Генерален штрајк во Грција

Од Синдикатот штрајкуваат против поскапувањата и бараат зголемување на платите и враќање на колективните договори.

Синдикатот на вработените во приватниот сектор во Грција, еден од двата најголеми синдикати во земјата, утрово започна со генерален 24-часовен штрајк во кој учествуваат и низа федерации, а за претпладнево е закажан и протест, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Синдикатот штрајкуваат против поскапувањата и бараат зголемување на платите и враќање на колективните договори.

Бродовите денеска ќе останат закотвени на пристаништата, намален ќе биде бројот на возови што ќе сообраќаат, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина.

Грчката метропола ќе биде без метро и трамвај, автобусите и тролејбусите ќе работат од 9 до 21 часот, а до 15 часот ќе штрајкуваат и таксистите.

Иако во штрајкот не учествува другиот голем синдикат, оној на вработените во јавниот сектор, сепак одредени федерации донесоа одлука денеска да штрајкуваат.

Меѓу нив се Асоцијацијата на лекари во државните болници во Атина, Федерацијата на просветни работници, Федерацијата на сметководители, Федерацијата на организациите на банкарските службеници.

Новинарите во Грција, како што е пракса во изминатите години при генерални штрајкови, учествуваат, но ден претходно, па така вчера одржаа 24-часовен штрајк, поддржувајќи ги барањата на синдикатот.

За претпладнево, во Атина и во други грчки градови закажани се низа протест.

Најмалку шест жртви во напад во џамија во Авганистан

 Вооружен маж уби шест лица и рани едно во напад во џамија во провинцијата Херат, западен Авганистан, соопшти рано утринава Министерството за внатрешни работи на земјата.

Непознато лице синоќа околу 21:00 часот по локално време пукало во верници во квартот Гузара, јужно од главниот град на провинцијата.

Шест цивили загинаа, а еден цивил е ранет“, соопшти портпаролот на МВР на социјалната мрежа Х.

Чави по победата над Валенсија: Задоволен сум од нашиот став

Тренерот на Барселона, Чави изрази задоволство од триумфот (3:2) на неговиот тим синоќа против Валенсија во 33. коло на Шпанското фудбалско првенство.

- Не попречија скоковите на Валенсија. Овој тим практикува ваква игра, тоа е нивен клучен елемент. Ја имаа потребната подготовка и на тој начин создадоа четири-пет шанси. Среќен сум и задоволен од нашиот однос. Имавме индивидуални грешки, но демонстриравме добра организација во офанзива. На следните средби треба да играме посмирено, изјави Чави за „DAZN“.

Барселона со 73 бода се искачи на второто место во Ла Лига. Валенсија е осма во поредокот со 47 бодови. Лидер е Реал Мадрид со 84 бода.

До крајот на првенството остануваат уште пет кола.

Девет жртви во уривање на воен хеликоптер во Колумбија

Воен хеликоптер се урна во северна Колумбија при што загинаа сите девет патници во него, соопшти армијата на јужноамериканската земја.

Хеликоптерот Ми-17 се урнал во близина на градот Аренал дел Сур во департманот Боливар во северна Колумбија, соопшти војската.

- Жалам за смртта на деветмината војници во воениот хеликоптер што требаше да ги снабди војниците во борбата против кланот дел Голфо на југот на Боливар, напиша колумбискиот претседател Густаво Петро на Х.

Кланот дел Голфо (Заливски клан) е најмоќната криминална организација во Колумбија. Криминалниот синдикат ги регрутира своите членови главно од поранешните десничарски паравојски и се претпоставува дека има околу 6.000 вооружени мажи.

Покрај трговијата со дрога, организацијата се занимава со илегални ископувања и рекет за заштита и е одговорна за бројни убиства и одземање на имот. Минатата година, поранешниот шеф на картелот, Даиро Антонио Усуга, попознат како Отониел, беше осуден на 45 години затвор во САД.

притисни ентер