за кривичното дело напад“, се вели во соопштението.

На снимката, раперот без кошула, со крпа околу половината трча по Кеси низ ходникот од хотелот, додека таа се обидува да влезе во лифтот. Во тој миг, ја фаќа за глава и ја удира од подот, па ја удира и со нога додека девојката лежи на земја, пред да ја одвлече во нивната соба.

Инаку, Комбс и Вентура претходно постигнаа судска спогодба еден ден откако пејачката поднесе тужба против раперот и музички продуцент за физички напади и сексуално искористување. Девојката тврдеше дека Диди бил склон кон „неконтролирани бесови“ и честопати „дивјачки ја тепал“. Наводно, сѐ се одвивало пред неговите вработени, а и често ја терал да го носи неговото огнено оружје во нејзината чанта „за да ја потсеќа дека тој е способен“ тешко да ја повреди.

ЦУК: Пожарникари извлекувале човек паднат во река, вода од подруми, дворови, лифт

Пожарникарите во државава, покрај гаснење урбани пожари, изминатото деноноќие биле ангажирани и за други работи. 

Четворица битолски пожарникари со едно противпожарно возило од 18.45 до 19.35 часот, интервенирале на извлекување паднат човек во реката Драгор кај месноста „Сали Мост“. Паднатото лице не било повредено. Прилепски пожарникари со едно противпожарно возило од 12 до 13.50 часот, интервенирале на извлекување со пумпи вода од поплавени подрумски простории и дворна површина во селото Сенокос, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Охридски пожарникари пак, од 09.45 до 10.30 часот, имале техничка интервенција на испумпување вода од лифт на улицата „Галичица“ ламела - број 2, додаваат од ЦУК.

Оттаму потсетуваат за голема внимателност поради наглите временски промени, покрај другото, внимателно и да се вози, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на помали одрони.

- Ова посебно се однесува за делниците Катланово - Велес, Маврово - Дебар - Струга, Виница - Берово и Кочани - Делчево, нагласуваат од ЦУК.

За 24 часа, евидентирани се 1.392 повика на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112 во ЦУК.

- Од нив, „реални“ - 60,85 проценти, а 39,15 отсто за други потреби на граѓаните, што не биле итни. Кон полицијата биле упатени 56,67 проценти, кон Итната медицинска помош - 35,24 отсто, а кон пожарникарите - 0,95 проценти од реалните повици кон 112 во ЦУК, соопштија од ЦУК.

притисни ентер