Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Трудница е убиена во својот дом во Лос Анџелес, требало да роди близнаци

Во Лос Анџелес е во тек истрага откако бремена жена била пронајдена избодена до смрт во нејзиниот дом, соопштија локалните власти.

Замениците на шерифот на округот Лос Анџелес одговорија на повикот во Палмдејл пред два дена.

„По пристигнувањето на местото на настанот, полицајците насилно влегле во домот каде забележале крв на подот од дневната соба“, се вели во соопштението од канцеларијата на шерифот.

Жртвата била пронајдена со убодни рани и била констатирана смрт на местото на настанот, известија од кабинетот на шерифот.

Според информациите кои за ABC News ги потврди шерифот Мајк Гомез, жртвата била бремена околу шест до седми месец и носела близнаци. За убиството се уште нема уапсен.

"Светот е суров. Не можам да го разберам ова. Таа беше добра личност", изјави за KABC Лос Анџелес Алексис Армстронг, пријателка на несреќната трудница.

По четири децении светлоста на денот ќе ја види заборавен докуметарен филм за „Битлси“ (ВИДЕО)

Заборавениот документарен филм за Битлси „Let It Be“, кој го носи името на големиот хит на групата, повторно ќе ја види светлината на денот, по реставрацијата, на 8 мај на платформата „Дизни плус“.

Инаку, документарниот филм „Let It Be“ првично бил објавен во 1970 година. Бил недостапен четири децении. Последното издание било на VHS во осумдесеттите години на минатиот век.

Според извештаите, зад новата верзија на документарецот стои Питер Џексон, кој претходно работеше на уште еден документарец на Битлси „Get Back“.

„Let It Be“ е многу различен од биографиите контролирани од уметникот што вообичаено ги гледаме денес. Битлси беа длабоко незадоволни од тоа како изгледаа на екранот во тоа време, што делумно објаснува зошто филмот толку долго беше недостапен.

Сепак, „Нека биде“ денес може да се смета за класика, некои го пофалија, некои го критикуваа. Она што е сигурно е дека станува збор за документарец кој на Битлси првенствено гледа како на музичари.

„Let It Be“ пренесува не само голема енергија, туку и дел од свечената мистерија што ја придружуваше милениумската соработка на Битлси, пишува Techradar.com.

НАТО ги осуди кибер нападите насочени против демократските институции

Северноатлантскиот совет (НАК) денеска изрази солидарност со Германија по злонамерната кибер кампања против Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и со Чешка, која се соочува со злонамерни кибер активности против нејзините институции.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во соопштението на НАК се наведува дека одговорноста за овие злонамерни кибер активности, Германија и Чешка му ја припишаа на актерот АПТ28, кој е спонзориран од Русија, а пред се од руската воена разузнавачка служба - Главната дирекција на Генералштабот на руските Вооружени сили (ГРУ).

НАК додава дека со загриженост забележува дека истиот актер упатува закани насочени и кон други национални владини ентитети, оператори со критична инфраструктура и други ентитети низ Алијансата, вклучително и во Литванија, Полска, Словачка и Шведска.

- Силно ги осудуваме злонамерните кибер активности насочени кон поткопување на нашите демократски институции, националната безбедност и слободното општество. Злонамерните кибер активности насочени против Германија и Чешка потврдуваат дека кибер просторот е под ризик во секое време. Актерите на кибер заканата упорно се обидуваат да ја дестабилизираат Алијансата, се наведува во соопштението на Северноатлантскиот совет.

Во реакцијата натаму се посочува дека НАТО останува посветени на спротивставување на суштинската, континуираната и зголемена кибер закана, вклучително и кон демократските системи и критична инфраструктура на неговите членки.

- Ние сме решени да ги искористиме потребните потенцијали со цел да го одвратиме, да се одбраниме и да се спротивставиме на целиот спектар на кибер закани со меѓусебна поддршка, вклучително и со разгледување на координирани одговори. Промовираме слободен, отворен, мирен и безбеден кибер простор. Ги повикуваме сите земји, вклучително и Русија, да ги почитуваат своите меѓународни обврски и меѓународното право и да дејствуваат во рамката на одговорно однесување на една држава во кибер просторот, како што е потврдено од сите членки на Обединетите нации, се додава во соопштението на НАК.

притисни ентер