ИЈЗ: Меланом - најопасен облик на рак на кожа, може да се излечи ако се открие навреме

Меланомот е најопасен облик на рак на кожа, а може да се излечи доколку се открие навреме, порачуваат од Институтот за јавно здравје денеска, во пресрет на мај - месецот на борба против ракот на кожата.

- Иако меланомот може да ги зафати сите делови на кожата од телото, сепак тој најчесто се јавува на деловите од телото што се најмногу изложени на сонце, предупредуваат од Институтот.

Постојат повеќе начини за луѓето да се заштитат од ризик факторите, поврзани со меланомот. Како што наведуваат од Институтот, треба да се избегнуваат најтоплите часови во текот на денот, добро да се покрие телото и да се користат заштитни средства против сонце.

МВР - забавниот парк пред СЦ Борис Трајковски нема дозвола!

Министерството за внатрешни работи информира дека вчера пред спортскиот центар Борис Трајковски без соодветни документи и потребни дозволи се поставени реквизити за забавен парк меѓу кои и панорамско тркало

Постапувајќи по допрен глас дека во Скопје, на подрачјето на Општина Карпош, поточно пред спортскиот центар Борис Трајковски без соодветни документи и потребни дозволи се поставени реквизити за забавен парк меѓу кои и панорамско тркало, на 20.05.2024г. Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје во координација со службени лица од Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и градежен инспектор од Општина Карпош излезе на лице место и презема конкретни соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност и овластувања, јавуваат од МВР.

Од страна на инспекциските служби по преземените мерки и активности и констатираната фактичка состојба веќе се изготвени Записници за констатирана состојба додека од страна на овластен градежен инспектор од Општина Карпош поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ке бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите, информираат од МВР.

Бербок во ненајавена посета на Киев

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок утрово пристигна во Киев во знак на поддршка за Украина, во посета која претходно не беше најавена поради безбедносни причини.

Како што јави ДПА, германската министерка повика на поголема меѓународна поддршка за воздушната одбрана на Украина во услови на актуелната руска офанзива.

Ова е седма посета на Бербок на Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Почнува Меѓународниот фестивал „Книжевен круг“ во Скопје

Меѓународниот фестивал „Книжевен круг“, во организација на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност „Инаку” – Скопје, ќе почне денеска и ќе трае до 4 јуни.

Фестивалот ќе почне со читање хаику поезија на повеќе од 10 автори во гимназијата „Никола Карев” во Скопје, при што ќе биде врачена и наградата „Хаикин“ на писателот Александар Прокопиев - за посебен придонес на планот на Хаику творештвото.

Свеченото отворање на Меѓународниот фестивал „Книжевен круг" ќе се случи на 21 мај во 19 часот во Културниот центар „Феникс” кај Универзална сала со „Вечерта на чајот“ и читањето класична кинеска поезија. Потоа ќе биде врачена наградата „Отворен круг” на писателот Трајче Кацаров - за иновации и експерименти во книжевноста и наградата „Премостувања” на писателот Томислав Османли - за афирмација и презентација на македонското литературно творештво во странство. А, вечерта ќе заврши со средбата и претставувањето на наградените автори.

Следниот ден, исто така во Културниот центар „Феникс” во 19 часот, ќе бидат врачени наградите „Литературни координати” на писателот Иван Војиновиќ од (Црна Гора) – за соработка и доближување на литературите и наградата “Македонски корени” на писателот Владо Јаневски (Австралија) – за неговото литературно и ликовно творештво, а ќе настапат и повеќе писатели кои создаваат во земјава и странство.

Меѓународниот фестивал „Книжевен круг ќе заврши на 4 јуни во Општината Кисела Вода со претставувањето на автори и илустратори на книги за деца и млади и доделувањето на наградата „Големиот Принц” на писателот Горјан Петревски – за дострелите во литературата за деца и млади, а ќе бидат презентирани и литературни и ликовни творби од ученици на тема “Културно наследство”.

На Меѓународниот фестивал „Книжевен круг” се очекува да настапат повеќе од педесет македонски и странски автори.

притисни ентер