Ханија: Хамас го проучува примирјето „во позитивен дух“

Хамас во „позитивен дух“ го проучува предлогот за примирје, до кој се дојде со посредство на Египет, изјави денеска лидерот на палестинското движење, Исмаил Ханија.

Ханија во телефонски разговор со шефот на египетското разузнавање Абас Камел кажа дека преговарачите на Хамас ќе се вратат „што е можно поскоро“ во Египет за да ги завршат актуелните разговори за прекин на огнот.

Во моментов се чека одговорот на ова палестинско движење на предлогот за прекин на огнот, што предвидува примирје во израелските воени операции, проследено со размена на заложниците киднапирани за време на нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври, за палестинските затвореници кои ги држеше Израел.

Израелската влада, од своја страна, денеска го обвини Хамас дека го попречува договорот со тоа што одбива да направи отстапки.

-Единственото нешто што го спречува договорот е Хамас. Хамас само ги заострува своите услови и се крие зад неразумните барања, изјави портпаролката на израелската Влада, Ракела Карамсон.

Таа повтори дека Израел продолжува да се подготвува за голема офанзива на Рафа, град што се наоѓа на крајниот југ од Појасот Газа, и покрај противењето на меѓународната заедница. /МИА

Белгискиот Универзитет во Гент ја прекина соработката со три израелски институции

Белгискиот Универзитет во Гент (UGent) ги прекинува врските со три израелски образовни и истражувачки институции поради тоа што повеќе не се усогласени со политиката за човекови права на Универзитетот, изјави ректорот Рик Ван де Вале.

- Прекинати се врските со Технолошкиот институт Холон, Истражувачкиот институт МИГАЛ Галилеја и Центарот Волкани, што врши земјоделски истражувања. Во моментов ги оценуваме тие три партнери како (многу) проблематични според тестот за човекови права на Универзитетот во Гент, за разлика од позитивната оценка што ја дадовме на овие партнери на почетокот на нашата соработка, посочи Ван де Вале.

Тој додаде дека соработката е прекината поради поврзаност со израелските министерства и поддршката на армијата во операциите во Појасот Газа.

Пропалестински демонстранти во Гент протестираа против израелската воена офанзива во Газа и окупираа делови од Универзитетот од почетокот на мај.

Демонстрантите ја поздравија одлуката на Универзитетот во Гент, но ја оценија само како прв чекор. Тие најавија дека ќе продолжат со блокада на делови од образовната институција „додека Универзитет не ги прекине врските со сите израелски институции“. /МИА

Фото: Фејсбук на Гент

Одбележани 81 година од смртта на првоборецот Иљо Антески Смок во Тетово

Во Тетово денеска се одбележаа 81 година од смртаа на првоборецот Иљо Антески-Смок. Одбележувањето се одржи пред неговиот споменик во населбата Два бреста каде повеќе делегации положија букети цвеќе, а беше одржан и историски час за негово дело и лик

-Иљо Антески Смок загина на неполни 24 години и немаше можност и среќа да ја почувствува и да ја дочека слободата во која толку многу веруваше. Тој како член на Мавровско-гостиварскиот одред во април 1943 во битката кај Ново Село, Гостиварско бил заробен заедно со 12 други соборци од балистичките одреди кои служеле на италијанскиот окупатор. Подоцна фашистите го осудуваат на смрт, а на денешен датум 17 мај во 1943 година Иљо е обесен. При бесењето извикува „Смрт на фашизмот-слобода на народот“ и самиот го поттурнува столчето за да биде обесен, беше истакнато во пригодниот реферат од наставникот по историја, Љубиша Марковиќ.

Во Тирана покрај Иљо Антески Смок, италијанските фашисти осудиле на смрт и обесиле уште петмина други негови соборци Душко Поповиќ, Раде Угриновски, Христо Оџаклиески, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски. /МИА

Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа за Украина

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа со која се признава планот на претседателот на таа земја, Володимир Зеленски, како единствен предлог за мир во Украина.

„Советот и денеска сакаше да донесе резолуција со која сакаше да го признае мировниот план на претседателот Зенески како единствена мировна формула која треба да се разгледа и поддржи. Тоа за нас е неприфатливо. И други направија мировни планови што не полоши“, напиша Сијарто на Фејсбук.

Тој изјави дека ставил вето на резолуцијата бидејќи бил одбиен неговиот предлог во неа да се вклучат и други мировни планови. /МИА

притисни ентер