Франција ги претстави предлозите за намалување на тензиите меѓу Израел и Хезболах

Во изминатите шест месеци, напоредно со војната во Појасот Газа, Израел и либанскиот Хезболах секојдневно разменуваа оган од двете страни на границата.

Француските власти денеска им презентираа предлози на либанските власти со цел да се намалат тензиите меѓу Израел и проиранската милитантна група Хезболах, изјави францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне, додавајќи дека официјален Париз се обидува да посредува меѓу конфликтните страни.

„Имавме неколку предлози до либанската страна. Имаме околу 20.000 Французи во Либан за кои војната во 2006 година беше особено драматична, меѓу другото, и затоа соработуваме со Либан“, рече Сежурне во пресрет на состанокот во Ерусалим со израелскиот министерот за надворешни работи Израел Кац.

Сежурне рече дека основата на францускиот предлог е да се обезбеди спроведување на резолуцијата 1701 на ОН. Хезболах рече дека нема да влезе во конкретни разговори додека не дојде до прекин на огнот во Појасот Газа, каде што војната меѓу Израел и Хамас влезе во седмиот месец.

Во изминатите шест месеци, напоредно со војната во Појасот Газа, Израел и либанскиот Хезболах секојдневно разменуваа оган од двете страни на границата. /МИА

Продолжи судењето по тужбата на Канал 5 и управителот Иван Мирчевски против Џабир Дерала

Адвокатот на Канал 5 во постапката – Даниел Ѓеорѓиевски посочи дека оние кои најмногу се прокламираат како борци за слободата на говор, најмногу истата ја злоупотребуваат и смета дека пред судот претстои лесна задача.

По серијата навреди кон Канал 5 и директорот Иван Мирчевски, сопственикот и уредник на Цивил Медиа, Џабир Мемеди, во јавноста попознат како Дерала денеска се појави во граѓанскиот суд во својство на тужен за клевета, навреда и говор на омраза, поради статиите што ги напиша по гостувањето на владиниот советник Исмет Рамадани во „Само вистина“.

Адвокатот на Канал 5 во постапката – Даниел Ѓеорѓиевски посочи дека оние кои најмногу се прокламираат како борци за слободата на говор, најмногу истата ја злоупотребуваат и смета дека пред судот претстои лесна задача...

-Постојат писмени докази, кои се евидентирани, доставени до судот од кои што судот ќе треба да утврди повреда од одредбите на законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда, затоа сметаме дека судот ќе има лесна задача во овој процес затоа што треба да ја изгледа емисијата да ги согледа доказите да направи сеопфатна анализа и да донесе законита одлука.

На денешното рочиште, како сведоци беа повикани и Исмет Рамадани и новинарот и водител Александар Видиновски, кој во емисијата беше обвинет дека наводно ги дискриминирал Албанците...

-После емисијата влеговме со новинарот Видиновски во една од канцелариите, каде разговаравме и ги споделивме нашите гледиштата дека не гаиме никаков национализам, ми кажа дека учел во Зефљуш Марку, јас му кажав дека сум предавал таму и сум бил директор и на крајот, по конструктивниот разговор заклучивме дека и двајцата не сме националисти. – рече Рамадани..

Од другата страна, Видиновски, уверува, дека Рамадани уште вечерта се извинил за искажаното во емисијата пред да си замине од телевизијата..

-Практично ги повтори зборовите што јас ги кажав, кажа дека после емисијата седнавме, пријателски разговаравме, утврдивме дека и двајцата не сме националисти, малку подобро се запознавме и констатираше дека немало потреба од сето она што се случи со неговото однесување во емисијата.- Александар Видиновски – сведок и новинар од Канал 5 Телевизија

Директорот на Канал 5 – Иван Мирчевски вели дека со исказот на Рамадани се потврдува причината за тужбата на телевизијата како првотужител и неговата како второтужител...

-Мислам дека со тој момент, страната која што е тужена во овој случај, Цивил Медиа или Џабир Мемеди или Џабир Дерала, да го викаме Џабир Дерала Мемеди најдобро, мислам дека со неговата изјава само се потврдија нашите наоди за нивните клевети и навреди така да останува на судот да ги цени овие денешни искази и да видиме што ќе донесе главното рочиште.

Во случајот против Џабир Дерала и „Цивил Медиа“ првотужител е Канал 5 ТВ, а второтужител е директорот Иван Мирчевски на чија сметка тужениот упати бројни навреди. Следното рочиште е закажано за 13 септември каде ќе бидат сослушани тужителите и тужениот.

Нови 44 случаи на голема кашлица, вкупната бројка на заболени достигна 597

- Дистрибуцијата по пол покажува дека 283 лица се од машки пол, а 314 од женски, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Од 10 до 16 мај пријавени се 44 нови случаи на голема кашлица во државава, со зголемување од трипати споредено со претходниот седмодневен период. Заклучно со 16 мај во државава се регистрирани вкупно 597 случаи на голема кашлица, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од новите 44 случаи, пријавени се во рамките на епидемијата во Скопје - 39, па четири случаи од Куманово и еден од Прилеп. Возраста на заболените се движи од три месеци до 77 години, а најголем број случаи се од возрасната група од пет до девет години. Од новите 44 случаи, пет се хоспитализирани.

- Дистрибуцијата по пол покажува дека 283 лица се од машки пол, а 314 од женски, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Од Институтот потсетуваат дека во тек се две епидемии, пријавени во ниво на територијата на Скопје и на Куманово.

Од 18 јануари до 16 мај, дадени се вкупно 47.982 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица. /МИА

Одбележани 82 години од смрта на Незлобински

Преку националната установа, како што истакна директорот на музејот „Д-р Никола Незлобински“ Дарко Прензоски, го продолжуваме и славиме неговото дело.

Со положување цвеќе на вечното почивалиште на Никола Незлобински, вработените во Струшкиот музеј, кој го носи неговото име и невладината организација „Каприкорн 2010“ одбележаа 82 години од смрттта на рускиот лекар, кој во Струга пристигнал во 1924 година со цел да ја уништи маларијата и станал основоположник на првата здравствена институција во Струга. Како голем љубител на природата се занимавал и со собирање и препарирање растителни и животински примероци развивајќи ја и музејската дејност, во чија чест е наречен и Музејот во Струга.

Преку националната установа, како што истакна директорот на музејот „Д-р Никола Незлобински“ Дарко Прензоски, го продолжуваме и славиме неговото дело.

- Незлобински е значајна личност за нашиот град и горди сме што денеска му оддадовме почит, по повод 82 години од неговата смрт. Се потсетивме дека во 1938 година, д-р Никола Незлобински покренал иницијатива за изградба на нова, посебна музејска зграда, за која самиот ги подготвил плановите, а тој го изготвил и ентериерното решение за експозицијата на музејската поставка. Така, во 1938 година, Музејот бил отворен за прием на посетителите. Во знак на благодарност кон човекот што го создал, организирал и промовирал, Музејот во Струга, го доби неговото име, изјави Прензоски.

Со обновување и осовременување на диорамата каде што е сместен најпознатиот експонат во Музејот - мечката, денеска заврши и обуката за препарирање, која ја реализираше самостојниот препаратор Васко Јолески.

- На оваа обука што ја реализирав изминатиов месец, учестуваа љубители на музејската дејност од сите возрасти. Имаа можност да научат како се изработува вештачка флора и фауна, како се препарира, како се одржуваат и заштитуваат експонатите во музејот, истакна Јолески.

Влезот во Струшкиот музеј утре, на Светскиот ден на музеите, ќе биде слободен за сите посетители.

притисни ентер