ФФМ и федерациите од регионот со безусловна поддршка за Чеферин

На регионален состанок во Тирана, фудбалските асоцијаци од Југоисточна Европа, меѓу нив и ФФМ безусловно изразија поддршка за претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александар Чеферин и неговата администрација.

- Фудбалската федерација на Македонија заедно со десет национални асоцијации членки на УЕФА од Југоисточна Европа денеска на состанок во Тирана ја потврдија безусловната поддршка за претседателот на УЕФА, Александар Чеферин. На регионалниот состанок чиј домаќин беше Албанската фудбалска Асоцијација, главниот фокус се однесуваше на критичните аспекти на стратегијата за развој на фудбалот на УЕФА како што се: идниот формат на клупските натпреварувања на УЕФА по 2024 година и новата програма за солидарност. Босна и Херцеговина, Хрватска, Кипар, Грција, Косово, Црна Гора, Македонија, Србија, Словенија, Турција и Албанија со свои претставници беа дел од регионалниот состанок во Тирана, соопшти ФФМ.

На состанокот се дискутираше за прашања кои се однесуваат на судењето на натпреварите, споделување податоци и финансиски анализи, потоа предизвици околу првенствата кои влегуваат во системите за обложување и можности кои се појавуваат за државите / асоцијациите.

Фудбалската федерација на Македонија на состанокот во Тирана беше претставувана од претседателот, Муамед Сејдини, генералниот секретар, Наталија Илиевска Божиновска и членот на Управниот одбор, Владимир Гашевски. /МИА

Принцот Хари доаѓа во Лондон, кралот е презафатен за да го прими

Принцот Хари пристигнува во Лондон, но се чини, нема да се сретне со својот татко, британскиот крал Чарлс. 

Веројатноста за подолга средба е многу мала, како што пишуваат британските медиуми, наводно бидејќи распоредот на кралот Чарлс е прилично густ.

Хари патува за Велика Британија по повод свеченоста за 10-годишнината од „Инвиктус игрите“. Тој утре ќе биде на богослужбата на благодарност во лондонската катедрала „Сент Пол“, каде што се очекува и принцот да одржи говор.

„Телеграф“ пишува дека кралот најверојатно нема да го прими принцот бидејќи неговата посета се совпаѓа со враќањето на кралот на јавните должности. А, на денот кога Хари ќе дојде во Лондон, Чарлс има средба со премиерот на Англија.

Не се очекува, исто така, Хари да се сретне ниту со Вилијам и Кејт, која се лекува од рак. Инаку, иако е познато дека двајцата браќа се скарани со години, Хари и Меган јавно ѝ испратија поздрави и желби за побрзо оздравување на Кејт кога таа ја објави веста за болеста.

Г.Скопје: Продолжува реализацијата на првата фаза на изградбата на подземната инфраструктура

Продолжува реализацијата на првата фаза на изградбата на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска.

Град Скопје продолжува со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска, која опфаќа и нова водоводна мрежа која произлегува од градската програма за работа.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со екипи од ЈП Водовод и канализација Скопје и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, денес извршија увид во реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект.

Во оваа фаза од изградбата на водоводната мрежа која се движи на трасата по новопроектираниот булевар Хрватска и заради формирање на прстенеста циркулациона мрежа и создавање на подобри хидраулички услови во градската водоводна мрежа предвидено е поврзување на двата магистрални доводи на вода Рашче со профил од Ф1600 и постоечкиот цевковод со профил од Ф700 на булевар Александар Mакедонски.

Со почеток на реализација на предвидениот магистрален цевковод со профил од Ф700 милиметри, по новопредвиден булевар Хрватска во првата фаза, започнати се градежните активности на поврзување на булевар Александар Македонски кај Естекада. Вкупната предвидена должина на магистралниот цевковод по булеварот Хрватска изнесува 2,8 километри. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.

Град Скопје

Фајненшл Тајмс му дозволи на ЧатЏПТ да ги користи неговите написи за обука

Фајненшл тајмс потпиша договор со OpenAI за лиценцирање на содржината на весникот за развој на модели со вештачка интелигенција и дозволи ChatGPT да одговара на прашања со резимеа што му се припишуваат на весникот.

Развивачот на вештачка интелигенција склучил договор за лиценца со британскиот деловен весник и ќе може да користи написи од Фајненшл Тајмс, се вели во соопштението. ChatGPT, исто така, ќе може да одговара на прашањата на корисниците со информации од написите на Фајненшл Тајмс, вклучително и линкови до веб-страницата на весникот.

Во последниве месеци, германската Axel Springer Group и францускиот весник Монд (Le Monde) потпишаа договори со OpenAI. Од друга страна, Њујорк Тајмс во декември ја изведе компанијата на суд, тврдејќи дека ChatGPT бил обучен со написи на весникот без дозвола.

ChatGPT го поттикна интересирањето околу вештачката интелигенција пред повеќе од една година.

Ваквите генеративни чет-ботови со вештачка интелигенција се обучени со огромни количини на информации и можат да формулираат текстови на лингвистичко ниво на човек, да пишуваат софтверски код и да сумираат информации.

Принципот зад ова е дека чет-ботовите проценуваат од збор до збор како треба да продолжи реченицата, врз основа на веројатност.

притисни ентер