Хоспитализирани четири лица со голема кашлица, нови 27 случаи

 Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, што е намалување од 41,3 проценти, споредено со претходниот седмодневен период.

Од новозаболените, четири лица се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје - 20, а пријавени се заболени и во Битола - три, Куманово - две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

- Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје - 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.

Дистрибуцијата по пол покажува дека 254 лица се од машки, а 262 од женски пол.

- Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето - за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите - 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.

Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

Траги на подморница на дното на Атлантикот ја подгреаја теоријата за „бегството на Хитлер“

Подморницата пронајдена на дното на Јужниот Атлантик им припаѓала на нацистите и можеби била користена за префрлање на нивните водачи во Аргентина.

Подводното истражување започнало во 2022 година во близина на брегот на пристанишниот град Квекен, во најнаселената провинција Буенос Аирес, пренесува АП.

Многу историчари и нацистички ловци веруваат дека подморницата била користена и за „евакуација на Хитлер“, во време кога сојузниците ја освојувале Германија.

Ова е и најпознатата теорија за нацистичкиот водач, која инспирирала книги и документарни филмови.

АП известува дека нуркачите пронашле „јасни знаци на потекло“ на подморницата долга 24 метри.

Експертот за оружје од Втората светска војна, Фабио Бишиоти, го потврди откритието по истражувањето на крајот на април, објави Сан.

Нацистичкиот ловец Абел Басти објасни:

„Подморницата беше ископана до палубата и уништена со експлозив, што беше тешкотија. Мора да се направи детална реконструкција. Но, експертите јасно ги идентификуваат соодветните делови на германската подморница“.

Се додава дека куполата и перископот се со исти димензии како и на подморниците кои биле заробени за време на војната.

А новата истрага на организацијата „Група за изгубена врска“ наводно укажува дека нацистичките лидери, како што е Хитлер, успеале да заминат во Јужна Америка.

Според една верзија, која е популарна меѓу теоретичарите на заговор, Хитлер не се самоубил во 1945 година, во својот бункер, туку починал на 80-годишна возраст во Јужна Америка, патувајќи во Чиле, Бразил, Боливија, Колумбија и Парагвај.

Барселона „зароби“ уште една идна ѕвезда: откупната клаузула е 500 милиони евра

Младиот фудбалер на Барселона, Пау Кубарси, го продолжи договорот до 30 јуни 2027 година, соопшти денеска каталонскиот клуб.

Кубарси (17) пристигна во Барселона во 2018 година од Жирона. За првиот тим на каталонскиот клуб оваа сезона одигра 20 натпревари.

Во соопштението на Барселона се наведува дека откупната клаузула за младиот фудбалер е 500 милиони евра.

За шпанската репрезентација одигра два натпревари.

Откриена е супер-Земја: Има цврста површина и атмосфера, но и температура до 2.300 степени

Терестична планета двојно поголема од Земјата и позната како 55 Cancri-e е откриена со вселенскиот телескоп Џејмс Веб.

Овој тип на планета со цврста површина е откриен од научниците на НАСА, а се нарекува супер-Земја бидејќи е поголема од Земјата, но помала од Нептун, објави Nature.

Таа е меѓу ретките планети со цврста површина надвор од Сончевиот систем со атмосфера составена од јаглерод диоксид и јаглерод моноксид.

Температурите на вриење на планетата, кои можат да достигнат и до 2.300 степени Целзиусови, значат дека на неа веројатно нема да постои живот.

Научниците велат дека откритието е ветувачки знак дека може да има и други такви карпести планети со густа атмосфера кои би можеле да бидат погостопримливи. Егзопланетата оддалечена 41 светлосна година е осум пати потешка од Земјата и орбитира околу својата ѕвезда Коперник толку блиску што има постојани дневна и ноќна страна.

Површината на Канкри е покриена со океани од магма, а за да го идентификуваат составот на нејзината атмосфера, истражувачите ги проучувале снимките од вселенскиот телескоп Веб пред и откако планетата поминала зад својата ѕвезда.

Тие ја одделиле светлината што ја емитува планетата од онаа што ја емитува ѕвездата и ги користеле податоците за да ја пресметаат температурата на планетата.

Гасовите од океаните со магма може да играат клучна улога во одржувањето на стабилна атмосфера.

Истражувањето на оваа супер-Земја, исто така, може да обезбеди индиции за тоа како Земјата и Марс најпрво еволуирале со океаните со магма кои оттогаш се оладиле, велат научниците.

Ренџу Ху, планетарен научник во лабораторијата за млазен погон на НАСА, кој го водел истражувањето, заклучил дека ова е ретка можност за истражувачите да ја проучуваат оваа фаза од еволуцијата на планетата.

притисни ентер